09.12.2008 10:43
Рускиот патријарх Алексеј Втори почина во петокот наутро
 

Рускиот патријарх Алексеј Втори, кој почина во петокот наутро на 80 годишна возраст, погребан е денеска во Богојавленската црква во Москва. Во храмот „Христос Спасителот“ над 80.000 луѓе од изутрина се простија од патријархот.

Во тој храм се наоѓаат моштите на патријархот Сергеј и на Свети Алексеј, московскиот митрополит, чие име патријархот го презеде на замонашувањето и кого го сметаше за свој духовен покровител.

Во присуство на претставници од целиот христијански свет опелото го служеше вселенскиот патријарх Вартоломеј Први, заедно со околу 200 архиереи.

На привремениот поглавар на Руската православна црква, митрополитот Кирил, му се слоши за време на погребната церемонија, по што бил изнесен надвор. По кратката пауза, тој се вратил и ја продолжил службата.

На погребот присуствуваа и претседателот на Русија Димитриј Медведев, премиерот Владимир Путин, претседателите на Белорусија, Молдавија, Ерменија, Србија.

Од патријархот се простија членовите на руската влада, како и други политички и јавни личности. По опелото, по традиција, околу храмот помина литијата, по што ковчегот со телото беше однесен во Богојавленската црква.

Самиот чин на погребот беше од затворен карактер на кој присуствуваа само архиереите на Руската православна црква. Присуството на претставници на власта, јавни и политички личности не беше предвидено.

Руските државни телевизии директно ги пренесуваа случувањата од храмот Христос спасителот, а со указ на претседателот Медведев денес не се емитува забавна програма.

Во Амбасадата на Руската Федерација во Скопје денеска е отворена книга на жалост поради упокојувањето на поглаварот на Руската православна црква, патријархот Алексeј II.

Книгата на жалоста во Руската амбасада ќе биде отворена од 9:00 дo 13:00 часот и од 15:00 до 17:00 часот.

На погребот Македонската Православна Црква испрати своја делегација, предводена од митрополитот преспанско - пелагониски Петар и кичевско-дебарскиот епископ Тимотеј.


 Опело и погребение на Рускиот патријарх Алексиј II (09.12.2008)


Во соборниот храм на Христос Спасителот се отслужи опелото на Неговата Светост Патријархот Московски и на цела Русија Алексиј II. После церемонијата на простувањето со петнаесетиот поглавар на Руската Православна Црква, ковчегот со телото на патријархот на рацете на архиереите беше изнесен од храмот.

Во заупокоената богослужба учество зедоа поглаварите на помесните Православни Цркви – Патријархот Цариградски Вартоломеј, Грузискиот Илија, Романскиот Даниил, Архиепископот Атински и на цела Грција Иероним, Архиепископот Тирански и на цела Албанија Анастасиј, Митрополитот на Чешка и Словачка Хрисофор.

На опелото на Неговата Светост Алексиј исто така се молеа претставниците на помесните Православни Цркви: од Александриската Православна Црква – Митрополитот Аксукски Петар; од Антиохиската Православна Црква – претставник на патријархот Епископот Филиопополски Нифонт; од Ерусалимската Православна Црква – Митрополитот Капитолиадски Исихиј, од Српската Православна Црква – претставникот на Светиот Синод Митрополитот Црногорски и Приморски Амфилохиј; од Бугарската Православна Црква – Митрополитот Видински Дометијан; од Кипарската Православна Црква – Митрополитот Пафоски Георгиј; од Полската Православна Црква –   Архиепископот Лодзински и Познански Симон; од Православната Црква во Америка – Архиепископот Отавски и Канадски Серафим.

 

По завршетокот на опелото и церемонијата на простувањето со Неговата Светост Алексиј во катедралниот соборен храм на Христос Спасителот ковчегот со телото на починатиот поглавар на Руската Православна Црква беше пренесен во Богојавленскиот катедрален храм во Елохва.

Во литијата на пренесувањето на починатиот Поглавар на Руската Православна Црква одеа илјадници верни.

Последната заупокоена литија беше возглавена од Митрополитот Смоленски и Калиниградски Кирил, после која според неговата волја Рускиот патријарх Алексиј II беше погребан во Благовештенскиот дел на Богојавленскиот катедрален храм.

Над гробот е привремено поставен дрвен крст, на кој со златни букви е напишано „Неговата Светост патријарх Московски и на цела Русија Алексиј II. Сведоштвото твое да го спомне Господ Бог во Царството Свое“.

 

 

Извор: Патриархиа.ру