СВЕТА ГОРА НЕ СМЕЕ ДА ГО ЛИМИТИРА БРОЈОТ НА НЕГРЧКИ МОНАСИ


Барањето на вселенскиот патријарх мириса на ширење национализам!


Ова го изјави Владиката Тимотеј, кој смета дека планот на Константинополската патријаршија во иднина негрчките монаси да бараат дозволи за населување во гркофонските манастири се коси со принципот на вселенското православие. Идентично мислење има и отец Партениј од Бигорскиот манастир и самиот светогорски искушеник кој, меѓудругото вели: "Јас верувам и би сакал да верувам дека споменатото писмо е резултат единствено на политички притисок"


Монаштвото на Света Гора мора да најде начин да го надмине проблемот што пред нив го исправи вселенскиот патријарх Вартоломеј со барањето кое пред речиси два месеци го испрати до монасите, строго да водат сметка за бројот на странски, негрчки испосници на оваа територија. Вака, македонските свештеници го коментираат планот на Константинополската патријаршија чија намера е во иднина да издава дозволи за населување на негрчките монаси" во гркофонските манастири.

Во очекување на одлуката на Светиот Кинот на Света Гора од каде беше најавено дека писмото ќе го разгледуваат по велигденските празници, митрополитот Дебарско - кичевски, Владиката Тимотеј цени дека ваквиот став на Патријархот наликува на ширење на национализам на територија позната по братскиот живот.
- Оваа изјава или порака на вселенскиот патријарх по однос на намалувањето на бројот на монаси кои се примаат на Света Гора, а се од негрчките народи се коси со принципот на вселенското православие. Тоа малку мириса на етнофилетизам или на национализам. Но, верувам дека монаштвото во Света Гора ќе најде начин да го надмине овој проблем во духот на верата и љубовта, изјави за ВЕЧЕР владиката Тимотеј. Тој додава дека на овој начин ќе се засени братскиот карактер на Света Гора, познат по хармоничниот духовен живот меѓу испосници од Грција, Русија, Романија, Бугарија, Србија, Македонија, буквално од целиот свет. Идентичен став има и архимандритот на Бигорскиот манастир, отец Партениј и самиот светогорски искушеник.
- Општопознат факт е дека Светата Гора Атонска, која отсекогаш била под јуриздикција на Вселенската патријаршија, низ долгите векови на нејзиното постоење како монашка заедница го задржала својот сеправославен карактер, бидејќи во неа живееле и се подвизувале монаси од сите народности. Така останало и до наши дни, а истото треба да продолжи и во иднина. Затоа, гледајќи го стремежот на вселенскиот патријарх да биде духовен водач на сите православни, како прв меѓу еднаквите, стремеж и грижа што може да се препознае во секоја Негова беседа и обраќање до чедата на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, јас верувам и би сакал да верувам дека споменатото писмо е резултат единствено на политички притисок, изјави отец Партениј.

Како што веќе објавивме, грчкиот портал Ромфеа.гр повикувајќи се на сопствени доверливи извори објави дека Светиот Кинот на Света Гора добил опширно писмо од вселенскиот патријарх Вартоломеј Втори, во кое е изразена неговата загриженост во врска со обидите за автономизација" на Света Гора и измената на нејзиниот изглед" преку неконтролираниот и неограничен прилив на монаси кои не се со грчко потекло. Тој побарал строго да се води сметка, бројот на странските монаси да не го надминува процентот од десет отсто. На овој начин, фактички се воведува забрана за населување на странци на Света Гора, затоа што во моментов, според црковни извори, бројот на монаси со негрчко потекло е далеку над десет проценти од вкупниот број монаси. Руските црковни портали пак, коментираат дека писмото на Вселенскиот патријарх отвора многу прашања, особено во времето кога Фанар зборува за својата борба со филетизмот (национализмот) во Црквата". Што ќе реши Светиот Кинот на Света Гора ќе се дознае наскоро, бидејќи посланието на патријархот се очекува наскоро да биде ставено на дневен ред.


Елизабета АРСОСКА- Вечер

 http://www.vecer.com.mk/default.asp?ItemID=EFA983BF08998C41ACCD29E5325843EA