Hristos.preubav1.jpg


“Не лажете се еден со друг, откако веќе го соблековте стариот човек со неговите дела, и се облековте во новиот, кој се обновува во познанието, според образот на својот Создател, каде што нема ни Елини, ни Јудејци, ни обрезание, ни необрезание, ни варварин, ни скит, ни роб, ни слободен, а се и во се е Христос.” /Колосјаните 3,9-11/

Историскиот континуитет нема потреба да го прекинуваме, делиме и спротиставуваме, туку како конкретни личности да го насочуваме и приведеме кон повисока цел

Иако можеби треба да пишувам за теми кои се однесуваат за животот во Црквата Божја, сепак секогаш ме води мислата на големиот теолог о. Александар Шмеман, дека ништо не е изземено од љубовта Христова. А не се иззема ниту една секунда од времето,  ни милиметар од просторот, а со тоа и секој народ и секоја конкретна личност. Така и времето и историјата на просторот наречен Македонија и на народот наречен македонски не се иззмени од љубовта Божја, а таа историја како и секоја друга е насочена кон есхатолошкото исполнување на времето во Царството Божјо кое го предвкусуваме на секоја Литургија.
Изминатава седмица поминаа толку многу произволни неаргуменитарани ставови на личности од разни профили на тема континуитет и идентитет што се формулира во дебата антички Македонци в.с. Словени, па и обратно. Сакам на сите да им верувам дека ставовите што се изнесоа се во насока на избегнување на уште една поделба меѓу народот, и со цел да не ја нервираме Европа, можеби и светот пошироко, евентуално и севкупната Галаксија, бидејќи веќе на ваков начин почнале да се создаваат Македоноиди, или пак да покажеме некаква супериорност,  а уште повеќе да не го навредиме еден наш сосед кој единствено полага право на сета историја и секое име од после потопот во времето на патријархот Ное, па се до денес.  Тие луѓе меѓу кои немаше историчари, поставија прашање и си дадоа одговор, дали сте за античко-македонски континиуитет и идентитет, ако си за, тогаш се вршело десловенизација, односно автоматски си против  нашите словенски корени, исто и со спротиставувањето на античкта историја во однос на словенското наследство, на ваков начин сето тоа е чисто дневно-политичко, а не начуно-историско перцепирање. Наместо, континуитетот на македонскиот идентитет на овој простор да се остави да го истражуваат историчари, архелози, етнолози и филолози во интерес на научната мисла и човечкиот просперитет, повторно се контаминира научниот простор за кој се нема дури ни елементарно познавање, бидејќи последно нешто што е прочитано за историјата била историската читанка за ВИИИ одделение или во најдобар случај  историја за средно образование из шездесет и неке.... , и затоа некои бараат остатоци на Хималаите, а некои ја бранат чистотата на Карпатите. Па сега ако си за континуитет од антиката, тогаш си против словенскиот елемент во денешните Македонци, како и против се што е духовно и културно наследство на Словените во Македонија, што секако историски и фактички не е точно, и гледаме по нас според јазикот и писмото, духовниот живот и култура во рамките на византиско-словенскиот комонвелт, а ако си за Словените тогаш треба да те интересира се што е од почетокот на ВИ век до денес и ништо повеќе, што исто така не е точно, бидејќи се задржало името Македонија и Македонци. Вака поставено, ова заличува на лутите стрели од првите плуралистички кампањи во деведесетите, а пресликани од поделеноста според пропагандите во 19 век, кога не се смогнаа сили научно-истражувачки и со факти, еклектички да се извлече од секое парче на овој простор и од секоја видна историска личност, творештвото, доблеста и придонесот за она што го живееме денес и овде, и да се прифатат позитивните страни  на сите тие леви, десни, црни или бели. Па сега, пак сме на исто, бидејќи слабо ги учиме лекциите од историјата.

