Понеделник 13 јули 2009

   Патријархот на Етиопската православна црква, Абуна Павел (монофизит) даде изненадувачко соопштение за време на својата посета во Италија за средба со папата Бенедикт XVI на крајот на месец јуни. „Наскоро светот ќе може да се возхити на ‘Ковчегот (Кивотот) на Заветот’, кој е опишан во Библијата (види Из. 37. 1-29) и кој ги содржи камените плочи (таблици) со Законот Божји, кои Бог му ги дава на Мојсеј и кои подоцна стануваат објект на историско истражување и пребарување” – искажал пред агенцијата Adkronos патријархот Павле, кој бил придружуван по време на својата посета од принцот Аклил Берхан Маконен Хајле и од војводата Амадео Д’акоста.
    „Кивотот на Заветот од векови се наоѓа во Етиопија”, искажал патријархот и додал: ”Како патријарх јас сум го видел со сопствените очи и досега само неколку големи научници биле удостоени со таа чест ”. Според патријархот Павле, вистинскиот Кивот се чува во една од етиопските цркви, но за да биде зачуван од кражба во секоја етиопска црква има направено негова копија. Тој исто така додал дека специјален музеј во кој ќе биде изложен Кивотот на Заветот е изграден во Аксум (Етиопија), а фондацијата на Д’акоста ќе го финансира проектот.
      Ковчегот на Заветот освен Десетте Божји заповеди ги содржи и жезолот на Арон и златниот сад со мало количество од маната, со која Божјиот народ се хранел за време на патувањето кон Ветената Земја (види Евр. 9:4) Библијата ни кажува дека Кивотот бил изработен согласно Божјите инструкции кои биле предадени на Мојсеј на планината Синај и после неговото изработување бил носен од свештениците пред народот и армијата. Особено познат е случајот со одбрамбените зидини на градот Ерихон, околу кои седум дена обиколувала поворка со Кивотот, и после тие седум дена зидините на Ерихон се срушиле самите при звукот на воените труби на еврејските племиња. Интересен е фактот кој се споменува во Из. 37:1, во кој се вели дека Веселеил го изработил ковчегот, додека пак во Втор. 10: 1-4, се говори за ковчег кој е изработен од Мојсеј. Веројатно Мојсеј изработил привременен Ковчег на заветот, додека после тоа Веселеил го изработува Ковчегот за постојано од дрвото ситим, кој бил опкован целиот со злато одвнатре и однадвор.

   Теоријата дека Ковчегот на Заветот се наоѓа на територијата на Етиопија а добро документирана, а нејзиниот почеток може да биде проследен со сигурност до 642 година од нашата ера. Преданието ни кажува дека Кивотот прво бил пренесен на Слоновиот Остров во Египет, а после тоа до остров Тана Киркос во Етиопија за после тоа да стигне во црквата „Св. Марија” од Сион во Аксум. Етиопјаните веруваат дека Кивотот треба да биде предаден на Месијата, кога тој ќе се возвеличи над Сион. Во својата книга пророк Еремија (3:16) ни укажува на времето, кога Кивотот ќе изчезне не само физички но и ќе биде заборавен од луѓето. Интересно е да се спомене дека според едно од движењата во исламот, малку пред крајот на светот Кивотот ќе биде најден од Махди – месијанска фигура, споредувана со Христос и Неговото Второ доаѓање.

По информација на Двери.бг, Adkronos, World Daily и др.

Превод: м-р Зоран Мамучевски