Aleksej.RPC.jpg
Причините се исти за односот на црковна Москва, но тие во суштина, сепак, се разликуваат: рускиот патријарх Алексиј Втори

Зошто Москва не ги признава Македонската, Црногорската,Естонската и Украинската црква

МОСКВА - Официјалните причини зошто Руската православна црква не ги признава Македонската, Црногорската, Украинската и Естонската православна црква се исти, но во суштината се различни. Во Москва строго се држат црковните канони и сметаат дека нова национална црква може да стане автокефална само со согласност од постарата црква со која дотогаш била во единство.

Поедноставно кажано, Македонската православна црква треба да ги реши своите проблеми со Српската православна црква, а кога Белград и Скопје ќе постигнат компромис, Москва би се согласила со нивната заедничка одлука. Раководството на Московската патријаршија многу пати досега зборуваше за важноста на словенското единство, бидејќи судири и поделби никому не му користат, туку им штетат на сите народи.

Рускиот став кон Македонската православна црква е добро познат и со години не се менуваше. Како и раководството на Русија, рускиот патријарх и неговите најблиски соработници имаат позитивен и пријателски однос кон македонскиот народ. Никогаш никој во Москва не рекол ништо лошо за Македонците и за нивната црква. Што се однесува до споровите меѓу Белград и Скопје, раководството на Руската православна црква секогаш повикувало на дијалог и барање заедничко решение.

Само оние што не ја познаваат деликатноста на односите меѓу автокефалните цркви можат да го постават поедноставното прашање: зошто Москва не го натера Белград да ја признае Македонската црква? Москва не може да го направи тоа, бидејќи нема механизам на субординација, а и таа има спор со Украина. Покрај тоа, во Москва никој не би сакал да ги расипува односите со Србија и Србите поради Македонската или Црногорската црква. Зошто Белград не сака да ја признае автокефалноста на Македонската православна црква најдобро е да зборуваат претставниците на СПЦ. Тие најдобро знаат кои се вистинските причини за попречување на тоа признавање, од што ниту една страна нема полза, туку само штета, бидејќи тоа може да биде само дополнителна причина за нетрпеливост и меѓусебно обвинување.

Што се однесува до Црногорската православна црква, на чие чело се наоѓа Мираш Дедеиќ, таа црква нема никакви контакти со Москва и тешко дека ќе ги има во блиска иднина. Бројот на верниците и храмовите што ги има е минимален, а на другата страна митрополитот црногорски Амфилохие Радовиќ е добредојден гостин во Москва.

За односите со Естонската православна црква во Русија воопшто и не се зборува, што е најдобар доказ дека тоа прашање малкумина воопшто го сметаат за актуелно. Односите на Московската патријаршија со Украина се многу комплицирани, уште повеќе што човекот кој прв се обиде да создаде Украинска православна црква во советско време беше кандидат за патријарх на Руската православна црква. Интересно е како би се однесувал митрополитот Филарет доколку тој, наместо Алексиј, седнеше во фотелјата на московскиот патријарх.

Колку се комплицирани односите меѓу РПЦ и раководството на Украина, како и оној дел од православното население што бара автокефалност, покажа неодамнешното празнување во Киев на 1.020-годишнината од преземањето на христијанството, кога киевскиот кнез Владимир по враќањето од Константинопол реши да го крсти својот народ и го презеде христијанството во Киев. За жал, политиката се вмеша во прославата и и' даде негативна димензија. Големиот судир меѓу украинскиот претседател Виктор Јушченко и рускиот патријарх Алексиј Втори се покажа во вистинска светлина и сигурно ги залади односите меѓу Киев и Москва уште повеќе. Во познатата Киевско-печорска лавра на Владимирскиот Рид, каде што се наоѓа првиот машки православен манастир, претседателот Јушченко ги дочека двајцата патријарси. Со патријархот Вартоломеј Јушченко се бакна трипати, според православниот обичај, а со рускиот патријарх Алексиј Втори само се ракуваше.

Илјадници верници кои дојдоа на празник во Киевско-печорската лавра скандираа „Алексиј, Алексиј“, изразувајќи приврзаност кон првиот човек на Руската православна црква, кој е поглавар на сите верници и свештенството во 10.000 храмови што и' останаа верни на Московската патријаршија.

Свечената литургија заедно ја водеа московскиот патријарх Алексиј Втори и Вартоломеј Втори Константинополски. Покрај рускиот патријарх, постојано беше и митрополитот Киевски и на цела Украина, Владимир, кој му е верен на московскиот патријархат.

Во Украина постојат три православни цркви. Од 11.233 цркви, огромно мнозинство и' се потчинуваат на Московската патријаршија. Украинската црква, т.н. киевски патријархат, има неспоредливо помал број верници и храмови и неа ја води митрополитот Филарет Денисенко. Третата православна црква во Украина е т.н. Украинска автокефална православна црква. Двете „расколнички“ цркви не ги призна ниту една православна црква во светот.

По прославата и инцидентот што се случи, многумина го поставуваа прашањето: што е помудро за Москва? Дали е подобро да и' даде автокефалност на Украинската православна црква или и понатаму да се држи до сегашните позиции и да одржува блиски односи со оние свештеници и верници кои сметаат дека и' припаѓаат на РПЦ иако живеат во Украина. Од друга страна, има и такви кои предупредуваат дека „расколниците“ во Украина би можеле за свој патријарх во првата етапа да го признаат оној што седи во Константинопол, доколку тој се согласи со тоа.

дописник од Москва
Бранко Влаховиќ

Извор: Утрински весник

Посети: {moshits}