По повод Меѓународниот ден на детето, на 1 јуни 2022 г. (среда), Националната галерија ќе организира детска ликовна работилница во објектот Даут пашин амам, во периодот од 18:00 до 20:00 часот, Ве каниме да бидете дел од овој настан.


Преку ваквите едукативни програми се исполнуваат целите и мисијата на Националната галерија:

- Функционални (популаризација на ликовното творештво на Р.С. Македонија, доближување на ликовната уметност до најмладата популација, промовирање на културното наследство)

- Општообразовни цели (запознавање на учениците со ликовните уметници, учење на нови техники на сликање, продлабочување на знаењата здобиени во текот на формалното образование)

- Воспитни цели (градење и развивање на свест за уметноста, за уметничките галерии и музеи, за предметот на нивната работа и нивната улога во општеството.)

 
Помагаме во остварување на правата на децата загарантирани со меѓународни конвенции:

 

•               Рамноправност на човековиот развој

Програмата обезбедува зголемување на коефициент на индесот на човековиот развој (HDI) преку трите основни димензии меѓу кои е знаењето мерено според стапката на писменост.

•               Рамноправност на половите

Според националната родова структура застапеноста на половите во активностите е позитивен пример на пристап на апсолутна еднаквост.

•               Рамноправен пристап кон ресурсите на едукација и креативност, социјална инклузија на ранливи категории и лица со попреченост

Вклученоста во едукативните програми е независна од возраста, полот, верска припадност, социјална положба, физичка и/или ментална попреченост бидејки образованието има особено влијание врз градење на човековиот интелектуален капитал во борба за намалување на сиромаштијата, зголемување на социјалната кохезија и елиминирање на можност од социјална неправда и дискриминација. Јакнење на човековите капацитети, особено кај децата, за исполнет, продуктивен и достоинствен живот.
 

Меѓу останатото, овој датум, 1 јуни, Меѓународниот ден на детето, е ден исполнет со бројни активности, ден на кој треба да се каже „не“ на насилството и злоупотребата на децата, а воедно обезбедување на благосостојба и правилен развој. Ден на кој децата низ игра и настани „гласно“ ги промовираат нивните права.

 

Уметноста е мостот кој ги обединува децата, како на локално така и на глобално ниво, без оглед на меѓусебните културолошки разлики. Таа инспирира создавање на нешто ново, поинаква перспектива на поглед на Светот.

Да се придружиме и помогнеме, насмевките на нашите деца да бидат секојдневие а овој ден да биде значаен датум за одбележување.

 

Ве очекуваме!

 

Национална галерија на Република Северна Македонија