Изложба на Олег Кулик, „Merry-go-round“
Отворање: 22.6.2021, 20:00 часот, Мултимедијален центар „Мала станица“
Одговорен кустос: Ана Франговска, виш кустос

Националната галерија на Република Северна Македонија со особено задоволство го најавува својот следен проект, изложбата „Merry-go-round“ на Олег Кулик, која ќе се отвори на 22 јуни, во 20:00 часот, во мултимедијалниот центар „Мала станица“. Изложбата ја организираме во соработка со самиот автор и Музејот на современа уметност на Војводина, Нови Сад, од каде што ја преземаме.
Олег Кулик е еден од најконтроверзните уметници од Источниот блок чии акции и перформанси сѐ уште предизвикуваат непријатност, отпор, па дури и шок, а дефинитивно ги поставувале и сѐ уште ги поставуваат дискурсите за дозволивото и општествено прифатливото во уметноста. Како што вели колешката Сања Којиќ Младенов: „...Олег Кулик е еден од клучните меѓународни уметници кој ги проблематизира маргинализацијата на источноевропскиот контекст од страна на западната уметничка сцена, транзициските општествени промени на комунистичкиот режим и критиката на соцреализмот во уметноста, важен исто така и за разгледување и деконструкција на современата уметност во нашиот регион“.


„Ова е ретроспективна изложба на моите перформанси, но од гледна точка на мојот нов период – периодот на скулптури (всушност, ова е враќање кон моето потекло, откако започнав како вајар во раните 80-ти години). Така, јас гледам на моите перформанси како скулптор и гледам нови аспекти на телото. Сега ме интересира телото како скулптура. Порано имав интерес кон телото во одредена ситуација“. (Олег Кулик).
На изложбата во „Мала станица“ ќе бидат претставени неговите антологиски акции од 90-тите години на минатиот век и познатите амблематски изведби од сериите „Бесно куче“, „Јас ја касам Америка, Америка ме каса мене“, „Ја сакам Европа, а таа не ми ја возвраќа љубовта“, фотоколажи од 2000-тите, како и нов перформанс и скулптура изведени во соработка со Музејот на современа уметност на Војводина.  
Олег Кулик е роден во 1961 година, во Киев, и важи за еден од основачите на акционизмот во постсоветска Русија. Преку својата работа ги истражува односите меѓу политиката и моќта, емоционалните и физичките аспекти на односот меѓу луѓето и животните, нормалноста и отстапувањето, кичот и уметноста. Дипломирал на Кралската уметничка школа во 1979 година. Ја започнал својата кариера како кустос во галеријата „Риџина“ во Москва, каде што неговите неконвенционални изложби и пристапи веднаш го привлекле вниманието на јавноста. Од 2000-тите се занимавал главно со техники како што се фотоколаж, скулпторски инсталации, сликарство и перформанси. Учествувал во многу меѓународни проекти и биеналиња, вклучувајќи го и Биеналето во Венеција, како и Фестивалот Манифеста, а неговите дела се чуваат во колекции низ целиот свет во некои од најважните музеи, како што се „Тејт модерн“, „Помпиду“, Галеријата „Третјаков“ и други. Бил стипендист на Фондацијата „Полок-Краснер“ (1990) и на Берлинскиот сенат (1995). Покрај многуте меѓународни награди, Кулик е одликуван и со Медал за заслуги (Достојниот) од Руската академија на уметностите. Живее и работи во Москва.
Изложбата ќе биде поставена до 15.7.2021, а одговорен кустос за проектот е Ана Франговска, виш кустос. За времетраењето на изложбата ќе се организира и онлајн разговор со Олег Кулик, а во почетокот на јули ќе ни гостува и Сања Којиќ Младенов, куратор на проектот во Музејот на современата уметност на Војводина, која ќе одржи предавање за соработката со Кулик и за неговите позначајни проекти.