Во светот историски никогаш немало и нема да има чиста нација, народите живееле еден покрај друг, војувале меѓу себе заради нивните страсти, се мешале и развивале нови култури, но секогаш го превземале на себе името на територијата која што ја населиле, или името со кое тие се нарекувале, или ги нарекувал некој друг го наметнувале на територијата на која живееле, и на тој начин го развивале својот идентитет, ова важи и за нас. Зарем, за еден Англичанец има недоумици, дали е Келт, Саксонец, Нормандиец или Британец, не! Англичанецот ги прифаќа како дел од себе сите историски собитија што се случиле на просторот на кој живее или од каде што потекнува, а се нарекува Англија, според името на племето Англи. Го споменувам овој пример, зашто во Лондон играјќи баскет ни се приклучи и еден Англичанец кој не го познававме, на прашањето од каде сме, му одговоривме од Македонија, а тој ни одговори дека знае за нас од Библијата. Ако денес се изјаснувам и чувствувам како Македонец, не треба да се чудам дека се нарекувам со исто име со кое ги нарекувале сонародниците на Александар ИИИ и пред него другите иако генетски, како што реков, можеби немаме никаква врска,  или да заборавам дека со исто тоа име со кое се нарекувам денес, се нарекувале и оние кои му се јавиле на сон на светиот апостол Павле и побарале да ги просвети со Евангелието, и да ги крсти во името на Христа Спасителот, а и апостолот ги нарекува така како што се нарекуваме и ние денес /Дела Ап. 16,9-10/, или пак треба да го заборавам на светиот цар Јустинијан Први дека е од Таурисиум /с. Таор/, а неговата мајка од Бадариана /с. Бадар/, па и дека подигнал град во кое било и седиштето на Архиепископијата Јустинијана Прима во чија диецеза влегле сите дотогашни познати ранохристијански епископии од Македонија. Ако ова го познавам добро и не го заборавам, тогаш исто така не заборавам дека носам име, зборувам и пишувам на јазик кој го сочиниле светите Кирил и Методиј за да го познаеме Христа Богочовекот, и тоа не само ние на овие простори туку и сите Словени, и дека светите Климент и Наум продолжиле со нивното дело на темелите на Јустинијана Прима со Охридската Архиепископија, и така се до денес како Македонска православна црква. Историскиот континуитет нема потреба да го прекинуваме, делиме и спротиставуваме, туку како конкретни личности да го насочуваме и приведеме кон повисоката цел.

Нема потреба никој да се нервира заради нашиот конитнуитет и идентитет, бидејќи тој постоел и постои онаков каков што денес го чувствуваме - македонски, можеби некому малку му заличува на неодживеан романтизам, но за воља на вистината тој не беше доживеан во 19 век бидејќи по низа договори и конгреси се одлучи да го снема од географската карта 1913 година. А, денес исто така, нема потреба некој да се нервира само затоа што пак и пак се појави во светот на политичката географија под име кое сме го носеле и го носиме. Ние на овој простор не сме го родиле ниту национализмот, ниту фашизмот, ни пак комунизмот. Затоа, ние нема потреба некого да мразиме, а најмалку пак самите себе меѓусебно, а ако некој го видиме дека е нервозен, или во очај заради фактот што ние сме, какви што сме во негова близина, потребно е да се помолиме за него, и да му возвратиме со љубов, бидејќи за разлика од судот човечки и судот на историјата, сите сме еднакви пред Судот Божји пред Кого ќе застанеме не само сите одделно како личности туку и како народи, и самите ќе си пресудиме заради љубовта која сме ја покажале или не сме ја покажале кон ближниот.

  

Друго:

http://preminportal.com.mk/index.php?option=com_content&task=view&id=3961&Itemid=1&mosmsg=%D0%92%D0%B8+%D0%B1%D0%BB%D0%B0%D0%B3%D0%BE%D0%B4%D0%B0%D1%80%D0%B8%D0%BC%D0%B5+%D1%88%D1%82%D0%BE+%D0%B3%D0%BB%D0%B0%D1%81%D0%B0%D0%B2%D1%82%D0%B5%21