Ranohristijanski.simboli

Занимливости

Monahinja.Evgenija
Православната црква учи дека свештената уметност и светите икони се со апостолско потекло, односно дека постојат од самиот почеток на христијанството. Археологијата и ранохристијанските историски извори доволно го потврдуваат нивното постоење. Во ранохристијанскиот период постоеле голем број прогони и со зголемувањето на христијанските маченици се појавиле и христијанските симболи. Но дотогаш веќе постоеле и првите икони, кои биле грижливо чувани и почитувани од првите христијани.
          Преданието на Црквата ни сведочи за постоењето на иконите уште од периодот на Христовиот живот на земјата. Овие преданија исто така сведочат дека првите икони на Пресвета Богородица се појавуваат непосредно по Педесетница од светиот апостол Лука. Едната припаѓа на типот наречен умиление елеуса, а другиот тип е патеводителка, одигитрија. Третата икона би требало да ја претставува Пресвета Богородица сама, но податоците за неа се нејасни. Денес, само Руската црква чува 10 икони од Пресвета Богородица што му се припишуваат на Св. апостол Лука, потоа 21 во Западна Европа и на Света Гора, од кои само осум се наоѓаат во Рим.
          Според монахињата Евгенија од Слепченскиот манастир, иконите наречени „од Св. Лука“ заземаат место во едно предание, за кое тој дал прототипови, а тие биле насликани според оригиналите од него. Особено ова е така бидејќи немаме зачувана икона на типот умиление постара од 10 век. Голем број од првите изобразувања и отсликувања биле срушени и уништени од иконоборците, а потоа и од крстоносците, или просто од времето. Но едно е многу јасно, дека уште од првите изобразувања не се работело во еден прост натуралистички стил на портрети, туку за сосема ново специфично христијанско изобразување со кое се труделе да го прикажат не само она што е видливо за очите туку и духовната содржина на насликаното. Во тој контекст се служеле со многубројни симболи. Со симболите дополнително се криеле до извесно време главните христијански свети тајни од катихумените.

          Како прв пример го наоѓаме приказот на Добриот пастир, кој се појавува уште во 1 век. Такви слики има многу во Римската катакомба во Домицил. Најраспространетиот симбол на христијаните е рибата. Тој симбол се сретнува насекаде: на ѕидните слики, на саркофазите, на надгробните натписи, на разни предмети. Христијаните носеле на вратот мали риби од метал, камен или седеф со натпис „Да избавиш“ или „Избави“.

           Најглавна таинствена смисла имаат петте букви во зборот ιχυς ichthus. Пет букви, иницијали на пет збора што директно се однесуваат на Христос: Iesos Christos Тheou Yios Soter (Исус Христос Син Божји Спасител). Во овие зборови се искажани исповедањето на божественоста на Исус Христос, неговата спасоносна мисија. Односно, во рибата имаме еден вид стара формула за – верувам збиен во еден збор. Еден друг симбол на Христа, исто така, многу распространет во катакомбите е јагнето, уште од 1 век. Како главен симбол на Хриса, јагнето долго време го заменувало неговиот лик.

           До крајот на 7 век постоеле симболични прикази што го заменувале човечкиот лик на Христа, особено сликата со јагнето. Отците на Црквата увиделе дека веќе се појавила потреба верниците да се насочат на патот усвоен од Црквата и токму тоа го чини правилото 82 од Петтошестиот собор.
Сликата на Христа во облик на јагне, кое Св. Јован Претеча го покажува со прст, била догматски многу богата и значајна. Таа се заснова на многу познатиот пасус од Евангелието по Св. Јован Богослов, каде што Св. Јован Претеча покажал со прстот на Христа.
Значи, не станува збор веќе за тоа да се преведе речта во слика, туку да се покаже самата вистина, исполнувањето на речта. Тоа исполнување, таа стварност, таа вистина требало да се покаже на очиглед на сите. Во тоа се состои одбивањето на секоја апстракција, најбезусловно од страна на Црквата, бидејќи вистината има свој лик, е конкретна жива личност – Исус Христос. Иконографскиот симбол, сепак, не е сосема исклучен, тој преминува во втор план. Пр. ѕвездите на П.Б., раката од небото што благословува, но тие не ја заменуваат личната и непосредна слика, посочува монахињата Евгенија.

           Отците побарале извесна аскеза во уметноста. Уште првите христијани создавајќи свој сликарски јазик се одвоиле од светот, го отфрлиле тогашниот антички сликарски принцип на натуралистичко реалистичко прикажување на природата просторот. Христијанската аскеза во уметноста е отфрлање на естетиката и привлечноста на светот, во изразот христијанскиот сликар се ослободува од начелото да имитира оптичка визија. Но извесна аскеза во уметност претставува и посебната зографска постапка, која отците во предание ја оставаат и ја развиваат низ вековите, а тоа значи:
природните материјали што се користат за изработка на иконата треба да претрпат извесна „аскеза“: секоја боја пигмент има свој карактер – тоа значи пигментот (бојата) не се употребува во иконата во нејзиниот див оригинален тон, туку треба да се смири бојата со друга боја. Тоа е како во духовниот живот, Господ ни праќа личности преку кои ги смируваме нашите диви карактери.

          Затоа, огромна е разликата кога ќе влезете во храм од 13 век и во новонасликан храм од современи уметници, кои не се придржуваат до преданието на отците. Во стариот храм боите се смирени, ја пијат светлината, те предизвикуваат на молитва. А во новонасликан храм боите се диви, дречливи, ја одбиваат светлината поради пластичниот акрилик, за жал, не доловуваат духовна состојба.
          Исто така и дрвото што се употребува за иконата, треба да претрпи пет години сушење, а потоа, толку да го прими грундот во себе што треба да стани едно со него; златото треба да се предаде на температурата, влажноста на воздухот, да поминат одреден број часови за да може да се предаде, за да го истрпи притисокот на каменот преку полирањето за да може да светне во полн сјај. Сите материјали од прв до последен претрпуваат извесна „аскеза“ и се ставаат во служба на иконата, целата технологија што ни е оставена во предание е со цел да ја прикаже духовноста во иконата.
           Денес се напушта тоа предание, како што умира аскезата во нашите животи, умира и во уметноста на Црквата, се заменува со современите технологии, за жал, базирано на световните академски сликарски вештини од кои христијаните од самиот почеток свесно се оддалечуваа. Тие нешта што ги спомнавме како негативни сега, се туѓи влијанија во „зрелото жито на вистината“, вели монахињата   

Евгенија. Д. Ст.

 

https://www.novamakedonija.com.mk/zivot/magazin/ranohristijanskite-simboli-i-pojavata-na-ikonite/

 Август 2022 лето Господово