Во организација на институтот „Гете“

Од 16 мај до 3 јуни младите ќе имаат можност во Кинотеката на Македонија да видат пет наградени филмови за деца и за млади што досега не биле прикажани во Македонија. Од нив, четири се филмски адаптации на познати книги. Првите пет проекции ќе бидат наменети за организирана посета од основните училишта, а репризните проекции за време на викендите се отворени за сите љубители на филмот.

Во НУБ „Св. Климент Охридски“ Скопје, пак, од 17 до 31 мај е отворена изложбата „Стрип, манга и ко.
Новата германска стрип-култура“. Таа ги претставува актуелните тенденции во областа на стрипот преку делата на 13 стрип-цртачи од Германија. Посетителите имаат можност да ги разгледаат и оригиналните изданија на стриповите застапени во изложбата.

Истовремено, преку видеопроекции ќе бидат претставени резултатите од првата фаза на проектот „Тријалог“, инициран од „Гете институт“ во рамките на регионалниот проект „Гете-герила“. „Тријалог“ е нова форма на креативна соработка меѓу уметници на Балканот. Во текот на првата фаза на проектот, тројца уметници од три различни града (Скопје, Белград и Херцег Нови) заедно и истовремено цртаа на едно „платно“ на тема „Град“.