17.06.2012, 17:20
Рокерско расположение со симфониски оркестар

 

На 20 јуни во Градскиот парк ќе се одржи петтото издание на „Види музика, слушни слика, добиј книга“

Тина Иванова

„Рок-симфони“ е насловот на концертот што Македонската филхармонија ќе го одржи на 20 јуни во Градскиот парк, како дел од мултимедијалниот проект „Види музика, слушни слика, добиј книга“. Покрај звуците на познати рок-хитови направени во аранжман за симфониски оркестар, посетителите ќе добијат и бесплатни примероци (20 илјади) од книгата „Снег“ од Максанс Фермин. И годинава, за да биде задоволен ликовниот сегмент на проектот, двајцата сликари, Горјан Георгиев и Невзат Бејтули Кица, инспирирани од музиката ќе сликаат на големи бели платна во димензии осум на три метри.

„Оваа година по петти пат заедно со Младинскиот културен центар го организираме овој перформанс, односно мултимедијален спектакл, што значи прославуваме еден мал јубилеј“, вели Маја Чаначевиќ, директорка на Македонската филхармонија. „Филхармонијата се одлучи на годинешниот настан да се претстави во малку поинакво и невообичаено издание. Веројатно сите се навикнати и очекуваат од нас да слушнат композиции од Моцарт, Бетовен, Верди, Штраус, Менделсон, но она што сега ќе го интерпретираме ќе биде едно големо изненадување за сите, што беше и за самиот оркестар кога им ја соопштив идејата на музичарите. Но, особено ми е драго што дел од музичарите од оркестарот ќе ги слушнеме како интерпретираат и малку поинаква музика од онаа што ја свират секој четврток. Сите тие се одлични музичари и со голема радост го прифатија овој проект, а сите нив, пак, ги познаваме многу добро од нивните настапи на различни сцени на фестивали и други концерти. Така, на овој настан, како дел од оркестарот, но сепак малку позначајни, ќе бидат Александар Поп Христов на електрична соло-гитара, Иван Бејков на бас-гитара, Емин Џијан на клавијатури и Гоце Стефковски на тапани“, вели Чаначевиќ.

Таа додава дека рокерското расположение ќе го исполни паркот како и секоја година и се надева дека граѓаните кои ќе дојдат не само што ќе уживаат во музиката, туку, вели, веројатно и на многу композиции ќе запеат.

Програмата ќе ја сочинуваат поп и рок-композиции кои ги одбележаа 80-тите и 90-тите години, теми на „Ролинг стоунс“, „Полис“, „Лед цепелин“, „Квин“, на Тина Тарнер, Ерик Клептон, Мајкл Џексон... Овие песни веќе се оркестрирани за симфониски оркестар и се изведувани од голем број оркестри во светот. Оркестрациите се на Мајкл Тауненд и Федор Вртачник, а две македонски композиции се оркестрирани од нашите композиторки Дарија Андовска и Валентина Велковска-Трајановска.

„Се надевам дека како и во претходните четири години, така и оваа, паркот ќе биде исполнет со луѓе кои ќе ја слават уметноста и ќе уживаат во неа. Навистина е многу интересно да се види создавањето на ликовно дело од самиот почеток, нанесувањето на боите, цртањето на контурите на големите платна. Граѓаните ги гледаат готовите слики во галериите, но реткост е да се види процесот на нивно создавање“, вели Чаначевиќ, која додава дека музика под ѕвездено и отворено небо е секогаш голема инспирација, но и посебно и неверојатно уживање.

„Оние кои се со нас во изминатиов период го знаат тоа и секогаш се враќаат повторно и се разбира, ги носат своите пријатели, оние кои не слушнале за овој настан. Па, ги воведуваат во него и остануваат и понатаму наши верни пријатели“, вели Чаначевиќ.

Според неа, идејата уметноста да се извади од институциите, вродува со богат плод. „Огромно е задоволството кога ќе се видат 20 илјади луѓе кои и по завршувањето на последната композиција со својот громогласен аплауз бараат уште музика од оркестарот, таму во паркот меѓу зеленилото, цвеќињата, езерцето, под ѕвездите. Уживаат сите. И оние кои ја создаваат уметноста, но и оние кои се дојдени за да ја примат“, истакнува Чаначевиќ.