Кон историјата на еден лажен цитат

Владимир ЛЕГОЈДА
"Населението се спротиставува, тоа сака да измисли свои несоцијалистички вредности, и ете ви го Розанов со бесмртностa на свинското размножување, ете ви го Берѓаев со неговото кукавичко тврдење за бесмртноста на душите: credo, quia absurdum".


krst.mraz.jpgОва се зборовите на А. В. Луначарски од статијата "Темнина“ (Тьма). Да ја оставиме оценката на философијата на Розанов и на Берѓаев на совеста на црвениот наркоман. Разговорот ќе го насочиме кон користењето на познатиот латински цитат – „Credo quia absurdum (est) – Верувам, зашто е апсурдно“, којашто традиционално му се припишува на христијанскиот философ Тертулијан (160-220 г.). Луначарски – исто така сосема традиционално – ги користи зборовите на Тертулијан во својство на цитат кој самиот себе се разобличува. Зашто, ете, и самите христијани признаваат дека нивната вера е спротивна на разумот, дека се заснова на бесмислица, на глупост, на апсурд. А во еден современ речник на изреки, на оваа фраза ì се дава следново толкување: „Формула која на драстичен начин ја одразува принципиелната спротиставеност на религиозната вера и на научното спознавање на светот и којашто се користи за карактеризирање на слепа, неразумна вера и некритичен однос кон сите нешта.“
Би се рекло – сосема правилно: верата си е вера, а разумот си е разум, и тие немаат ништо заедничко. Во што е, тогаш, заблудата? Каде е парадоксот?
Заблуда: што не рекол Тертулија?
Ќе почнам од најпростото: таков исказ не постои во делата на Тертулијан. Тој факт, патем кажано, не го порекнуваат ниту закоравените „цитатомани“, нарекувајќи го изразот „парафраза на зборовите на христијанскиот писател“.

Но, да го погледнеме текстот. Во книгата „За Христовата плот“ (De Carne Christi) Тертулијан го пишува буквално следното: „Синот Божји е прикован на крстот; јас не се срамам од тоа, зашто од тоа човек треба да се срами. Синот Божји умрел; тоа е сосема веројатно, зашто е безумно. Тој бил погребан и воскреснал; тоа е веродостојно, зашто е невозможно“. (На латински: "Et mortuus est dei filius; prorsus credibile est, quia ineptum est. Et sepultus resurrexit; certum est, quia impossibile").

Авторот размислува за она што ја превртело сета човечка историја и влегло во културата како Тајна на христијанството – за воскреснувањето на Христос.

Се разбира, за гледиштата на Тертулијан е мошне карактеристична мислата за тоа дека разумот, кој бара докази, и философијата, којашто се обидува да ја достигне вистината, всушност сите нешта ги извртуваат и ги заплеткува... Со таа негова теза, секако, може да се спори. Меѓу другото, и од христијанска позиција. Оние мислители од доцната антика, коишто црковното предание ги именува како „отци на Црквата“, всушност и се занимавале со создавање философски и богословски систем, облекувајќи го во оклоп на рационални расудувања она што, во символична форма, се содржело во Евангелието. А науката и религијата не се спротивни и сопернички начини на спознавање на светот, туку – различни. И во нешто се надополнуваат една со друга.  
 
Но, тука не станува збор за спорот меѓу науката и религијата, туку за прочуената фраза. И тука сите нешта се некако поинакви: многу подлабоки и посериозни. Ако, се разбира, не ја користиме парафразата од трактатот на Луначарски туку го следиме самиот Тертулијан.

Парадокс: што, всушност, сакал да каже Тертулијан

Христијанството го уништило паганскиот свет со незамисливи, неверојатни претстави за Бога, за човекот и за нивниот однос. Имено, токму тоа сака да го нагласи Тертулијан: идејата за крсната смрт, за искупувањето на гревовите и за воскресението му била толку туѓа на паганскиот свет, што паганинот едноставно не можел така да си го претстави Божественото Откровение. По многу векови, еден мислител вака ја искажал надчовечноста на христијанското откровение: „Безбројни и страшни се сомневањата на еден христијанин-мислител; но сите тие се победуваат со невозможноста да се измисли Христос“. Ете што не разбрал Волтер во својата прочуена мисла: „Ако не постои Бог, би требало да се измисли.“ Токму така – да се измисли -  стои во оригиналот на францускиот слободоумен мислите ("il faudrait l`inventer"). И токму тоа – измислување на Бога – е нешто што е невозможно за христијанското спознание, и што предизвикало восхит кај францускиот просветител.

