ЗДРУЖЕНИЕ НА ЧЛЕНОВИТЕ НА ФАМИЛИИТЕ НА ЗАГИНАТИТЕ ПРИПАДНИЦИ НА ВООРУЖЕНИТЕ СИЛИ НА МКАЛЕДОНИЈА ВО ВОЈНАТА 2001 ГОДИНА - ХЕРОИ НА МАКЕДОНИЈА

СПОМЕНИКОТ НА БРАНИТЕЛИТЕ ОД 2001 СВЕЧЕНО ЌЕ СЕ ОТКРИЕ НА 23 ОКТОМВРИ

20 октомври 2011 година, Скопје, Македонија - Споменикот на бранителите, на загинатите припадници на Вооружените сили на Македонија во војната 2001 година, свечено ќе се открие на 23 октомври 2011 година (недела) со почеток во 11 часот, јави Здружението на членовите на фамилиите на загинатите припадници на Вооружените сили на Македонија во војната 2001 - херои на Македонија.

Споменикот на бранителите е изграден со одлука на општина Центар, а идејното решение е на скулптурот Киро Мукаедов. Споменикот на бранителите се наоѓа во Жена-парк пред Градскиот трговски центар и Собранието на Република Македонија, до Триумфалната капија.

На бронзената плоча на Паметникот испишани се имињата на сите убиени припадници на Вооружените сили на Македонија во војната 2001 година, меѓу нив Македонци, Роми, Турци, Албанци, Срби, христијани и муслимани.

На свеченото отворање на Споменикот државната химна ќе ја испее Калиопи.

Свежо цвеќе на Споменикот ќе положат делегации на Здружението, државни делегации, Полицискиот и Армискиот синдикат, членови на фамилиите на загинатите, родители, сопруги и нивните деца, како и здруженија, пријатели и граѓани.

На свеченото откривање на Споменикот добредојдени се сите граѓани на Македонија и здруженијата на граѓаните.

- Навршија десет тажни години од војната во 2001 година, во која прерано загинаа нашите деца, за одбрана на територијалниот интегритет и суверенитетот на Македонија. Ги откорна судбината од нас и од радоста на животот. Нам ни останаа солзите, тагата и болката, спомените за најмилите. И покрај се, на десетгодишнината од прерано упокоените, и покрај горчината во душата, останува гордоста, поклонети пред Споменикот до Триумфалната капија и Собранието на Македонија, како помен на државата за нашите, за синовите кои ја бранеа татковината! Ќе доаѓаме секоја година пред Споменикот на незаборавот, да ги потсетиме живите на ужасите од војните, на мирот и љубовта, како гаранција за стабилноста и безбедноста на земјата. Било, да не се повтори! Нека Господ им подари мир во душите на упокоените, а здравје на живите кои ги чуваат спомените за загинатите, - ни изјави Владе Стојанов, претседател на Здружението на членовите на фамилиите на загинатите припадници на Вооружените сили на Македонија во војната 2001 - херои на Македонија.