Stefan.zaBozik1.jpg

Схиархимандрит ИЛИЈА (Ноздрин):
„ГОСПОД НЕ ПОСТАПУВАЛ СПРОТИВНО НА ВОЛЈАТА НА УЧЕНИЦИТЕ, И ТОА НЕ СМЕЕ ДА ГО ПРАВИ НИТУ ЕДЕН ДУХОВЕН УЧИТЕЛ“

Вистинските задачи и грешки на духовното раководство, изборот на свештеник способен да стане вистински учител за човек кој допрва ѝ пристапил на Црквата - речиси и да нема посложени теми за разговор. Овие сложени прашања журналот „Фома“ („Тома“) ги поставил на еден од најпознатите и најавторитетни духовници на нашето време, на оптинскиот старец Илија.

- Батјушка, кажете ни зошто на човек, кој штотуку ѝ пристапил на Црквата, му е потребно духовно раководство, и во што треба да се состои тоа раководство?

- На духовниот живот треба да се поучуваме, и тоа е најважното учење во нашиот свет, без кое нашето општество е изгубено. Погледнете до што сѐ нѐ довело безбожието, откажувањето од животот според заповедите. Не случајно во средината на минатиот век нашиот свет се нашол на работ на исчезнување и на атомска катастрофа, односно во оние години кога на ТВ ветиле дека наскоро ќе го „покажат последниот поп“. И денес тероризмот, сатанската омраза, деградацијата на нашето село - сето тоа има еден ист корен, којшто води до оние континуитети во духовното искуство без кои не можеме да живееме нормално. Тоа не само што го одбива човекот од спасението во вечен живот, туку и го разрушува нашиот секојдневен социјален живот.

Задачата, пак, на духовното поучување се состои во тоа да се возобнови и зацврсти традиционалното пренесување, зачувување и умножување на духовното искуство. За важноста на овој вид служење зборува макар и тоа што во Евангелието самиот Господ Го нарекуваат Учител. Зашто, самиот Тој ни дал пример: Спасителот одел по Палестина со учениците од место во место, и постапувал како и другите учители во тоа време, не само во Израил, туку и во Атина и на Исток. Со самото тоа Христос ни покажал дека за духовно поучување не се потребни удобни кабинети, туку дека може да се поучува и на гола карпа. Најважно е - што се поучува и како се прави тоа.

Христијанството на ова ни дава јасен одговор. Нашата вера, богатството на нашиот духовен живот се стекнува, пред сѐ, преку директно општење со Бога, односно преку молитвата, со која човекот ја зацврснува својата вера, и без која - според зборовите на св. Теофан Затворник - теориските знаења и образованието не вредат могу. Но, истовремено, тоа не го негира значењето на знаењето, коешто, исто така, претставува неодвоив дел од духовниот живот, и коешто човекот во никој случај не може да го пренебрегне. Зошто денес имаме толку многу проблеми, меѓу другото, и во духовниот живот, во барањето духовник? Сета несреќа е во отсуството на православно воспитување, во отсуството на знаењето од областа на богословието. Ако детето уште во детството макар малку разбере што е тоа духовен живот, што е вера, ќе може да избегне многу грешки.
 Да се поучува на духовен живот значи да се соединува молитвата и образованието. И, секако, треба да ни е јасно дека духовникот не може за пет-десет минути да му го пренесе на човек она за што, при нормален духовен живот, се потребни повеќе години. Оти често се случува некој, пристапувајќи ѝ на Црквата, да стекне впечаток дека веднаш може да стане свет, да добие особени духовни дарби од Бога. Но, тоа не оди така...
Молитвата, обраќањето кон Бога, треба да се поврзе со образованието, со стекнувањето знаење и со промените што се случуваат во секојдневниот живот.  Духовникот е тој што треба да ги насочува тие промени, но самиот не може да му пружи многу на човекот, доколку овој не е подготвен да го прими тоа. Духовникот може нешто да објасни, но, како што е кажано во евангелската сторија, сеачот сее, а потоа доаѓаат птици и ги колват зрната, и човекот повторно останува празен. Човекот и неговиот духовник треба заеднички да работат, да бидат сотрудници. Само во таков случај може да се зборува за  вистински духовен раст на човекот. 

- Се смета дека духовникот треба да го научи човекот да мисли самостојно, самостојно да расте духовно. Но, голем број луѓе претпочитаат целосно да му се препуштат на свештеникот, да се советуваат со него дури и за тоа, какви ѕидни тапети треба да купат. Многумина го осудуваат такивот начин на откажувањето на  мирјанинот од својата волја. Дали тоа навистина е неправилно?

- Човекот треба да ја запази својата волја и самиот да донесува одлуки, бидејќи единствено самиот тој може во својата душа да донесе конечна одлука. 

Зарем Господ не можел да го избави Јуда од предавството? Се разбира дека можел. Но, зошто тогаш не го направил тоа? Затоа што тоа можело да се направи единствено на сила. А принудувањето за Бога, за Божјата светост, е незамисливо. Принудното добро не може да биде добро. Зошто бил распнат Спасителот? Тој целиот свет можел да го направи идеален и без тоа, можел да направи на земјата да не остане ниту еден порок, и човекот да нема никакви материјални потреби. Но Господ можел да го направи тоа само со принуда, не почитувајќи ја човековата слободна волја. Тој не го сторил тоа, и им ја оставил на луѓето можноста самите да избираат меѓу доброто и злото. 

