Во Струмица се одржува  симпозиум на тема „Наративните и естетските вредности во филмот Златна петорка“. На овој научен собир со реферати ќе настапат повеќемина реномирани професори, интелектуалци, уметници и академски личности.

Повод за одржување на симпозиумот е сумирањето на досегашните меѓународни успеси, позитивни критички одгласи и квалитети на овој македонски филмски проект кој продолжува со пласманот и дистрибуцијата.

Филмот „Златна петорка“, во режија на Горан Тренчовски, досега го виделе над 70.000 гледачи дома и во странство, а беше најгледан и најнаградуван филм изминатата сезона (2016/2017) во Македонија. Прикажуван е на дваесетина меѓународни фестивали и има добиено 10 награди.

Сценариото за овој македонски филм е инспирирано по вистинит настан и е работено по прозни и драмски мотиви на Братислав Ташковски.  Директор на фотографија е Апостол Трпески, монтажери се Андрија Зафрановиќ и Аристид Филактов, сценограф е Кирил Спасески, костимограф Нела Тодоровска, шминка Ирена Сенокозлиоска, музиката е на Дарко Спасовски и Горан Керкез.

Во филмот улогите ги толкуваат актерите Славко Штимац, Јана Стојановска, Љупка Џундева, Игор Ангелов, Петар Арсовски, Васил Михаил, Ненад Милосављевиќ, Билјана Таневски, Дине Дрваров, Стојан Велков, Александар Ристоски, Влатко Илиевски, Григор Јовановски, Игор Тодоров, Виктор Јакимовски и други. Продуцент е Дејан Милошевски („Револушн“ – Скопје).

Настанот е во самостојна организација на продукцијата на филмот. Наскоро дел од оваа филмска екипа започнува подготовки на нов филм кој е во развојна фаза и за кој веќе има заинтересирани странски партнери.

 

Извор:http://lokalno.mk/nauchen-simpozium-za-filmot-zlatna-petorka/