Уставниот суд и веронауката

 

Македонија и македонските граѓани, и покрај страшните и силни навреди, заплашувања и притисоци, слободно и демократски, како и што доликува, одлучија да живеат една нова општествена реалност. Македонците, сосема свесни за зададената ситуација, овој пат самите избраа каков да биде обликот на образованието и воспитанието на своите деца. Две третини од родителите на петтоодделенците ја користеа секоја прилика за да го искажат своето задоволство од она што веронауката како наставен предмет, во текот на оваа учебна година, од културолошки, образовен и воспитен аспект им го понуди на нивните деца. Но, за да не биде се' така идилично, сосема мала група ултранезнабошци, кумровечки рецидиви и ситни профитери од политичкиот и медиумскиот хаос кои, благодарение на него и ниските критериуми што неминовно произлегуваат од хаосот и кои токму поради ваквата ситуација и се здобиле со високи општествени и политички позиции, со веќе проверените болшевички методи, се обидоа да го тероризираат веќе споменатото двотретинско мнозинство.

Судиите од Уставниот суд на Р. Македонија донесоа типична фарисејска одлука во однос на веронауката, прво ја укинаа нејзината примена во образовниот систем на државата, направија раздор меѓу народот, а потоа не' убедуваа дека укинувањето било само привид. Ваквата нивна одлука (како по ноти) ги раздвижи сите можни пропаднати транзициони политичари во државата, потоа специјалистите за научен марксизам, леснопотплатливите „независни“ експерти на кои единствената клаузула од купопродажбениот договор им е да не дозволат народот македонски да се почувствува слободно, среќно и задоволно и, се разбира, некои сомнителни невладини организации, кои по којзнае кој пат играјќи ја опасната игра на меѓунационалните и меѓуверските односи, здружени во хорска изведба, надмено ни заповедаа како ќе требало во иднина да живееме и да се однесуваме сите ние останатите.

Десетина луѓе, чии одлуки не се коментирале, во политбировски стил, немаа здраворазумно објаснување за рестриктивната директива, која во време на најголемото христијанско торжество, бесрамно се обидоа да ни ја наметнат. Неуставно било тоа што децата ја кажувале молитвата „Оче наш“, тоа било верско организирање (опасно за живот!!!), ова го повредувало Уставот на Р. Македонија, а тоа што нивната одлука повреди и си поигра со срцата на огромен број родители и деца, за тоа немало лек, тука не се коментирало, туку се извршувало, без разлика што некој очигледно ја злоупотребува оваа политичка моќ. Ваквата нивна одлука, напишана токму со буквите создадени од нашите славни вероучители (колку иронично!), од страна на ним сродните, експерти по марксизам, беше дочекана со огромен триумфализам. Тие добија уште една можност оние кои мислат поинаку од нив да ги наречат овчички и магариња со подзинати усти, потоа да држат долги апологетски тиради за тоа како Маркс не бил сфатен од неговите крволочни апостоли и, на крајот, покажувајќи го јавно својот интелектуален и духовен капацитет, да посеат празна слама, заплашувајќи го народот со талибанизација и Хомеини.

Политичкиот сателит-двоец, кој е во отворена коалиција со нечестивиот, покажа елементарно непознавање на реалноста, ги помеша поповите и оџите со вероучителките, па затоа нема потреба да се троши време и простор на нив, бидејќи сум сигурен дека нивните деца ќе се срамат од делата на нивните раце и тоа ќе им биде најголемото и заслужено разобличување.

Гореспоменативе групации живеат во илузијата на минатото. Тие се навикнати, тогаш кога ќе ја газат Црквата, секое нејзино достоинствено реагирање да го претстават како недолично однесување, а биењето на црковните камбани веднаш да го прогласат за „бес на клерот“. Црквата и христијанството, според нивните сфаќања, треба да бидат замолчени, прикриени и маргинализирани. На многумина во историјата на човештвото, повеќе или помалку, им успевало ова. Но, сепак, тие не се свесни дека светило на врв планина не може да се скрие. Од благородните плодови на христијанството, европските народи пред се', ги граделе основните критериуми за доброто и убавото. Врз основа на христијанството и неговите спасоносни евангелски начела се изградени просветата, универзитетите, науката и уметноста. Поточно, изградени се Европа и сите нејзини културни и цивилизациски вредности. Потребно ли е да правиме паралели со Македонија, зарем треба да се трошат зборови на оваа тема. Македонската православна црква, во својата 2.000-годишна историја, претрпела и пострашни прогони од оној што го сервираше Уставниот суд, а ќе го претрпи и овој, бидејќи правдата и вистината се на нејзина страна. Народот не постои заради институциите, туку институциите треба да му бидат сервис на народот. Во едно демократско општество, уставот и законите се изградени врз основа на волјата на народот, а не врз основа на башибозукот на бирократите.

Училиштата им припаѓаат и на верниците и на атеистите и на сите треба да им се даде можност, односно да им се понуди квалитетно образование. Под привидот на секуларизацијата не треба да се спроведува тиранска атеизација на општеството. Време е да се запре со своеволието на малкутемина добро позиционирани бирократи. Зашто ако сега смерно и достоинствено не им се укаже на грешката, тогаш од овој состав на Уставниот суд може да се очекува промена и на логото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, потоа укинување на зборот „свети“ пред нивното име и на крајот можеби и забрана на лекциите за вероучителите св. Кирил и Методиј, св. Климент и Наум Охридски, за Партениј Зографски, Јоаким Крчовски и Кирил Пејчинович, па сегашнава состојба да биде победна од комунистичкото време.

На крајот би сакал да го утешам главниот марксистички апологет во македонското општество, да не се плаши толку од теократија и талибанизација, зашто како што тргнала работата, попрво не' чека севернокореизација и кубанизација, што судејќи по неговиот ментален склоп, секако, тоа е одлична вест.

 

 Извор: Утрински весник