Почна изградбата на жичарницата кон Милениумскиот крст
22:00 | 02.05.2010 | Автор: МИА

 Со поставување камен темелник денеска на Средно Водно почна изградбата на жицарницата до Милениумскиот крст, капитален проект на Владата вреден 408 милиони денари, односно 6,7 милиони eвра.
Премиерот Никола Груевски означувајќи го стартот на работата истакна дека со изградбата на Жичарницата ќе се овозможи пристап до Милениумскиот крст, највисокиот објект во Македонија, кој изминативе години стана препознатлив симбол за Скопје и државата, а кој посетителите на градот го гледаа само во далечина и немаа можност за негово разгледување од близина. Со тоа, додаде, проектот ќе создаде можност
 за потикнување на развојот на туризмот.
- Овој проект ќе биде од огромно значење за нашиот главен град. Изградбата на Жичарницата до Милениумскиот крст на Скопје, како и на целата рекреативна активност на Водно ќе и даде посебен дух и обележје. Таа ќе претставува огромна придобивка за граѓаните и посетителите на главниот град, а со неа ќе се овозможи искачување на Водно од централното градско подрачје за приближно 10 минути, како и можност за пренос на 1.200 патници во еден час, рече Груевски.
На отпочнувањето на работите присуствуваше и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој истакна дека станува збор за еднојажна кабинска жичарницата со кружен тек, во должина од 3.450 метри, со гондоли од затворен тип и брзина на движење од 6 метри во секунда. Жичарницата ќе биде изградена според сите безбедносни и еколошки стандарди.
- Со реализацијата на овој проект постарите граѓани на градот Скопје и на Република Македонија ќе можат да уживаат во прошетките во природата, ќе се создаде можност за рекреативно спортување на младите генерации, како и можност за сите грѓани да уживаат во чистиот воздух и живописната природа на највисоките делови од Водно, рече Јанакиески.

Проектот ќе се одвива во две фази и три секции од кои првата секција Средно Водно-Милениумски крст треба да биде готова кон крајот на годината со што околу новогодишните празници кабините на Жичарницата ќе бидат спремни да ги примат првите патници. До крајот на годината треба да се завршат и проектите за втората секција на жичарницата на потегот од Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле до Средно Водно, како и за третата секција од црквата „Св Јован Кртсител“ до Институтот.
Јанакиески ги демантираше тврдењата дека изградбата на Жичарницата ќе им наштети на децата кои се лечат во Институтот во Козле и посочи дека втората секција е стојалиште кое ќе се користи исклучиво за децата сместени во оваа болница.
Проектот за изградба на жицарницата како и целосната изведба ќе го врши австриската компанија „Допелмаер", која беше избрана за најповолен понудувач на јавната набавка спроведена од Министерството за транспорт и врски.