Во организација на Националната галерија на Македонија во Културно информативниот центар на РМ во Софија, Бугарија, на 7 мај 2015 година (четврток) во 18.30 часот, ќе се отвори изложба на Жанета Гелевска Велјаноска.

Жанета Гелевска Велјаноска го користи сликарството за да зборува за својот живот, за нејзиното минато и за сегашноста. Во своите дела произведува светлина, обоен простор што ќе вдоми една фигуративна форма и која ќе му ја даде неговата смисла за возврат. Нејзините платна се преплет од мисли, расположенија и емоции за личности. Имагинарен свет што раскажува поезија, убавина на душата што ја носи секој во себе и кои се рефлектираат врз секој предмет од секојдневието. Обоено патување низ градови и предели, реални или имагинарни, апстрактни или фигуративни, и двете истовремено...

Систематизираќи ги внатрешните пориви на својот сопствен сензибилитет, во своите дела Жанета Гелевска Вељаноска се стреми кон синтетичен и силен начин на изразување. Лексиката на нејзиното сликарство е слоевита и смислено вкрстена од различните доживувања и расположенија, така, таа се ослободува од една цела конкретна логика, во корист на диктатот на стилата и чувствата со емотивни изливи на внатрешната енергија и психички вибрации.

Преку палетата на своите платна Гелевска Велјаноска не води низ извонредна композициска решеност на површината, воедно остваруварувајќи една комплексна изведба, споена со познавањето, пред се, на создавањето на светот како предизвик на самото битие. Во својот појдовен импулс, пристапот на авторката веќе е лишен од декларативно-утилитарна тенденциозност, нејзините мотиви се предизвикани од сфери што им припаѓаат , пред се, на творечките индивидуално-психолошките и хуманистички разбирања. Делата се весели и полни со оптимизам, потхранети со страст за животот и интерес за едноставноста на секојдневниот живот, со мотиви што изразуваат животна радост, неагресивност, и сремеж кон еуфорична емотивност...

Изложбата е финансирана од Министерството за култура на Република Македонија.

Изложбата ќе ја отвори г-дин Васко Шутаров, диретор на КИЦ на РМ во Софија.