Архитектот и ликовен уметник Стојан Павлески, со својата прва самостојна изложба, ќе се претстави со своето концептуално дело пред скопската публика на 17 септември 2021 (петок), во 20 часот, во објектот Чифте амам.


Концептот „Глува соба“ ја преобмислува антрополошката димензија на уметноста во рамки на технолошката ера, во прeсрет на враќањето на примитивната енергија на капитализмот.легоризирајќи го „монументот“ на тоталитарните процеси, „глува соба“ престојува во доменот на можностите, трагајќи по нови политички аксиоми, по нови форми на „слободно здружување“, со заложби за нова „апстрактна утопија“која се надева на „општествено созревање“.

Ова не е празен гест кој се обидува да се изземе од својата функција, туку „социјален гестус“ во формативна (инестетичка) фаза кој ја следи античката улога на авторството, да ја повика заедницата да се соочи сосопствената хипокризија и идеолошки да го соочи „сиромашниот“ спектакл на капитализмот со „реалното“ на луѓето. „Глува соба“ не одрекува дека можеби е уште едно уметничко клише, уште една наративна тавтологија која само го потврдува присуството на големите означители, но и покрај тоа, таа се пројавува, се открива себеси, се себеконституира пред масите, пред замислената публика и нејзината ученост, повикувајќи на уште една револуција, сина револуција, предодредена/осудена на неуспех.

Стојан Павлески е роден во 1976 година во Скопје. Дипломирал на Архитектонскиот факултет и на Ликовната академија, оддел сликарство, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Постдипломец е на Архитектонскиот факултет. Учествувал на повеќе групни ликовни изложби во земјава и во странство. Aвтор е на проектот„Ничија земја“ (2016), претставник на 15то Биенале на архитектура во Венеција, и на повеќе наградени меѓународни конкурсни решенија од областа на архитектурата.



Национална галерија на Република Северна Македонија