Поддршка за Љилјана


Се сеќавате ли на еден матен период од поновата македонска историја, кога во сите можни што приватни, што којзнае какви медиуми, се водеше континуирана, неколкугодишна хајка против македонското монаштво?


До ден денес не се разјаснија нештата, кој ја водеше таа хајка и зошто. Ние против нас самите, најверојатно. Едноставно, во моментот тоа на некого  му одговараше, агендата на плукање и валкање во кал на сè што е поврзано со Црквата, беше до максимум спроведена, и по неколку години, откако се изморија, или којзнае зошто-  им здодеа, или, можеби откако нападите просто се дислоцираа, сè престана така како што и почна. Една работа во нашава татковина никако да профункционира: одговорното однесување. Рак раната на нашето општество. Метастазата зела замав, и да не бев непоправлив оптимист, ќе бев готова да поверувам дека случајот е безнадежен. Одлевањето на мозоци од земјава и масовното заминување на младите во странство е најблагата казна што во моментов нè снаоѓа.

Денес сакам јавно да ја замолам г-ѓата Љилјана Петровиќ, ако може да не и обрнува внимание на разјарената булумента што се засили да фрла камења по неа, и нека се сети на зборовите на светиот првомаченик Стефан, којшто додека го каменуваа, се молеше за своите мачители велејќи Господи, прости им, не знаат што прават!

Истовремено, на глас си размислувам и си велам, добро бе, луѓе, до кога ние нема да знаеме што правиме, што се прави околу нас, и што ни прават? До кога за сè некој друг ќе биде виновен? Ќе си го земеме ли некогаш својот живот во своите раце?
Ако десет новинари ја нападнаа Љилјана, што прават останатите 2 милиони Македонци? Колкумина од нив деновиве “гледајќи го шоуто на г-ѓата Опра“ се срамеа што се македонци? А колкумина гледаа сеир? Ужас.
Се обидувам да ја избегнам неодоливата асоцијација на познатата атмосфера околу Распетието. Понтиј Пилат ги миеше рацете, додека судиите садистички се насладуваа на Неговата болка, зачудени зошто ако е Бог, не може да се брани?

Првото од можните толкувања за ваквото дегутантно, нецивилизирано и на работ од умот однесување на новинарската фела, е дека најверојатно луѓево се платеници и заради тоа толку механички тапо си ја вршат задачата - едноставно, тоа  е нивната работа. Нивната работа е да не размислуваат со својата глава, да функционираат по нарачка. Негледам ни трошка професионалност во тоа што се обидоа да го изведат. Не вреди дури ни да се осуди.

Љилјана, држи се, овие глупости ќе поминат.
Како што рече еден од постарите философи: Она што не ме уби, ме направи посилен...
Христос е меѓу нас и ќе биде...

Сестра Макрина


 

Посети: {moshits}