Скопје, 31 јули (МИА) - Двата историски Илиндена - 105 години од Илинденското востание и 64 години од Првото заседание на АСНОМ  в сабота  ќе бидат одбележани со народни собири на Мечкин Камен во Крушево и во кумановско Пелинце. Делегацијата во Пелинце ќе ја предводи премиерот Никола Груевски, а во Крушево - претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.

Поради неизвесноста и оставањето до последен миг да се чека позитивен одговор од Белград за посета на манастирот Св. Прохор Пчињски, автентичното место на вториот Илинден во историјата на македонскиот народ, Владата и оваа, трета година по ред, одлучи да не упатува официјално барање и таму да не испраќа државна делегација, а  настанот да го чествува кај меморијалниот комплекс во Пелинце.

Во битолското село Трново на 2 Август ќе биде одржана  37-та Светска македонска иселеничка средба, во организација на Матицата на иселениците од Македонија и Светскиот македонски конгрес. Се очекува присуство на повеќе илјади Македонци од Македонија и од светот. Организаторите соопштија дека македонското друштво „Гоце Делчев“ од Врање ќе го слави Илинден во манастирот „Св. Прохор Пчињски“.

Во Смилево, пак, каде што на Смилевскиот конгрес, во мај 1903 година, е донесена одлуката за кревање на Илинденското востание,  Друштвото на писателите на Македонија организира писателска средба,  на која ќе настапат 15 членови на оваа асоцијација. Средбата ќе биде одржана во рамките на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“.

На прагот на 20 век кога во Европа се подготвуваат социјалистички востанија, во Македонија се случува 1903-та - година која ја одбележува грандиозниот подвиг на гемиџиите,  загинувањето на Гоце Делчев во Баница и конгресот во Смилево на кој во куќата на Даме Груев е донесено решение за почеток на востание.

Точно на полноќ спроти Илинден 1903 бијат камбаните во Крушево и го објавуваат почетокот на востанието. Се развиорува црвеното знаме „Слобода или смрт“ и се разгласува Крушевскиот манифест. Околу 800 востаници го ослободуваат градот. По два дена Никола Карев ја прогласува Крушевската република и станува нејзин претседател... Републиката ги живее десетте денови слобода.

Неколкуилјадна  османлиска војска, под команда на Бахтијар-паша, тргнува во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули го означуваат и крајот на Крушевската Република. Крушево е бомбардирано, запалено и разурнато, а поразот на Илинденското востание наидува на силен одглас во светот и на симпатии и солидарност кај меѓународната јавност, која се вклучува во хуманата акција за помош на настраданите.

Главното пропагандно оружје на револуционерните чети е легендарното црешово топче. За два месеца, пред и за време на востанието, биле направени 17 топови од црешово дрво, со должина од 80 до 150 сантиметри и тежина од 20 до 70 килограми. За поголема отпорност биле зацврстувани со железни обрачи. Мајстори на „арсеналот“ биле Цветко Стојчев од Селце и Тодор Борјар, според скица на Тодор Христов. Муницијата доаѓала од бомболеарницата во Битола. Оригинално црешово топче се чува во Воениот музеј во Истанбул, кое престојуваше во Македонија во 2003 година, на изложбата по повод сто години од Илинденското востание.

Точно 41 година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски во близина на Куманово 115 делегати го одржаа Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија.

Заседанието го отвори Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена, со зборовите: „Денеска е Вториот Илинден, последен Илинден на неслободна Македонија, се ставаат темелите на македонската држава“. Избран е Президиум на АСНОМ, во состав: Методија Андонов Ченто (претседател), Панко Брашнаров и Емануел Чучков (потпретседатели) и Љупчо Арсов и Владимир Полежиноски (секретари).

Заседанието усвои неколку документи со државнотворно значење - Решение за конституирање на АСНОМ како врховен законодавен и извршен претставнички орган на демократска Македонија, Решение за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларација за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија - која со својот либерален и демократски карактер и денеска, по шест децении, може да биде пример за заштита на правата на луѓето во една современа држава.

Од 28-ми до 30 декември во слободно Скопје е одржано Второто заседание на АСНОМ. Од 14-ти до 16 април 1945 година - Третото заседание на АСНОМ, кога е избрана Влада на Народна Република Македонија и се оформени органите на власт на новата македонска држава, создавана во текот на Народноослободителната војна. хс/паг/12:51