Ни претставува чест и задоволство да ве поканиме на промоцијата на книгата „Срдба и казна - омнисциенција на криминалитетот од омраза“ на Александар Маркоски, што претставува адаптација на неговата докторска дисертација на правниот факултет „Јустинијан први“ во Скопје. За книгата ќе говори рецензентот проф. д-р Александар Маркоски.
Промоцијата ќе се одржи во галерискиот простор на МКЦ, на 14.06.2018, со почеток од 17 часот.

По промоцијата ќе следи дискусија на тема „Казнивост на делата од омраза“. На дискусијата ќе се обратат Хајди Штерјова-Симоновиќ, проектна координаторка на Хелсиншки комитет за човекови права на РМ, и Андреј Божиновски, правен советник во Здружението за кривично право и криминологија на Македонија.

За книгата „Срдба и казна“, рецензентот, проф. Чавлески, ќе издвои:
„„Срдба и казна – омнисциенција за криминалитетот од омраза“ претставува динамичен, сеопфатен текст кој преку мултидисциплинарен пристап го доближува читателот до комплексниот феномен на криминалот од омраза, кој во нашата правна теорија е релативно нов феномен и за кој малку се пишувало досега... Трудот логички и систематски го следи развојот на феноменот на омраза и легислативната реакција на државите a proppos истиот најпрво од САД во 1970-тите, па развоите кои следат на европска почва потоа. Но, спротивно на тесното сфаќање на некои меѓународни организации на овој поим, авторот исправно ги вклучува највехементните облици на делата на омраза, како што се геноцидот и тероризмот... Монографијата ги следи сите современи развои на овој план, вклучително усвоените меѓународно-правни акти од меѓународните организации како ООН, ОБСЕ, ЕУ, Советот на Европа, како и соодветните национално-правни акти усвоени во САД и поголемите европски држави... авторот дава сериозни предлози за ревидирање на определени законски решенија во позитивното македонско казнено право, како и надминување на определени проблеми кои се јавуваат во практиката, вклучително со поставувањето на дефиницијата на овие дела, која треба да биде интегрирана во Кривичниот законик. Книгата ќе претставува есенцијален водич и во детектирањето, процесирањето и санкционирањето на делата од омраза.“

Д-р Александар Маркоски врши функција на јавен обвинител во Основното јавно обвинителство – Скопје од 2009 година. Магистерските студии ги помина во периодот 2006-2010 година, додека докторските студии ги заврши 2018 година. Автор е на преку дваесет научни трудови во Македонија и во странство, коавтор на еден прирачник за меѓународноправна соработка во казнената материја и автор на две стручни книги: „Културата на застарувањето во казненото право“ (2014) и „За проповедта, омразата и слободите“ (2017).

Промоцијата и дискусијата се организирани заедно со Цивика мобилитас (програма на СДЦ за поддршка на граѓанското општество во Македонија, која ја спроведуваат НИРАС, МЦМС и СИПУ)

Aвторот Маркоски е поддржан со мал грант за стипендија од Цивика мобилитас.

Го очекуваме Вашето присуство.