250664.b.jpg

5 ноември 2016 лето Господово

Археолозите што го истражуваа гробот Господов во Ерусалим,250664.b.jpg откако за првпат после 450 години беше тргната заштитната мермерна плоча што го затвораше гробот, утврдија дека погребниот одар на Христос се сочувал неоштетен. Истражувањето кое траеше 60 часа го спроведоа стручњаци од Атинскиот Универзитет, со поддршка на израилски и ерменски археолози.

Гробот Господов бил всушност издлабена гробница во природна карпа, во којашто се наоѓал камен погребен одар и притоа оваа пештера била урната во 1009 година. До денешно време е сочувано само дел од одарот, дел од ѕидот на пештерата и дел од влезот.

По отстранувањето на мермерната плоча и слојот на камени остатоци, научниците забележаа друга мермерна плоча со крст врежан на нејзината површина, за која се претпоставува дека е од времето на Крстоносните војни. Самиот, пак, погребен одар се покажа сосема неоштетен и покрај тоа што ѕидовите на пештерата во којашто се наоѓал биле потполно урнати во XI век, заедно со првичниот храм на гробот Господов.

„Ова е апсолутно поразително. Ми се сечат нозете, бидејќи ни малку не го очекував ова... Не можеме да кажеме со стопроцентна сигурност, сепак според нашите согледувања, имаме очигледен доказ дека гробницата не настрадала за сето oва време. А токму тоа беше прашањето со кое беа окупирани научниците и историчарите во текот на многу десетлетија“, изјави археологот Фредрик Хиберт. Освен ова, археолозите го потврдија присуството на варовник во ѕидовите на пештерата во Кувуклијата, а исто така направија и мал прозорец, за верниците да можат да ја видат светињата, по прв пат после неколку века.

Ќе напомнеме дека во Евангелието е наведено дека Исус бил погребан надвор од Ерусалим, недалеку од местото на Неговото Распетие на Голгота. Неколку години после погребението, границите на Ерусалим биле значително раширени, така што Голгота и блиската гробница влегле во рамките на градот. Во IV век, Св. Рамноапостолна царица Елена почнала да раскопува на Голгота и како резултат на тоа бил пронајден Крстот на којшто бил распнат Исус. По заповед на царицата на ова место бил основан храмот на Гробот Господово.

Извор: Православие.ру

Преземено од: Бигорски манастир