Мултимедијалниот проект „Авантурите на Дино“ е избран за македонски претставник на меѓународниот избор за Наградата на светскиот самит за информатичко општество (World Summit award, www.wsa.org.mk) во категоријата е-учење и образование. По презентирањето во Стопанската комора на Република Македонија, беа избрани победниците во осум категории: е-култура и наследство, е-бизнис и трговија, е-наука и технологија, е-владеење на институции, е-здравство и животна средина, е-забава и игри и е-вклучување и учество, и е-учење и образование.
 
- Македонските претставници на овој глобален натпревар ги одбра мултидисциплинарното жири на Светскиот самит за информатичко општество. Жирито имаше задача да одбере по еден претставник во осум категории на проекти, кои нудат креативни и иновативни е-содржини. Во категоријата е-учење и образование, жирито со 14 гласа „за“ и „0“ гласови против, одлучи македонски претставник да биде софтверот за едукација на деца „Авантурите на Дино“ на нашата компанија „Зона“, која развива едукативни е-проекти за деца од предучилишна и училишна возраст - вели Валентина Дисоска управител на „Зона“.
Сега македонските организации, по електронски пат, најдоцна до 10 јануари треба да ги пријават победниците по категории на веб сајтот на глобалната Награда на светскиот самит.
 
Оваа глобална награда за избор и промоција на најдобра е-содржина, почна да се доделува во 2003 година во рамките на Светскиот самит за информатичко општество на Обединетите нации, а досега во овој проект активно се вклучиле 168 земји. Процесот се одвива по пат на национални избори, а финишира со еден глобален избор, кој се одржува на секои две години. Освен тоа, се организираат и многубројни национални и меѓународни конференции и работилници посветени на содржините, наречени „Патувачко шоу на Наградата на Светскиот самит“.
 
Редакцијата „Нова Македонија“ меѓу првите ја согледа вредноста на овој проект и активно учествуваше во неговото промовирање. Интерактивната боенка „Авантурите на Дино“ најпрво беше инсертирана во весникот, што наиде на извонреден прием кај најмалите читатели. Потоа во рамките на завршната свеченост на телевизискиот серијал „Ај ти замижи“, во преполната Универзална сала боенките на присутните им ги делеше голема кукла со ликот на Дино.
 
Во почетокот на учебната 2008/2009 година боенката Дино им беше дистрибуирана на првоодделенците во повеќе од триесет скопски основни училишта, а потоа и во четириесетина училишта во повеќе градови во Македонија. Сите овие акции беа проследени на страниците на додатокот за деца „Колибри“ во „Нова Македонија“.
 
М.Т.