Нашиот социјален живот на човекот му дава готови знаења, готово искуство, но човекот самиот решава како ќе го користи тоа. Така е и во духовниот живот. Господ ни дава, преку својата искупителна мисија, преку крстот, можност да ги победиме нашите слабости, да се бориме со ѓаволот. Но, единствено со слободна волја можеме да ја користиме таа можност. Господ за нас го создал светот, ги создал законите според кои живееме, ни ја дал водата, храната, сето она што ни е потребно. Но, како ќе живееме во тој свет е условено, пред сѐ, од нашата волја, нашиот труд и нашето знаење. А потоа е важно и тоа нашиот живот да го устроиме така што да ги запазиме Божествените поставености, и тоа според слободен човеков избор.

- А ако духовникот отворено ја прекршува човековата волја, ако се обидува да казнува, а не да поучува?

- Тогаш тоа не е духовник. Тука нема што да се каже, зашто сѐ е кажано во Евангелието. Погледнете како постапувал Спасителот, како постапувале апостолите. Така треба да постапува и духовникот. А ако тој не постапува според Писмото, ако не ги следи евангелските заповеди и се обидува да принудува... како тогаш тој може да биде духовен учител на еден христијанин

Секако, човекот треба да се поттикнува тој да се промени, треба да се коригира и да се насочува, но во ниту еден случај не смее да се потиснува неговата личност.

- Некои луѓе избираат духовник од манастир, без притоа макар и да ѕирнат во црковниот храм којшто е блиску до нивниот дом...

- Повторно, погрешно е човек да бара нешто отаде морето, мислејќи дека таму ќе најде нешто подобро. Старецот Силуан вели дека на човекот, ако верува во духовникот, Господ преку духовникот му открива мудрост, без оглед на тоа колку е мудар духовникот и колку е тој учен или искусен. Тука на човекот, кој сака да разбере нешто, му е потребна поголема доверба во Бога. Ако постои доверба во Бога, тогаш Божјата благодат на човекот му го открива она што тој го бара.
- Привлечноста на манастирската средина за новообратениот човек во голема мера е поврзана со тоа што се смета дека патот на монахот е поправилен, поспасителен, а животот на мирјанинот се претставува како некаква своевидна „полумерка“.
 
- Животот на монахот и на мирјанинот, секако, сериозно се разликуваат. Тоа се два различни пата, но тие во подеднаква мера водат кон главната цел на човековиот живот: кон спасението на душата и кон соединување со Бога.

Ако човекот замине во манастир, тој целосно го посветува својот живот на спасението на душата. Неговиот живот се состои од молитва и од послушание, коешто треба да стане составен дел од животот на секој монах. И тука, патем кажано, улогата на духовниот раководител, степенот на потчинетоста на монахот на духовникот треба да се значително поголеми.

Но и животот на мирјанинот е потчинет на истата цел - на спасението. Разликата е само во тоа што кај мирјанинот таа е поврзана со други обврски: обезбедувањето на семејството, воспитување на децата, со други важни богоугодни грижи. Освен тоа, во животот на човекот којшто не се оддалечил од светот, се среќава множество световни искушенија, но тоа не само што е дополнителна опасност, туку и дополнителна можност, шанса, зашто, совладувајќи ги тие искушенија, човекот стекнува бесценет духовен опит.

Важно е да се има на ум дека Господ знае на кого какви искушенија да прати. Не постои човек кој не може да се спаси. Затоа, избирајќи го својот пат, треба да се има на ум дека и патот на монахот и патот на мирјанинот се подеднакво спасителни, и дека е важно изборот да се направи осмислено, без брзање, тргнувајќи од своите внатрешни приоритети. И изборот треба да се изврши според својата совест, според Божјата правда.


 - Што, тогаш, треба да прави човек кој штотуку влегол во Црквата и го бара својот духовник? Како да направи правилен избор?

- Важно е да се има на ум дека нашиот свет лежи во зло, дека сите ние сме грешни по падот на Адам во грев, и дека секој човек и секој духовник имаат свои гревови. Целосен идеал не постои.

Навистина, има луѓе со поголемо знаење и со духовно искуство, кај кои можеме да пристапиме за духовно раководство. Но, треба да се биде внимателен при изборот, имајќи на ум дека дури и добар духовник може да не ви соодветствува. Дури и мошне учен и искусен духовник може да не одговара на одредени чисто човечки критериуми, и вам ќе ви биде мошне тешко да ги изградите взаемните односи. Затоа е важно да се процени сѐ, па во таа смисла и човечкото совпаѓање.

Потребно е да се напомене што велел св. Теофан Затворник за почетокот на духовниот живот на човекот. Што е Царство Небесно? Тоа е богоопштење, чистота на душата и Божја благодат. Да се очисти себеси од гревовите и лично да се сврти кон Бога - тоа е главната причина заради која човекот стапува во Црквата. И ако човекот се научи на покајание, на промена на душата и ако се навикне на молитва, тогаш тој може да живее раководен од кој било духовник, може сам да дејствува, самостојно да врши избор во полза на доброто, да се стреми кон него. Ако, пак, не се научил - никаков духовник нема да му помогне.

Важно е, исто така, да не се заборава, при своето доверување на духовникот, самостојно да се оценува тоа што духовникот ќе го каже. Нужно е да се споредат зборовите на духовникот со зборовите од Евангелието, со учењето на Отците на Црквата, со нејзините соборни одлуки, коишто треба да се проучуваат и разбираат. Никаков  авторитет на духовникот не може да ги прекрива и да ги менува.

И, секако, човек кој ѝ пристапил на Црквата, треба постојано да се моли, зашто општењето со Бога е главното нешто кон коешто се стреми секој христијанин.


Журнал „ФОМА“ No. 12 (92), декември 2010.
http://www.foma.ru/article/index.php?news=4873

 

Подготви: д-р Драган Михајловиќ