Oltarni.Dicho.jpg


Савле, Савле, зошто Ме гониш?

 Современиот македонски Савле, олицетворен во некои „експерти“ за човекови права, некои новинари, некои невладини организации, некои професори, некои уметници, од поодамна, но особено во последните две години остро го напаѓа православието во земјава. Тенденциозното зборување против веронауката, исмејувањето на Бога, светиите, православното учење, православните обичаи, духовните авторитети, на обидите на православните да спречат некои девијантни појави, се вечните теми во колумните, емисиите, прилозите и јавните настапи на македонскиот Савле.
 Савле, всушност, е роденото името на светиот апостол Павле, кој пред да стане проповедник на христијанството бил остар гонител на новата религија во името на фарисејството (еврејска религиозна секта од времето на Христос, позната по своето лицемерство). Но кога одел по патот за Дамаск, за да ги гони хрстијаните во тој град, бил обземен од силна светлина во која го слушнал гласот на Христа: Савле, Савле, зошто ме гониш, па по краткиот дијалог со Бога, се покајал и се покрстил, добивајќи го името Павле.
 Можеби во ниедна друга православна земја не се зборува толку често против Христос, како што тоа се прави кај нас. Која е целта на ваквата пропаганда, ни е познато - тивко да се уништува православието на овие простори. Зашто ако не можат тоа да го направат со декрет, насилно, ќе го прават на поперфиден начин - убедувајќи го населението во земјава дека православната вера не е добра, зашто таа ни забранува некои работи: забранува да се прави абортус, да се користат лесни опојни средства, да се води љубов надвор од брачнат заедница, да се прељубодејствува, забранува проституција... Вешто ги одбираат зборовите, велејќи дека, ете, Црквата со своето учење не ги почитува нашите права, а го прикриваат фактот дека Црквата не забранува, туку подучува што не е од полза за нас. Тоа го прават и со испревртување на зборовите на Црквата, ги вадат од контекст, сакајќи да ги покажат како стереотипни. На пример, од толкувањето на старец Рафаил за заповедта од Декалогот: не прељубодејствувај, еден „експерт“ ја вади само реченицата „во сексот нема ништо благородно и радосно...“ Колку провиден обид! Отец Рафаил зборува дека прељубата не е добра работа, дека кога човек е воден од желбата за однос надвор од бракот, прави нешто што е неблагородно. Истиот „експерт“ потоа вели дека православните веручители не го оправдувале развратот и блудочинството? Па, зар тој на тоа ги учи своите деца? И замислете си, словесните битија - луѓето, „експертот“ ги споредува со бесловесните битија - животните, па вели дека како што им требаат на животните (пандите - во примерот), лекции по водење љубов, прикажани на видео касети, такви им требаат и на луѓето. Па, затоа се залага за воведување на сексуално образование во училиштата. Но тоа, всушност, не е темата на неговиот текст, темата е дека веронауката пречи за да се воведе сексуалното образование. Кога ќе го земеме предвид примерот со видео касетите и пандите, тогаш можеме да замислиме со што ќе биде исполнета програмата за предметот сексуално образование!? А уште поинтересно е кога ќе си замислиме каква реклама за повеќедетност ќе произлезе од инвентивноста на „експертот“ (тој очигледно со предметот сексуално образование сака да го стимулира раѓањето на повеќе деца кај народот): Рекламата почнува со исечок од порно филм, а потоа следи текст: научете да водите љубов, раѓајте деца!
      Господ е љубов. Он страда и ги трпи нашите напади, без разлика дали се директни, упатени кон Него, или, пак, се манифестираат преку нашите гревови. Но, како што вели еден современ светител, Николај Охридски, Он трпеливо, непрестајно и будно чека Савле да постане Павле. Да се поправаме навремено, зашто не се знае кога ќе дојде нашиот последен час. Навистина, по дарот на слободната волја, со кој Господ нè создаде, и кој Он апсолутно го почитува, сè ни е позволено, но не е сè од наша полза. Еден светител вели: Можеш да правиш што сакаш, но не можеш додека сакаш. Да нè чекаме да сфатиме во последниот момент, кога веќе ќе биде доцна, како што сфати царот Јулијан Отпадник, па паѓајќи смртно ранет од мечот на непријателот, извика: „Галилеецу (мислејќи на Господ Исус Христос), ти победи.“ 
        Бобан Митевски