Почитувани,


Чест ни е да Ве известиме дека на 19 до 20 септември во Скопје ќе се одржи меѓународен научен симпозиум под наслов „Романизирање на ориентални богови? Религиски трансформации во балканските провинции во римскиот период. Нови наоди и перспективи“.

Симпозиумот би овозможил дискусии околу историјата и археологијата на Балканот врз основа на материјалните докази базирани на религиските транформации во Римската Империја, но и претходно. Значајното откритие на храмот на египетската божица Изида во Стоби претставува еден од поводите за организирање на овој симпозиум во Македонија. Фокусирајќи се на „ориенталните религии“ во балканските провинции, во римскиот период се спојуваат три значајни културни сфери: локалната, римската и ориенталната. Најновите теориски дебати од ова научно поле сè повеќе укажуваат на нивна интеракција. Важен аспект на овој научен собир е и прашањето за присуството на еврејската религија во римско време во Македонија, што е потврдено со животот на еврејската заедница во античко Стоби. Целта на симпозиумот е да се истражи како овие процеси се одвивале во балканските провинции и како треба да се разберат. Притоа, се надеваме да ги соединиме истражувањата околу новите перспективи со презентаците на новите наоди и толкувања од последните десетлетија.     
 
Научното водство на симпозиумот го имаат: академик Вера Битракова Грозданова (Македонска академија на науки и уметности), prof. Miguel John Versluys (Универзитет од Лајден, Холандија) и prof. Laurent Bricault (Универзитет од Тулуз, Франција). Симозиумот е во организација на Македонската академија на науки и уметности и на Национална институција Стоби.
На симпозиумот ќе земат учество повеќе од дваесет истражувачи од Холандија, Франција, Белгија, Хрватска, Србија, Грција, Бугарија и Македонија. Се очекува тие да придонесат кон центрaлната тема и квалитетот на овој собир, со тоа што ќе презентираат свои истражувања со нови резултати, наоди и толкувања.

Работниот дел на симпозиумот ќе започне на 19 септември во 9.00 часот. Официјални јазици на симпозиумот се англискиот или францускиот.


Од Организациониот одбор