Aleksij.patrijarh.jpg
 
Алексиј Втори ова им го порачал на српските митрополити на средбата во Москва


„Наша општа и заедничка задача е да го закрепнеме единството во православието“, истакнал патријархот московски и на сета Русија г. Алексиј Втори на средбата со српските духовници Амфилохиј и Иринеј. Средбата се одржала завчера во Московската патријаршија. Не се прецизира на чија иницијатива се одржал состанокот, но факт е дека во текот на разговорот со српските архијереи патријархот Алексиј го отворил прашањето за состојбата на православието во Македонија.

Како што се наведува на официјалниот сајт на Московската патријаршија, „освен во Украина, Естонија, Молдавија, Црна Гора, и во Македонија се разгледувал широкиот круг на теми за меѓуправославните односи, прашања и состојби во православието“.

Иако не се прецизира многу за што конкретно станало збор, сепак, од изјавата на патријархот Алексиј Втори, во која тој бара да се зачува православното единство, се гледа конзистентноста на руската црковна политика кон македонското црковно прашање.

Несогласувањето на рускиот патријарх за воведување паралелна црковна јурисдикција во Македонија кое лично, па дури и писмено му го предочил и на српскиот патријарх Павле, и овој пат повторно било истакнато. Поконкретно, било посочено дека нема решавање црковни спорови во православието со примена на крајно спорниот механизам на воспоставување паралелна јурисдикција.

Инсталирањето паралелни цркви го разнебитува единството во православниот свет, а случајот со таканаречената паралелна црква на Вранишковски во Македонија е најдобар пример за тоа. Токму затоа рускиот патријарх Алексиј Втори на средбата со митрополитот црногорско-приморски Амфилохиј, кој подолго го менува болниот српски патријарх Павле, како и со епископот бачки Иринеј Буловиќ, не случајно го истакна закрепнувањето на единството во православието.

  Во соопштението објавено на сајтот на Московската патријаршија се вели дека „претставниците на Српската патријаршија, исто така, ја истакнале важноста на единството на вселенското православие како сведоштво на евангелските вредности во светот“.

Според неофицијалните информации со кои располага „Утрински весник“, дознаваме дека митрополитот Амфилохиј, за да го убеди рускиот патријарх Алексиј Втори во кооперативноста на Српската православна црква, посочил дека и покрај замрениот дијалог меѓу Македонската православна црква и СПЦ, тој, наводно, имал средба со македонски високи духовници. Дали имало контакти меѓу архијереите на двете соседни цркви, во Македонската православна црква ниту демантираат ниту потврдуваат.

 Билјана Јовановска- Утрински весник


Митрополитот смоленски и калининградски Кирил се сретна со архиереи од Српската Православна Црква (27.09.2008)


На 25 септември 2008 година во Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија, Митрополитот смоленски и калининградски Кирил се сретна со Митрополитот црногорски и приморски Амфилохиј, Епископот бачки Иринеј и со Епископот моравички Антониј, со претставникот на Српската Патријаршија при Московската Патријаршија. Во текот на срдечниот братски разговор беа разгледани прашања во врска со односите меѓу двете Цркви и меѓуправославните односи воопшто, положбата во косовскиот крај.

Митрополитот Кирил ги запозна гостите со позицијата на Руската Православна Црква по однос на неодамнешните случувања на Кавказ и им зборуваше за опитот од миротворните дејствија со Грузиската Православна Црква во деновите на воениот конфликт во Јужна Осетија. Тема на особено разгледување исто така беше црковната положба во Украина. Беше спомната и црковната ситуација во Република Македонија.

Во разговорот учествуваше и секретарот на ОВЦС по меѓуправославни односи протоереј Николај Балашов.

Извор: Патриархиа.ру