Хулењето на „Еднооки“


 Што може да се каже за епизодата на хумористичната серија „Еднооки“, прикажана на 18. 01. 2009 година, освен дека ова дело на продукцијата „Контрабанда“ е вистински показател дека таму не се почитуваат никакви вредности, ниту, пак, се почитуваат чувствата на другите. За тоа што во континуитет се исмејуваат личностите и постапките на луѓето од јавниот живот, дали е тоа така или, пак, некој го интерпретира како му одговара за да има епизода, нема да говориме, туку само ќе ги посочиме зборовите на Господ Исус Христос упатени до луѓето што пред Него ја донеле жената фатена во прељуба (во тоа време Евреите за такво дело казнувале со каменување): Кој од вас е без грев, прв нека фрли камен на неа! (Јован 8, 7). Но да се исмејува Господ, Пресвета Богородица, светителите и црковното учење, без разлика дали тоа се става во контекст на луѓето и нивните дела, е недопустливо и повеќе од недолично.       
 Нивните зборови (читај нивното хулење), дело на „инвентивноста“ и „смислата“ за уметност на тимот на „Еднооки“, зборуваат и сведочат колкава е, всушност, нивната човечност, колку се професионални и сериозни: (Цитирам) „Чеда мои Божји, земавте ли резервација, (ова) причест...; Во Јордан ме причестуеше Јован Мобител, овај Крстител; И лично Исус Христос ме симна од крст, бидејќи ме распнаа за да ме причестат; И после со свети Никола се препраивме у Дедо Мразои и бевме по домови за деца; И после ја убедив Дева Марија да роди второ дете, и после трето и четврто; И после со Исус и со Христос (се прикажуваат две посебни личности) отидовме у Газа; И после со Архангел мизар (ова) Михаил; Јас, дедо попе, изградив нова црква и лично во неа ја породив Дева Марија, и сеа еве по дома го повивам Месијата; А јас, дедо попе, лично го убедив Господ да остварува и во седмиот ден и Он ми вети дека во недела ќе ја признае МПЦ“...
 Жал ми е што бев приморан повторно да ги ставам на очиглед на јавноста овие зборови, но само така ќе бидеме сведоци на тоа до каде може да отиде човекот и во што всушност може да се претвори.
 Во никој случај оваа реакција не е во насока да се жигоса тимот на „Еднооки“, да се покажат луѓето како грешници, нуту, пак, да им се испрати порака дека ќе горат во најдолните делови на пеколот, а најмалку дека ќе ги стигне казна од Бога. Тоа Православната црква не го прави, ниту го посакува. Темелејќи се на Евангелието и на преданието, го подучува секое свое чедо и го повикува на покајание и постојано се моли за него, но истовремено го чува и брани учењето за Бога. Затоа, ги замолувам, како православен христијанин, во иднина да не ги користат Бога, Богородица и светителите како материјал за својата смисла за хумор, не навлегувајќи во тоа дали нивниот хумор е, всушност, вистински хумор или, пак, „сеирџиство“, зашто на тој начин ги повредуваат чувствата на многу луѓе во земјата. Тоа дали тие се декларираат како атеисти, нека остане во нивната приватна средина, зашто сè додека го користат националниот медиумски простор, за кој сите ние плаќаме, било да сме верници или неверници, треба да внимаваат што прават и како прават. Во овој контекст го повикувам Советот за радиодифузија да ја разгледа работата на оваа емисија, имајќи го предвид не само ова, туку и другите елементи во „Еднооки“, како што се ликот кој пуши марихуана, или, пак, неправилната употреба на македонскиот јазик, бидејќи сето ова го гледаат не само возрасните, туку и децата.
 Дали продукцијата ќе се извини јавно, не е ни најмалку важно. Она што треба да направи е да не продолжи во иднина со ваквите постапки и да се покае за своите (не)дела. Доколку ваквата реакција не ги засегне луѓето што ја создаваат „Еднооки“, и нивниот одговор биде дека тој што не сака да гледа не мора да го прави тоа, тогаш ќе ги прашаме зошто воопшто прават серија, која не сакаат да биде гледана? За да биде нешто примено од гледачите, тоа треба да биде и корисно и правилно.

Бобан Митевски 

Посети: {moshits}