Новинарската фела во пет минути до 12 часот на плоштадот „Македонија“ ќе го крене гласот поради политичките притисоци

 

Новинарите утре во пет минути до 12 часот симболично ќе ја прекинат работата само на пет минути, а в понеделник во истиот термин ќе протестираат на плоштадот „Македонија“ во Скопје. Македонските новинари ќе го кренат гласот против високите казни за клевета, политичките притисоци со кои се соочуваат, но и поради несоодветниот третман и ниското вреднување на професијата што изобилува со стрес.

 

Моментно се водат 160 судски процеси против новинари, тужени од сегашни и поранешни високи политички функционери, бизнисмени, судии, па дури и од криминалци. Според некои согледувања, на најмалку петмина новинари денот им почнува со судски рочишта. Највисоката судска пресуда за клевета и' е изречена на новинарка од Сител телевизија и изнесува околу 17.000 евра.

 

Македонската новинарска фела со излегување на протестот ќе се приклучи кон одбележувањето на 3 Мај - Светски ден на слободата на медиумите.

 

Организатор на протестот е Здружението на новинарите на Македонија, кое по повод Светскиот ден на слободата на печатот повикува на „пет минути громогласна тишина“! Демонстрацијата на незадоволството ќе биде искажана под мотото „За достоинство на новинарите, за достоинствена професија“.

 

За таа цел Здружението на новинарите ги повикува сите новинари и медиумски работници од Македонија најмасовно досега да се одбележи овој ден.

 

Од Здружението апелираат утре од 11,55 часот до 12 часот да се исклучи програмата на електронските медиуми и да се испишат на кајрон или да се прочитаат мотото и повикот за протестот на 4 мај! Во печатените медиуми да се одвои простор во кој на црна заднина ќе се испишат мотото на протестот и повикот за протестот.

 

„Новинските агенции и медиумите во електронска форма, на начин својствен за нив, исто така да го одбележат Светскиот ден на слободата на печатот и да ги објават мотото и повикот за протестот. Сите новинари да ја прекинат симболично својата работа во тие пет минути, без оглед каде се наоѓаат, во редакција или на терен. На 4 мај ве очекуваме во 11,30 ч. пред Здружението на новинарите на Македонија да се приклучите на дефилето или да дојдете во 11,55 часот на плоштадот ’Македонија‘ сите заедно да го дигнеме гласот против лошата состојба на македонското новинарство, за пресудите, за притисоците, за политичките влијанија, за платите…“, се вели во соопштението од Здружението на новинарите. (О.В.)