Ако се оттргнеш од моето архипастирско иго, ќе одиш во адот

Начинот на мислење на „оние што не проштеваат“ не само што не наликува на Христа, туку повеќе наликува на древниот хететски цар Телипину (околу 1500 год. пред Христа): „Во иднина, оној кој ќе ме наследи, … да не вели: Јас потполно проштевам. Не проштевај потполно никому“.

Но, некои луѓе историјата сепак ги научила на нешто. Австрискиот поет Ерих Фрид (1921 – 1988) му го посветил на теологот – антинацист, Хелмуд Голвицер, стихотворението: „Не од овој свет“ (Weltfremd).

    Оној кој мисли дека љубовта кон непријателите е непрактична,

    Тој не ги предвидел практичните последици

    И последиците од омразата кон непријателите.

Ајде да слеземе малку од барикадите и да се запрашаме: Што се случи? За што е спорот? Православните храмови во Украина нема никаде да заминат (ниту во Москва, ниту во Константинопол). Никој нема да ги уништи, ниту ќе ги принуди да се откажат од Православието.

Дури и самиот Сергеј Кравец, раководителот на црковно-научниот центар „Православна енциклопедија“ – човек образован и со голем опит во црковниот живот, реши да се покаже како потполно глупав и тоа преку официјалниот владин весник:

„И во врска со Светиите. Кај нас е еден и ист соборот на Светиите. Ама ете, за современата православна украинска жена ќе станат ли светите Ксенија Петербуршка, Матрона Московска и Дивеевските светии, светии на друга Црква? И ќе започне ли таа да се моли на некаква Олимпијада Константинополска? А Серафим Саровски утре за нив туѓ светител ли ќе стане? Тоа веројатно е нарушување на сакралното сознание на луѓето. Неверојатно грубо мешање во него“.

Какви стравови се овие? Никој не намерава да им забрани на Украинците да ги почитуваат руските светии. Но и почитувањето на Светиите не е задолжително. Секој може кога сака и на кого што сака да му пали свеќи. Што значи тоа „друга Црква“? Од кога другата автокефална православна Црква за христијанинот стана „туѓа“? Мачениците од првите векови не биле руски, тие за нас туѓи ли се? Св. Николај никогаш не бил под омофорот на Московската Патријаршија – и тој ли е сега „светија од друга Црква“?

Велат дека Филарет и Фанер го разурнале „единството на Црквата“. А во што е единството на Црквата? Тоа е во Христа. Во украинската караница Христос сепак, не е меѓу постраданите – на Христа ќе Му се молат во храмовите и тука и таму. Верата е една и иста. Спорот е само за едно: за кој Патријарх да се молиме; дали Московскиот или локалниот Митрополит да ги спомнуваме во време потполно идентично и за грчката Литургија.

И што ги интересира руските парохјани за кого ќе се молат Украинците? Има Бугарска Црква, таа си има Патријарх. И каква е користа од тоа за рускиот, московскиот или рјазанскиот мирјанин? Тој си летува на Златните песоци, влегува во храмот, се моли на црковнословенски јазик, ако сака – ќе се присоедини кон молитвата за бугарскиот Патријарх, ако не сака – ќе ја пропушти низ увото, или ќе се помоли и за него и за својот московски Патријарх. Што е тука проблемот?

Но, московските телевизии постојано потенцираат дека Украинците посегнале по нешто кое е крајно драгоцено за Московјанинот. Ги нарушија, ви се молам, нашите законски права! Но какви можат да бидат нашите законски права во друга земја? И пак ќе кажам – јавната молитва за Патријарх Кирил едвај ли да е толку скапа, како за рускиот така и за украинскиот мирјанин.

Единство ли? Да, на примитивно ниво, за личносното и општествено самосознание, многу важни се надворешните знаци на тоа единство – еднакви одежди, едни и исти песнопенија, еднакви икони. Но, задолжително ли е кај христијаните сѐ да биде така? Дури и самиот денешен Патријарх Кирил и некои други луѓе од „никодимовото гнездо“, во разговор со инославни пред повеќе години справедливо изјавија, дека екуменистичкиот дијалог нѐ учи да погледнеме подлабоко зад површните разлики, да го извлечеме длабинскиот код на нашиот заеднички христијански идентитет. Денес истите луѓе му ги пеат тие исти песни на муслиманите, но не и на православните.

Зарем православните христијани не можат да го почувствуваат своето единство ако во молитвата спомнуваат различни Патријарси? Зошто тие можат да го прават тоа без штета по своето единство во сите други земји, само не и во Украина? Зарем единството со сите станало помалку важно од спомнувањето на патријаршиското име?

Уште апостол Павле ги осудил оние кои наместо да се сметаат за Христови, започнале да се делат на групи: „Јас сум Павлов“, „А јас Аполосов“. Зар и по дваесет века се повторува истото – „Јас сум Кирилов“, „А јас Вартоломеев“?!

Ако некој патријарх преживува и се комплексира заради своето неспомнување некаде,  тоа си е проблем на неговата дијагноза. Каде е местото тука на сите останати Христијани? И самата Украина кого ќе навреди? Што полза има обичниот украински свештеник или мирјанин од видливото единство со Московската Патријаршија? Ништо, само проблеми.

Во одговор на тие прашања, апологетите на Московската Патријаршија велат: „Но Филаретовците се неканонски! Вартоломеј нема право да им проштева!“ За каноните ние веќе зборувавме.

Разговорот за „правото да проштеваш“ е разговор за пределот на „икономијата“. Кој од христијаните може да стави граница на прошката, снисходењето и трпението?