Невозможно е, вели Тертулијан, да си претставиме дека Бог ќе биде убиен од страна на луѓето. Според сите мерила – човечки, пагански – тоа е апсурдно, тоа е срамно. Но, од тоа не треба да се срамиме, зашто христијанството ги надминува човечките мерила. Затоа она што е срамно во обичниот живот, она што е неверојатно од гледна точка на световната логика, може да се пресврти како спасение за човештвото. Како што се пресвртил и Крстот Христов – орудие на најсрамната казна во Римската империја. Казна на крстот, казна за робовите.

Безумно, нагласува Тертулијан, е да се поверува дека Бог може да умре – зашто боговите се бесмртни. Но Вистинскиот Бог доаѓа при нас, луѓето, на начин кој ниту еден мудрец не може да го замисли: не во силата и славата на Јупитер или Минерва, туку во образ на Страдалник. Ете зошто тоа е сосема веројатно: Бог доаѓа онака како што Тој сака, а не како што си замислува човек – колку и да ни изгледа апсурдно и бесмислено таквото доаѓање.

Невозможно е, продолжува Тертулијан, и да си го претставиме и погребувањето на Бога, и Неговото воскресение. Но таа невозможност е и најсилниот доказ за верата: не е тоа математички доказ на умот, не е природно-научен факт, којшто го лишува човекот од слободата на избор и за чие прифаќање е потребно одредено ниво на знаење и на интелект; тоа е потресното допирање до Тајната – без Која и надвор од Која нема никаква религија, без Која и надвор од Која нашиот живот се претвора во празно постоење, лишено од смисла и од цел.        

Евангелската историја не е измислена. Таа во принцип не може да се измисли. Ниту еден човечки разум, колку и да е изострен, не би можел на таков начин да го изобрази Бога, доколку сака да создаде нова религија. Имено, затоа и Ниче се бунел: Бог не воспоставува ред со железна тупаница, туку дејствува преку љубовта. И Самиот е Љубов. Имено, затоа и Толстој го измислил својот Христос кој, макар што не доаѓа во слава на римски император, сепак – користејќи ги зборовите на истиот тој Ниче – е само „човечка, премногу човечка“ измислица: проповедник-скитник, кој учи да се подаде левиот образ, ако те удрат по десниот. И кој умира на крстот. И сето друго... И нема спасение, и повторно мрак и темнина на адот. 

Христос не доаѓа како голем освојувач и поробувач. Тој доаѓа како Спасител на целото човештво Тој доброволно го прима врз Себе бремето на човековата природа (освен гревот!), и умира – за да воскресне. И со Своето воскресение ни го враќа животот...

Неколку века пред Тертулијан, за ова веќе пишувал Павле: „Оти и Јудејците сакаат знаци, а Елините бараат мудрост, ние, пак, Го проповедаме Христа распнатиот, Кој е за Јудејците соблазан, а за Елините безумство“ (1 Коринтјаните 1:22-23). Јудејците барале чудо – го очекувале Спасителот-Месијата кој ќе дојде и, избавувајќи ги од ропството на Рримската империја,  ќе го воспостави некогашното моќно царство Израилево. Елините барале мудрост – одејќи по Платона и по другите големи умови на антиката, се обидувале да се спознаат самите себеси и Бога одејќи по интелектуални патишта.

Ние, пак, го проповедаме Христа распнатиот – тоа е центарот, и смислата и содржината на ранохристијанската проповед: Бог станал човек, ја прифатил крсната смрт и на третиот ден воскреснал. Зашто само така можела да се исцели изопачената – од гревот – човекова природа. Зашто само така можела да ни биде подарена – повторно, како во Едем – бесмртноста, од која самите, по своја желба и по свој разум, се лишивме во истиот тој Едем. Зашто само така доаѓа Бог – на начин незамислив за човекот. И затоа вистинит. 

За Јудејците тоа Откровение е – соблазна, зашто Месијата не ги ослободил од бремето на омразените Римјани. За Елините е – безумие, зашто боговите се бесмртни.

За нас, христијаните, тоа е Пат, Вистина и Живот. И Љубов. Во Која е спасението. И тоа е вистина. Затоа што тоа „не може да биде“.

 

Журнал "Фома"

Подготви: д-р Драган Михајловиќ

Посети:{moshits}