ПО ПОВОД 8 СЕПТЕМВРИ ВЛАДАТА ОРГАНИЗИРА ГОЛЕМ ХЕПЕНИНГ НА "ФИЛИП ВТОРИ"


Илјадници македонски срца ќе чукаат во ритамот на седум осмини


По повод одбележувањето на 21-годишнината од независноста на Македонија, а во организација на Владата, на Националната арена Филип Втории на 8 септември ќе се одржи спектакуларен концерт на браќата Тавитјан, на кој ќе настапат многу македонски и балкански ѕвезди. Според министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, минатогодишната јубилејна прослава на 20-годишнината од независноста помина исклучително успешно, а со тоа македонскиот народ докажа дека сме нација која знае достоинствено да ги одбележува големите историски датуми.
- Оваа година државниот празник ќе биде одбележан со спектакуларен концерт кој ќе ја презентира богатата македонска музичка традиција. Македонските ѕвезди заедно со балканските обединети на една сцена на македонски јазик ќе ги изведат најубавите наслови од македонската фолклорна ризница, високо респектирајќи го нашето вредно, културно и музичко наследство по кое сме препознатливи насекаде во светот, рече Канческа-Милевска.

Централната прослава за Денот на независноста ќе се реализира во Скопје во Националната арена Филип Втории, а на неа ќе и претходи свечена академија која ќе се одржи во Македонската опера и балет на кое учество ќе земат хорот, оркестарот и солистите од оваа установа.
- Академијата ќе започне во 19 часот, а веќе од 20 часот на Националната арена ќе се одржи ревија со настапи на наши познати ѕвезди од македонската естрада. Вториот сегмент од националната прослава ќе започне во 21 часот со интонирање на македонската химна во изведба на Игор Дурловски. Веднаш потоа следи концертот на триото Тавитјан и концертната промоција на албумот Македонското срце чука во седум осминии, додаде министерката Канческа-Милевска.
На сцената заедно со браќата Тавитјан ќе настапат големите македонски и балкански ѕвезди Јосипа Лисац, Жељко Бебек, Хари Варешановиќ, Александра Радовиќ, Борис Новковиќ, Нина Бадриќ, Тереза Кесовија, Дадо Топиќ, Аки Ракимовски, Горан Каран, Сергеј Четковиќ, Јелена Томашевиќ, Антонија Шола, Калиопи Букле, Каролина Гочева, Мики Јовановски Џафер, Ристо Самарџиев, Есма Реџепова, Влатко Лозановски, Владо Јаневски и Оливер Мандиќ.

Според Гаро Тавитјан станува збор за исклучителен проект кој се занимавал со зачувување на националните културни вредности и нивно ширење на Балканот и во светот. Со концертот се завршува процесот на презентирање на македонската музика на највисоко ниво.
- Сите уметници со големо воодушевување за македонската традиција и со голема почит застанаа зад целиот проект кој се продава во неколку земји на Балканот и во дијаспората, што значи дека македонската песна ќе остане вечна. Македонската песна несомнено е една од најголемите брендови кои ги има Македонија, а самите текстови ја покажуваат историската вредност на нашата држава, додаде Тавитјан.

За манифестацијата Владата на Македонија одвои средства во висина од 58 илјади евра кои се наменети за бина, осветлување, озвучување, како и за пропаганден материјал. Во продажба се пуштени 70 илјади влезници по симболична цена од 20 денари, а секој посетител на самиот влез од арената ќе има можност да го добие албумот на браќата Тавитјан Македонското срце чука во седум осминии. Средствата од билетите, кои се веќе пуштени во продажба во Тобако и Тинекс маркетите, ќе бидат дадени за хуманитарни цели, а целиот настан директно ќе биде пренесуван на Македонската радио-телевизија и на видеобим на плоштадот Македонијаа. Владата организира и бесплатен автобуски превоз до арената Филип Втории од сите општини во државата по возен ред кој веќе е објавен во јавните гласила.


 


По повод Денот на независноста на Република Македонија, 8-ми Септември, денеска во паркот „Жена борец“ во Скопје беше отворен Споменик на паднатите херои за Македонија и беше запален вечниот оган.

 

 

 


Над 60 илјади граѓани ќе ја одбележат независноста на Македонија со концертот „Македонското срце чука во 7/8“

 

 

Скопје, 8 септември 2012 (МИА) - На Нациналната арена „Филип Втори“ вечерва 61 илјада граѓани од сите генерации со спектакуларен концерт „Македонското срце чука во 7/8“ на кој македонски и балкански музички ѕвезди ќе ги изведат преработките на стари македонски изворни песни, ќе ја одбележат 21-годишнината од независноста на Република Македонија.

Министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска на денешната прес - конферецнија по повод концертот изрази голема благодарност до македонските ѕвезди кои континуирано ја негуваат македонската изворна песна, како и до музичките легенди од Балканот, кои вечерва, на македонски јазик, ќе ги изведат најубавите наслови од нашата богата фолклорна ризница.

- Ќе следат преработки на уште многу македонски народни песни, кои ќе бидат симбиоза помеѓу модерното и изворното и кои ќе ја илустрираат богатата и специфична мелодика и орнаментика кои се силно оружје на македонскиот фолклор, рече министерката Канческа - Милевска.

Според директорот на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор Цветко Грозданов вечерва ќе се одржи еден од најголемите музички спектакли од осамостојувањето на Република Македонија.

- Концертот е посветен пред се на Република Македонија и на сите оние кои придонесоа за нејзиното осамостојување и битисување  како независна и суверена држава, истакна Лазар Попоски, директор на Агенцијата за млади и спорт и изрази надеж дека ќе прерасне во интернационален и македонскиот 7/8 ритам ќе чука низ Европа и светот.

Тереза Кесовија, во името на сите 25 музички легенди кои вечерва ќе пеат на македонски јазик, потенцира дека концертот што ќе се одржи ќе остане засекогаш забележан како најубавото единство на народот и музиката од овој регион, концерт на кој е собрана музичката историја на Балканот и пошироко во чест на Македонија.

Дадо Топиќ, кој во 1973 година ја испеа песната за Македонија на денешната прес - конференција појасни дека од неговата мајка научил повеќе македонски песни, од кои бил инспириран и ја опеал љубовта кој Македонија.

- „Таму кај што вечно сонце сјае, таму е Македонија“ и денес кога славиме заедно 21 година од независноста и за сите кои од срце ја сакаат Македонија, вечно сонце да сјае над Македонија“, рече Топиќ.

Во 21 часот на „Филип Втори“ вечерва ќе биде интонирана македонската химна во изведба на Игор Дурловски. Потоа ќе следи концертот на триото Тавитјан, а на сцената заедно со нив ќе настапат Јосипа Лисац, Жељко Бебек, Хари Варошановиќ, Александра Радовиќ, Борис Новковиќ, Нина Бадриќ, Тереза Кесовија, Дадо Топиќ, Аки Ракимовски, Горан Каран, Сергеј Четковиќ, Јелена Томашевиќ, Антонија Шола, Калиопи Букле, Каролина Гочева, Мики Јовановски Џафер, Ристо Самарџиев, Есма Реџепова, Влатко Лозановски, Владо Јаневски и Оливер Мандиќ. Сите овие музички ѕзвезди денеска на прес - конференција потенцираа дека им претставува огромна чест што се дел од ваков голем проект и упатија честитки по повод 21годишнината од независноста на Република Македонија. цр/дма/14:33

(И.Р)