И останува голата политика. Велат дека Украинската автокефалија е удар врз „рускиот свет“. На кого во Русија или во РПЦ ќе му стежне тоа што во Киев има автокефалија? И од што на тој православен ќе му стане тешко?

Освен што е отежнато преминувањето на свештеници од Русија во украинските епархии и свештеници. Сега наместо решение, на епископот ќе му е неопходно и отпустително писмо од страна на Синодот.

Тешко ќе им стане само на групата кремљски мечтатели – геополитичари.

За нив „единството на Црквата“ е таа последна виртуелна нишка, околу која во тој поглед се зголемува полнотата на вистинското воено-државно единство. Сите забелешки за „обединувањето“ во врска со каноните, не се ништо повеќе од едно обично прикривање на нивните сопствени потполно земни и политички амбиции.

Таа верзија стана нешто повеќе од хипотеза кога Патријарх Вартоломеј ја објави содржината на својата тричасовна беседа со нашиот Патријарх од 31 Август 2018. Нашиот кормилар ја започна со политичка информација: како резултат на Шарената револуција против власта во Украина, дошло до неправилна и незаконска влада, но промосковските сили наскоро ќе ја срушат…

Значајно би било да се спомне овде и изјавата на збунетите гласноговорници на Московската Патријаршија. Еве што изјави поранешниот, но не сосема оддалечениот, прес – секретар на Патријаршијата, протојереј Владимир Вигилјански: „Моето сфаќање за ситуацијата со автокефалијата е дека тоа е крајно политичко прашање. Било каков канонски и црковно историски аспект на проблемот само збунува и намерно не води до решение“.

А еве го и неговиот наследник на тоа место, како раководител на патријаршиската прес служба, свештеникот Александар Волков: „Црквата – тоа е единствената институција која остана надвор од политиката, надвор од игрите на политичките технолози, надвор од скверниот световен човечки процес… Црквата секогаш останува над борбата на политичарите, над човечките страсти, обидувајќи се да најде зборови со кои ќе ги залечи страстите, ќе ве убеди да се задлабочите во себе, да застанете помеѓу спротивставените страни“.

Јас се согласувам со првиот оратор. Политиката на Московската Патријаршија е токму политика. И тоа многу жестока и несовесно манипулативна.

Она што се случува во животот на православните Украинци е гледано низ призмата на чистиот субјективен идеализам. Во светот на символите (а токму во тој свет живее религијата), човекот осмислува едни или други настани, и во зависност од во нив проектираните значења и вредности, ги насочува своите емоции. Те боли? Ако премногу си ја преценил внесената вредност, тогаш ќе ти се чини дека губиш нешто многу значајно.

Задачата на Московската пропаганда е да предизвика најмногу болка кај оние Украинци кои можат да ѝ го свртат грбот. Заради тоа треба да се придава значење, не на она што е на границата, туку на трансцедентната смисла на она што се случува и на можните промени. Тоа е границата меѓу животот и смртта, меѓу вечната погибел и вечното спасение, адот и рајот…

Марксизмот учи дека религијата со својата утешителна и илузорно – компензациска функција, им помага на луѓето да ги надминат реалните животни проблеми – и во тоа е суштината на нејзината животност. Но нашата Црква се научи на луѓето да им создава нови проблеми, постојано виктимизирајќи го сознанието на своите мирјани и создавајќи проблеми и во најмалите подробности од нивниот живот, принудувајќи ги ревносно да се жалат од нив.

Храната, половите односи, човечкото однесување, одморот, дури и сонот – сето тоа за „неповратното воцрковување“ станува многу посложено и проблематично, отколку во времето на поранешното неверие. И еве сега се покажува дека твојата вечна погибел се крие во твојата молитва, ако таа не е за тој кнез на Црквата.

Во ова се гледа вистинската нечовечност на пропагандата и политиката на Московската Патријаршија кон Украина. Нејзина цел е зголемување на болката, реско заострување на конфликтот, и отуѓување на луѓето. Разбирливо е дека верните Московски митрополити ќе ги засипат со вистински клетви – притоа „вечни“ и „патриотски“ – оние луѓе коишто ќе се оттргнат од нив. Егоцентризмот е потресен – ако се оттргнеш од моето архипастирско иго, ќе одиш во адот!


Затоа би го предложил патот на аксиолошкото спротивставување: не го примајте предложениот пропаганден систем на вредности и ориентири. Извадете го шлемот и разберете дека воздухот на планетава не е различен од оној со кој е напумпан вашиот скафандер. И загадувањата се истите, и кислородот е во истата количина. Луѓето се насекаде и секој си ја гледа својата работа. Епархиските кабинети, клисарите, дури и олтарите на храмовите во Московската Патријаршија, не се разликуваат квалитативно од аналогните објекти со други сопственици. Луѓето се исти насекаде. А Бог… Бог е слободен и дише каде што сака.

И верноста кон Христа не е сосема иста со верноста кон амбициите на туѓиот началник. Верноста кон Христа е верност кон Христа и кон никој друг. Со еден исклучок: Сам Христос во оваа формула решил да се замени Себеси со зборот „ближен“. А ближните не се кријат зад телохранители.

Ќе ја повторам својата формула на аксиолошка спротивставеност за Украина. Таа е дводелна. Во нејзиниот прв дел, неопходно е сите страни да кажат дека нема грев во тоа да преминеш во таа Црква што денес ја создава Константинопол; а вториот – дека нема никаков престап во тоа, да останеш во онаа Црква, која е дел од Москва во Украина.

 

 

Пишува: Протоѓакон Андреј Кураев

 Извор: http://religija.mk/31261-2/?fbclid=IwAR2jfd4TZstWqDF2SXZMaY-O2aDrZ6PyIDS1FSAURURc39ohN1I7uornI_s