Предупредување дека реката е опасно загадена и полна со хемикалии


Крштевањето во Јордан ќе се забрани!?


Местото завчера било затворено, за да може да се тестира водата, по прелиминарните резултати од испитувањето кои покажале присуство на високо ниво на отпадни води и земјоделски хемикалии


Израелското Министерство за здравство предупреди дека водата во реката Јордан е опасно загадена, токму на познатото место за крштевање, каде е крстен Исус Христос, и дека на христијанските верници би можело да им биде забрането да влегуваат во водата.
Местото завчера било затворено, за да може да се тестира водата, по прелиминарните резултати од испитувањето кои покажале присуство на високо ниво на отпадни води и земјоделски хемикалии.

Во реката се влеваат отпадните води од државите Израел, Јордан и палестинските територии, а организацијата "Пријатели на Земјата" веќе почна кампања да им се забрани на луѓето да влегуваат во неа. Околу 100.000 луѓе секоја година го посетуваат местото Касар ал Јахуд на израелско-јорданската граница за да се крстат во водата која се смета за света.

Пристап до местото е дозволен само со согласност од израелската цивилна администрација, која го контролира поголемиот дел на Западниот Брег. На влезот се поставени знаци со предупредувања дека реката е загадена и дека има подметнати мини. Посетителите одат во придружба на вооружени лица. Границата минува низ средина на реката. И Израел и Јордан тврдат дека првото место на крштевањето е токму на нивна територија и се натпреваруваат во изградба на хотели за да ги привлечат туристите.

Извор: http://www.vecer.com.mk/default.asp?ItemID=275131CD7B13DC42AD36BFD4C9F6802D