Ирина Монахова

 

(Некои прашања за христијанството, анализирани врз основа на личен мистичен опит)

hristos.kurbinovo.jpg
СВЕТЛИНА БЕЗ СЕНКА

Раѓањето одозгора

 Раѓањето одозгора, или пројавувањето на вистината, или откровение за вистината – тоа, едноставно, е светлина по темнината присутна во текот на сиот претходен земен живот. Само светлина и ништо друго – но тоа е главно. Како што без дневна светлина не би постоел живот на земјата, така и без светлината на вистината не би постоел другиот живот – вечниот. Да се живее без таа светлина е исто како и постојано да се живее во темна соба, во која не може да се видат ниту предметите ниту појавите, и затоа не може да се разбере што претставуваат тие и што, всушност, се случува наоколу, туку може – со помош на звуците, миризбата или допирот – само да се претпоставува. Притоа, претпоставките воопшто не мора да бидат правилни.

 Што може да се разбере од околината што нè опкружува, ако целиот живот сме слепи? Секако не тоа што таа, реално, претставува, туку нешто што е сопствена фантазија за неа, која во основа не ја одразува реалноста, туку оној што фантазира. Што може да се разбере од животот, восприемајќи го на слепо, без светлина – освен фрагменти на чувства кошто никако не формираат некаква целина, нешто што е завршено и разбрано. Јасно е дека на слепиот повеќе му одговара да прогледа, отколку некој подробно да му ја опишува неговата околина. Тогаш, во еден миг, без какви и да е дополнителни усилби, тој може наеднаш да разбере сè. Потребна е само светлината.  

 Така и вистината не претставува некакви сложени разумски заклучоци, и нејзиното пројавување не содржи никакво дејство, никаква суета, никакво споредно влијание, таа ништо не допира, не изместува, не преместува од едно на друго место. Просто сè осветлува. А самата таа е светлина во споредба со која земната, т.е. сончевата светлина – е темнина.

 Соодветно на претходното, ако човек ја нашол вистината, тоа воопшто не значи дека тој некаде одел да ја бара или грижливо ја собирал. Ваквите дејствија воопшто не се потребни од негова страна, ниту, пак, се потребни некакви способности да се оди по вистината. Потребни се некои сосема поинакви способности. Зашто, не треба никаде да се оди, и не треба ништо да се собира. Пројавувањето на вистината може да се спореди со светлина што го исполнува сето расположиво пространство, истиснувајќи ја темнината што владеела пред тоа, или, пак, со стекнување вид по слепило. И тогаш вистината се гледа без каква и да е усилба, како што се гледа некаков предмет што се наоѓа покрај нас. Може да се каже дека пројавувањето на вистината, или раѓањето одозгора – истовремено е и откривање на информацијата што дотогаш била сокриена, но и стекнување способност таа информација да се спознае. Притоа, таа способност, кога еднаш ќе се открие, останува засекогаш, и светлината на вистината, што еднаш ќе се појави, повеќе не исчезнува. 

* * *
 Раѓањето одозгора, или пројавувањето на вистината –  претставува уште и целосен пресврт во она што, приближно, може да се нарече скала на вредности. Сета нејзина содржина (т.е., сите вредности на овој живот, наредени една по друга според мерата на нивната вредност за тој живот) се превртува од глава на нозе, и тоа што било прво на таа скала, станува последно, и обратно. И буквално се свртува од глава на нозе, односно од некаква совршено неправилна, лажна положба – во нормална. Понатамошното живеење, со така превртена скала на вредности, за многумина други за кои скалата на вредностите е обична, земна – е мошне тешко, дури и невозможно. Да се издржи таквото постоење и да се продолжи да се живее е можно само при големо смирение – и за сметка на тоа смирение. Во спротивно... Да се знае, совршено точно да се знае дека нештата во суштина воопшто не се такви какви што произлегуваат од земното живеење и од нивниот поредокот што царува во таквиот живот, да се стане некаков инороден предмет и истовремено да се продолжи да се биде дел од таквиот живот – за некој што е  премногу воодушевен и нетрпелив, може да се покаже како неиздржливо тешко. 

 Згора на тоа, како што им се покажува и открива на оние што се родени одозгора, тој впечатлив живот, земен живот, којшто многумина го сметаат за најголема скапоценост, во суштина не е највпечатливото што постои – „постои попривлечен магнет“. Зашто, раѓањето одозгора не е само јавување на вистината којашто сè осветлува и ја превртува скалата на вредностите (односно, информација што се однесува за овој, земен свет) туку и информација за друг свет. Впрочем, сето тоа е поврзано, и самиот факт на присуството и на постоењето на друг свет со соодветни други (квалитативно поинакви – спротивни) квалитети, всушност претставува извор на вистината и на светлината и истовремено причина за превртување на сета скала на вредности (или сила, којашто го реализира тоа превртување).

* * *

 Вториот свет и раѓањето одозгора се обусловени со тоа што во овој свет не е можно човек по втор пат да се роди. Раѓањето одозгора има смисла и е можно ако постои тој втор свет во кој човек влегува при неговото второ раѓање. Слично како што при своето прво раѓање влегува во овој свет.
 На второто раѓање му соодветствува друг свет и друг живот во тој свет. Слично како што раѓањето во земниот свет значи почеток на земен живот, така и раѓањето одозгора означува почеток на друг живот, во друг свет. Притоа доживуваш чудно, необично, но и прекрасно и велелепно чувство кога наеднаш ќе се најдеш во недогледната иднина на новиот живот. Тоа е совршено конкретно чувтсво на огромната – неспоредлива со димензиите на земниот живот – бесконечна иднина. Во споредба со тоа, времетраењето на преостанатиот земен живот нема никакво значење.

 Истовремено сфаќаш дека преостанатиот дел од земниот живот со секој изминат ден се скратува, и ја чувствуваш бесконечноста на своето постоење во другиот живот. Во најмладата возраст, во самиот почеток на земниот живот не може да се спознае што е пред нас, како што тоа се случува во моментот на почетокот на вториот, бесконечен живот. А и да не зборуваме за тоа дека дури и смртта – главниот страв, главното „плашило“ во земниот живот, тој постојан „дамоклов меч“ надвиснат над секој – дури и таа бледнее, се потиснува во втор план, и од некаков ужасен настан на крајот од овој живот, се претвора во некаков пункт за застанување на непрекинатиот пат без крај. И се покажува дека не постои слепа улица, глув ѕид во кој на крајот се втурнува сето сушто, туку, обратно, постои толку безмерна, безгранична перспектива, што е невозможно со ограничените земни можности да се восприема и да се достигне целосно.    

 Не постои смрт којашто го означува крајот (или прекинот) на животот – постои смрт којашто го менува животот. Друго прашање е како, на кој начин, таа го менува секој конкретен живот. И дали за сите таквата перспектива на променет и вечен живот им изгледа великолепна. На сите ли им е потребна таа бесконечна перспектива, во која смртта е само пункт за краткотрајно задржување? Можеби некој, обратно, би ја претпочитал (смртта) како целосен и дефинитивен крај – за да нема никакви непознати пресврти. За таквите, вечноста, неизбежната вечност, навистина е голем проблем.