Ние ги пазиме, без воведување новини, сите запишани или незапишани, востановени за нас црковни преданија, од кои едно е и за иконописот. Тоа е согласно со проповедта на евангелската историја и служи за уверување во вистинското, а не вообразено воплотување на Бога Словото и за други слични ползи. Зошто кога едни нешта се прикажуваат низ други, тие несомнено едно низ друго се појаснуваат. Така ние, чекорејќи по царскиот пат и следејќи го од Бога објавеното учење на светите отци наши и преданието на вселенската Црква [свесни дека е од Светиот Дух, кој живее во неа], по грижливо испитување, со полна увереност определуваме: чесните и свети икони, насликани со бои или направени од ситни камчиња и од друг погоден материјал, да се поставуваат како и претставите и изображенијата на чесниот и животворен Крст во светите Божји цркви, на свештените садови и одежди, на камен и на даски, в куќи и по патишта – како иконите на Господ, Бог и Спасител наш Исус Христос, и на непорочната Владичица наша Пресвета Богородица, така и на сите свети и преподобни мажи. 

    Зошто колку почесто тие биваат гледани изобразувани на иконите, толку повеќе оние кои ги гледаат, биваат поттикнати да си спомнат со љубов на првообразите, да ги почитуваат со бакнување и поклонување – не со вистинско богопоклонение, кое според нашата вера му прилега само на Божественото естество, но почитување како она, со кое се оддава чест на претставите и изображенијата на чесниот и животворен Крст, на светото Евангелие и на други светињи, преку кадење темјан и поставување свеќи – благочестив обичај што го имало и кај древните. Затоа што честа оддадена на образот, преминува врз првообразот, и кој се поклонува на иконата, се поклонува на суштината на изобразениот на неа. Така се потврдува учењето на вселенската Црква, која до краиштата на земјата го примила Евангелието.

  

Преземено од Православие БГ

Превел: Борис Георгиевски