Vecerna.Ksenija.jpg 

7. НИТРИСКИТЕ ПОДВИЖНИЦИ

Откако посетив мнозина светители и поживеав три години во манастирите околу Александрија, каде што видов околу две илјади многу ревносни луѓе, украсени со секаква добродетел, јас оттаму заминав во Нитриската Гора. Помеѓу оваа Гора и Александрија се наоѓа едно езеро, наречено Марија, тоа се простира околу седумдесет милји. Откако го препловивме, јас за ден и половина стигнав во Гората од јужната страна. Покрај оваа Гора се наоѓа една голема пустина, која се простира до Етиопија, Мазик и Мавританија. Во Гората живеат околу пет илјади луѓе, кои животот го живеат на различни начини, онака како што секој може и сака, така што таму може да се живее сам, или по двајца, или во група. На оваа Гора има седум пекари, кои им служат на потребите на овие луѓе, и околу шестотини отшелници, кои се длабоко повлечени во пустината. Бидејќи во Гората останав една цела година и примив многу корисно од блажените и преподобни отци: Арсисиј Големиот, Путуваст, Агион, Хрониј и Серапион, побуден од нивните големи кажувања за древните духовни отци, јас отидов во срцето на пустината.

На оваа Нитриска Гора постои една огромна црква, во чија близина се наоѓаат три палми и на секоја од нив виси по еден камшик. Првиот е одреден за казнување на монасите кои ќе згрешат, вториот за казнување на разбојниците ако наидат, а третиот за поправање на оние кои случајно ќе наидат, а кои паднале во некоја грешка. Така сите оние кои ќе згрешат, и ќе се види дека заслужуваат тепање, ги врзуваат за палмата, добиваат одреден број на удари и потоа ги пуштаат. Веднаш до црквата се наоѓа гостилницата, во која свое засолниште си наоѓа секој странец, за време на својот престој на оваа Гора, се дури самиот не реши да си замине, па макар неговиот престој да трае и две или три години. На таквиот му дозволуваат една недела да помине без работа, а потоа му одредуваат работа или во градината, или во лебарницата, или во кујната. Ако пак, странецот е образован човек, тогаш му даваат да чита книги, но не му дозволуваат со никого да разговара се до пладне. Во Гората живеат и лекари и аптекари. Тука се употребува и вино, и се продава. Сите овие луѓе себеси си прават облека со свои раце, и во тој поглед не знаат за сиромаштво. Кога ќе настапи вечерта, човек може да застане и да слуша како од секоја ќелија се слушаат славословија и псалми, пеени на Христа; и како молитвите се испраќаат на небото, та човек може да помисли дека се наоѓа над овој свет во рајот на сладоста. Во црквата се собираат во сабота и недела. При оваа црква има осум презвитери, но се дури е жив првиот презвитер, останатите ниту служат, ниту судат, ниту проповедаат, туку само живеат покрај него во безмолвие.
Големиот Арсисиј и со него многуте други свети старци () кои ги видовме, беа современици на блажениот Антониј. Од нив лично големиот Арсисиј ми раскажуваше дека го познавал и Амун Нитриски, чија душа ја беше видел големиот Антониј, кога ангелите ја примиле и вознеле на небото. Тој ми раскажуваше дека го познавал и Пахомиј Тавениски, кој имаше пророчки дар и беше архимандрит на повеќе од три илјади луѓе. За неговите добродетели ќе раскажам понатаму.

 

Издавач:

ЃаконијА

Скопје, 2002

Главен и одговорен уредник: Митрополит Брегалнички г. Агатангел

Преведе: ѓакон Игор Никовски

vozdvizenie.jpg

 

Паладиј, Епископ Еленополски- Лавсаик (6)