Охрид, 27 ноември (МИА) – Патрониот празник на Охрид – 8 декември оваа година за прв пат ќе се празнува четири дена.

Прославувањето на Свети Климент Охридски почнува в петок, на 5 декември, со свечена програма во Центарот за култура „Григор Прличев“, на која покрај патрониот празник ќе биде одбележана и 100-годишнината од основањето на ОУ „Свети Климент Охридски“.

Наредниот ден во Центарот за култура ќе се одржи свечена академија по повод празникот. Истиот ден во изложбениот простор на центарот ќе биде отворена изложба на ликовни творби на поранешни и сегашни ученици од ОУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид.

Третиот ден од празнувањето е резервиран за промоција на стихозбирката „Лов на Лебедовото Езеро“ од Тоде Илиевски, што ќе се одржи во Прличева одаја во Народната универзитетска библиотека „Григор Прличев“, додека  во галеријата на Центарот за култура ќе биде отворена изложба на роднокрајни ликовни уметници од Охрид. Истиот ден ќе се одржи и церемонијата на доделувањето на највисоките општински признанија - наградата и повелбите „Св. Климент Охридски“.

В понеделник на 8 декември свеченостите продолжуваат со полагање цвеќе пред споменикот на Св.Климент Охридски на градскиот плоштад, а манифестациите ќе бидат заокружени со отворањето на Музејот на вода на локалитетот Градиште. аб/дма/19:46