Светецот ги победи и Сталин и Пушкин

Александар Невски (1221-1263), кнез од 13 век, прогласен е за симбол на Русија

 

МОСКВА - Светецот Александар Невски (1221-1263), кнез од 13 век, прогласен е за симбол на Русија и руската нација во неделата доцна вечерта по повеќемесечното маратонско гласање на милиони граѓани од најголемата словенска земја. Цели три месеци граѓаните гласаа преку Интернет или СМС-пораки. Оние што се сеќаваат на средношколската историја, знаат дека Александар Невски во 13 век ги победи Швеѓаните кои, инспирирани од пораката на папата, тргнаа да го освојат Нижњи Новгород. Токму тој покажа голема мудрост и дипломатичност кога успеа да се договори со Хорда, па ја спаси ослабената Русија од уништување. По смртта, Александар Невски беше прогласен за светец. Нему му се припишува реченицата: „Господ не е во силата, туку во вистината“. Тој за време на војната со Монголите и со Татарите побара помош од Ватикан, но не сакаше да го прифати условот на папата за покатоличување. Тој со гордост му напиша на римскиот папа: „Ние го знаеме вистинското учење на црквата и не сакаме да го прифатиме вашето“.

Александар Невски е канонизиран во 1547 година, а оној преубав храм што се наоѓа во Санкт Петербург е изграден во негова чест. Покрај тоа, царицата Екатерина Прва во негова чест почна да дели ордени, кои беа едни од најголемите во Руската Империја. Интересно е и тоа што во третиот круг гласање за Александар Невски зборуваше и митрополитот Кирил (Бундарјев), кој сега е главен кандидат да го заземе испразнетото место на рускиот патријарх.

За Александар Невски гласаа 524.000 граѓани. На второ место на ранг-листата е реформаторот и претседател на владата на Царска Русија во првите години од 20 век, Пјотар Столипин, кој е запаметен по тоа што предлагаше реформи на село. За него гласаа само илјада луѓе помалку отколку за Невски. На трето место е советскиот диктатор Јосиф Сталин со 519.000 гласа, а дури на четвртото е писателот Александар Пушкин со 516.000 гласа.

Во финалното натпреварување влегоа и писателот Фјодор Достоевски, потоа царот Петар Први, водачот на рускиот и советски пролетеријат Владимир Ленин, војсководецот Александар Суворов, научникот Дмитриј Менделеев, царицата Екатерина Втора, како и царевите Иван Грозни и Александар Втори.

Проектот почна во мај годинава. Прво беа избрани 500 историски личности, од стари руски кнезови до покојниот претседател Борис Елцин. По смртта на Александар Солженицин, и неговото име се најде на списокот на великани. Интересно е тоа што во еден момент по бројот на гласови на врвот беше и познатиот актер на театарот на „Тагањка“ и воедно легендарен протестен поет на советската епоха, Владимир Висоцки.

Сосема е јасно тоа што на врвот од ранг-листата се наоѓаат луѓе кои се бореа за јакнење на руската држава, кога се знае дека Русите се чувствуваат како голем народ и слабоста на својата држава во времето на Борис Елцин ја доживуваа како понижување и трагедија. Во тој контекст мора да се гледа и големиот број гласови што ги доби Сталин и нешто помалку Ленин. Мал е бројот на оние кои ја оправдуваат Сталиновата тиранија и терор. Но, голем е бројот на оние во Русија, и тоа не се само постарите генерации, кои во Сталин гледаат пред се' човек кој победи во војната против фашизмот и создаде моќна земја без оглед на огромните човечки жртви.

 

 Утрински весник
Бранко Влаховиќ