7.Vselenski.sobor

Промоција на книгата „Творецот и сотворецот“ од Марија Гиревска, преведувачката на „Улис“ од Џејмс Џојс

Во четврток на 5 декември ќе се одржи промоција на книгата есеи „Творецот и сотворецот“ од Марија Гиревска во издание на Култура.
Промоцијата ќе се одржи во Друштво на писатели на Македонија од 18 часот. Промотори на книгата се проф. д-р о. Стефан Санџакоски и проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер, а модератор е м-р Александра Јуруковска.

Книгата „Творецот и сотворецот“ од Марија Гиревска говори за опитот и средбата на големиот ирски писател Џејмс Џојс со православната Литургија додека живеел и пишувал во Трст. Пишувана низ призмата на правослaвното богословие, оваа книга се сосредоточува на алузиите на Светото писмо во Џојсовиот роман „Улис“.   

7.Vselenski.sobor

„Авторката Марија Гиревска е совршен и најпогоден следбеник на делата на Џојс. Таа е и одличен преведувач на мошне тешкото дело, романот „Улис“ полн со референци и алузии на Хомеровата „Одисеја“, на Стариот завет од Светото писмо, а и преку нејзината втора магистерска теза што го покрива предметот за кој говориме, најдобар толкувач и разбирач на делото на богословот и писател Џејмс Џојс. Ова е прв сериозен приказ на Џојс во македонска култура, моќен есеј за подвигот на овој гигант на светската книжевност“, вели во освртот кон книгата проф. д-р Драги Михајловски.
„Марија е најмоќна и најубедлива кога зборува за Џојс. Во посветеното и задлабочено бавење со научно-истражувачка дејност, таа е умна (мудра) и прониклива, а во богатиот емоционален живот, таа е огнена (еруптивна). Таквата Марија дава целосен придонес во проширувањето на сознанијата за Џојс, горостасната појава во историјата на светската литература. Јас отсекогаш сум имал доверба во личноста на Марија, но ваква каква што ја запознав во синергија со „Улис“ на Џојс, ја доживувам како вистински дар за нашата теолошка наука и култура“, заклучува проф. д-р о. Стефан Санџакоски во Поговорот кон книгата.

Марија Гиревска (1980, Скопје) е професор на Богословскиот факултет, магистер по теологија, а магистрирала и докторирала и на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Се занимава со книжевен превод, а за преводот на „Улис“ од Џејмс Џојс е добитник на наградата „Златно перо“ (2013). Досега ги има објавено книгите „Чувари на несвесното: англиски надреализам“ (2015) и „Сенишни светла: готика, фантастика, раскази“ (2017) во издание на Култура. Нејзините научни трудови од областа на книжевноста и теологијата се објавени во домашни и странски списанија и зборници. Член е на Друштво на писатели на Македонија и на Меѓународната фондација за Џејмс Џојс.