ВАПЦУВАЊЕ СО ПРИРОДНИ БОИ

Прво сварете ги јајцата. Потоа потопете ги во некој од подолу дадените раствори и оставете ги да стојат околу половина час. Извадете ги и премачкајте ги со масло.

РОЗОВИ
Измешајте една чаша течност од конзервирано цвекло, ½ чајна лажичка оцет и 3 чаши вода.

СИНИ
За потемно сини јајца, употребете 1 чаша пурпурен сок од грозје, ½ чајна лажица оцет и 3 чаши вода. За посветло сини, во сад ставете листови од црвена зелка (1 чаша), 1 чајна лажичка оцет и 3 чаши вода. Варете половина час, а пред да ги ставите јајцата внатре, оставете ја смесата да се излади.

ЖОЛТИ
Во сад измешајте 1 чајна лажичка куркума, 1 чајна лажичка оцет и 3 чаши
вода. Ставете ја смесата да се вари половина час. Откако ќе се излади, отстранете ја куркумата и потопете ги јајцата во течноста. Може да употребите и смеса од кора од еден портокал со 2 лажици оцет и 4 чаши вода.

КАФЕНИ
Потребно е 1 чаша силно кафе со 1 чајна лажица оцет.

ПОРТОКАЛОВИ
Во тенџере ставете лушпи од две главици кромид, додајте 1 чајна лажица оцет и 3 чаши вода. Варете половина час. Пред да ги ставите јајцата, извадете ги лушпите и оставете ја течноста да се излади.

crveni.jajca.jpg
СОВЕТ ЗА УСПЕШНО ВАПЦУВАЊЕ НА ЈАЈЦАТА

За успешно вапсување на јајцата добро е да ги знаете следниве работи: Јајцата пред вапсувањето треба да отстојат три часа на собна температура.
Пред вапсувањето јајцата убаво измијте ги со вода во која сте додале малку оцет или лимонов сок. Во поголемо тенџере на оган, кое може да ги собере сите јајца, ставете еден литар вода, додадете по една лажица сол и оцет и оставете водата да зоврие. Бојата за вапсување на јајцата размешајте ја со малку студена вода. Кога водата во тенџерето ќе зоврие додадете ја размешаната боја и промешајте. Потоа вниматено во тенџерето ставете ги јајцата. Варете најмногу 5 минути. Доколку сакате јајцата да имаат сјај, премачкајте ги со крпа натопена со масло за јадење.

ИДЕЈА ПОВЕЌЕ ЗА ШАРАЊЕ НА ЈАЈЦАТА ЦРТАЊЕ СО ВОСОК

Цртањето со восок е еден од традиционалните начини на украсување на јајцата.
Железно перо прицврстено на дрвен држач се потопува во растопен восок, па на тврдо варено јајце се изработуваат ликови. Перото постојано се загрева на свеќа, така што со восокот подобро се работи. Кога восокот ќе се стврдне на јајцето, тогаш потопете го јајцето во боја, а потоа тргнете го восокот. На тој дел каде што бил восокот ќе остане необоен.

КАМЕНИ ЈАЈЦА

За јајцата да изгледаат како да се од камен или од мермер, секое одделно завиткајте го во газа или некоја ткаенина. Потоа јајцето спуштете го во врелата вода во која сте раствориле сина боја за вапсување. Од сварените јајца отстранете ја газата или ткаенината и ќе добиете јајца со различни шари, а нијансите на сината боја ќе се движат од најсветли до темносини тонови.

СЛИКАНИ ЈАЈЦА

Исцртувањето со водени боички и туш, па потоа премачкување со безбоен лак е техника која ќе ви овозможи белото јајце да се претвори во вистинско ремек дело.
Оние помалку стрпливите најчесто се определуваат за шарање со лепливи сликички и апликации во различни дезени. Најмладите ќе бидат најсреќни доколку им овозможите јајцата да ги сликаат со разнобојни фломастери, изработени од бои кои не се штетни.

ЈАЈЦА УКРАСЕНИ СО ЗАЧИНИ ИЛИ ПЕСОК ВО БОЈА

Самолепливата лента исечете ја во саканиот облик и залепете ја на сварените јајца.
Во посебни садови издвојте различни зачини (сол, црн пипер, црвен пипер...). Секое парче од самолепливата лента свалкајте го во различен зачин. Наместо зачин, може да користите песок во различни бои.

УКРАСУВАЊЕ НА ЈАЈЦАТА СО ЛИВЧИЊА

Иако можеби малку застарен, сепак начинот на вапсање и украсување со ливчиња дава единствени и уникатно исшарани јајца.
Соберете ливчиња од разновидни растенија што изгледаат необично или пак искомбинирајте неколку за едно јајце. Ставете го ливчето на јајцето. Потоа внимателно, ливчето да не се превитка, заврзете го јајцето во најлон чорап и затегнете со врзување јазол. Вапсајте ги јајцата, во претходно подготвената боја.
Откако ќе ја добиете саканата нијанса, извадете ги, оставете една минута да се исцедат, пресечете го најлонот и внимателно отстранете ги ливчињата.

 

 

Извор: НАША ПАРОХИЈА- гласник на црквата св.Петка, Скопје

Април 2011