Со особено задоволство го најавуваме најновиот проект на Институтот за култура и уметност Арс Акта, насловен „Артекологија“ чија достапност започнува од денес, 12.12.2021. Станува збор за онлајн проект кој се занимава со две предоминантни линии, а тоа е достапноста на масмедиумите и екологијата. На него со свои уметнички интервенции – кратки видеа и giff-ови учествуваат 9 уметници и тоа: Роберт Јанкулоски, Моника Мотеска, Гоце Наневски, Славица Јанешлиева, Кристина Пулејкова, Денис Јагџи, Марија Сотировска, Борис Шемов и Игор Сековски, а куратор на проектот е Ана Франговска.

Уметност достапна до секого е пристап кон промоција на уметноста со кој таа се деинституционализира, излегува од својата комфорна зона и елитизмот, и се обнародува, т. е. станува достапна до пошироката публика, како дел од општествено-социјалната иконосфера. ИУК „Арс Акта“ и порано имаше успешни реализации и проекти во доменот на уметноста во јавен простор, со двете успешни изданија на „Уметност на билборд 1 и 2“ , како и со последната изложба „Траумакултура“, која се реализира во фабриката „Ариљеметал“. Но бидејќи нашите интереси во евидентирање на можностите на времето, технологијата и преокупациите на публиката се продлабочуваат, решивме да се обидеме да го „нападнеме“ и виртуелниот простор, користејќи Интернет, веб-платформи, социјални мрежи и портали. Во секојдневното социјално-општествено егзистирање, некако природно е да се помисли дека токму овој простор е соодветен за нов уметнички проект и за „контаминација“ со уметност и на обичната публика, која несвесно ќе биде „заведена“ да „консумира“ уметнички дела, да отвори едно авторско решение и потоа, евентуално, да биде „намамена“ да прочита нешто за авторот или, пак, за контекстот на проектот, а веројатно и да види наредно дело.

Проектот е осмислен да понуди уметност на различни нивоа, но оној момент на заведување или намамување е уметноста која се појавува како „реклама“ при разновидно разлистување на страници, платформи, социјални мрежи, јутјуб-канали. Целта е да го „нападнеме“ обичниот набљудувач со уметност, наместо со вообичаени комерцијални видеа или политички ветувања; да го натераме да погледне нешто што ќе го измести од вообичаената секојдневна зона и вкус нурнувајќи во една поинаква естетика, пософистицирана, повисока. Да го принудиме да се запраша што гледа, што е тоа што се „рекламира“, постепено сфаќајќи дека гледа нешто што нема комерцијална заднина, ниту, пак, промовира некој познат бренд. На овој начин, уметноста ќе влезе во сечиј дом.

Уметност на екологија, или „Artecology“, е насловот на проектот и е во согласност со еколошките и политички прашања што ги преокупираат светските политики, а секако, сѐ почесто и уметниците, кои чувствуваат потреба и одговорност да се приклучат кон сеопштата битка за спас на планетата Земја. Оваа потреба уште повеќе се нагласи со пандемијата со корона-вирусот, време во кое речиси сите се запрашавме за природата, земјата, космосот и колку со својата негрижа постепено но сигурно ја уништуваме нашата нормална еколошка средина.

Уметниците: Роберт Јанкулоски, Моника Мотеска, Гоце Наневски, Славица Јанешлиева, Кристина Пулејкова, Денис Јагџи, Марија Сотировска, Борис Шемов и Игор Сековски, говорат за природата, екологијата, уништувањето, вирусите, дезориентираноста, екологијата/или ерозијата на духот и сите останати нуспојави, „демоните“ на секојдневието кои доведуваат до промена на нормалноста во која живееме. Колку капиталистичкото општество, стремејќи кон што повисока добивка, е подготвено да ги жртвува здравјето на луѓето и иднината на нашата планета е уште една тема кон која со критички тон се обраќаат уметниците, говорејќи за „урбана мафија“, загадување, за родова еднаквост, за миграција, историја, медиумски хаос, смрт и разни видови екологии.

Проектот може да се проследи во целост на веб платформата artecology.mk, но и преку банер реклама на сајтот umno.mk, како и преку реклама на социјалните мрежи и онлајн платформите. Ќе биде достапен за јавноста во времетраење од два месеци.

 

Со Почит,

Тимот на Арс Акта


--
Ars Acta Institute for Arts and Culture
Bihachka 3-1/43, 1000 Skopje
Republic of Macedonia
tel.:+38970574930
      +38971224504
      +38975438404
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
http://www.arsacta.org