Јана Манева-Чупоска го претставува нејзиниот „MK tradición NEW концепт“
Во вторник, на 29.12.2015 г., 20.00 ч., во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ (ул. „50. Дивизија“, бр.22), ќе биде отворена изложбата на Јана Манева-Чупоска, насловена како „MK tradición NEW концепт“. Изложбата се состои од дванаесет објекти, во кои се испреплетуваат ликовното  во модата, дизајнот и традицијата. Дванаесетте „модни објекти“, изработени од графички принт кој има улога на текстил, од стари семејни фотографии од Мијачкиот крај, со претстава на ликови облечени во традиционална народна носија, Јана Манева-Чупоска ги третира како објекти за интервенција од ликовен карактер.
„Ликовниот уметник и моден дизајнер Јана Манева-Чупоска, веќе подолго време се занимава со темата спојување на современото со традицијата. Иновативна и смела во своите ликовни и дизајнерски презентации, оваа уметница, кон уметноста воопшто пристапува секогаш со неконвенционални методи на прикажување на своите идеи. Тоа се докажува и во овој случај, во изложбата со наслов ,MK tradición NEW концепт’“, пишува историчарот на уметност Елена Макаровска во текстот за каталогот на изложбата. Проектот е финансиски поддржан од Министерство за култура.