Современи свети старци Порфириј и Пајсиј

Го имам чуено следниот настан: „Еден млад човек се заплеткал со некој бајач и се занимавал со магија. Потоа претрпел штета, се разболел и стигнал до болница. Неколку месеци потроши татко му, бидејќи тогаш немаа здравствено осигурување, за да видат што му е. Лекарите не можеа да му најдат нешто. Настана хаос. Што направи тогаш ѓаволот! Му се појави како Чесниот Претеча Јован, кого што го имаа како семеен закрилник, и му вели: ,Ќе те оздравам, ако изгради татко ти црква‘. Детето му го кажа тоа на татка си и тој кутриот рече: ,Дете ми е, колку имам ќе дадам, само да оздрави‘, и вети дека ќе му изгради црква на Чесниот Претеча.

Ѓаволот си замина и детето оздраве. Направи… чудо! Еден ден таткото рече: ,Ветив дека ќе изградам црква. Треба да го исполнам таксаното‘. Не беа моќни финансиски, и, за да го изгради храмот, ги продаде сите ниви што ги имаше. Го даде сиот свој имот. Неговите деца останаа на улица. Се разгневија, ,пусто да остане Православието‘ рекоа, и станаа Јеховини секташи. Гледаш што прави ѓаволот? Се чини, таму немаше Јеховини, па ѓаволот најде начин и таму да се појават!…“

„Некогаш ѓаволот може да земе облик на некој човек или некој светител и да се појави во нечиј сон. Еднаш му се јави на еден човек во ликот на свети Арсениј и му рече: ,Јас сум свети Арсениј. Дојдов да ти кажам дека ќе умреш. Ме слушаш? Ќе умреш‘. Човекот се потресе. Никогаш еден светител не зборува на тој начин со болен човек. И ако случајно умира еден човек и му се јавува еден светител да го извести за неговата смрт, ќе му го каже тоа на добар начин: ,Бидејќи виде Бог како се мачиш, затоа ќе те земе од овој свет. Гледај да се подготвиш‘. Никогаш нема да ти рече: ,Ме слушаш? Ќе умреш!‘“

- Старче, од соништата може ли некој да предвиди нешто што ќе му се случи?

- Не, не им давајте значење на соништата. Било да се пријатни или непријатно, не треба никој да им верува, зашто постои голема опасност од опрелестување (духовна себеизмама). Деведесет и пет проценти од соништата се лажни. Затоа светите отци велат да не им даваме никакво значење. Мал број на соништа се од Бога, но и таквите, за да ги протолкува некој, треба да има чистота и други предиспозиции…

(Старец Пајсиј, Поуки)

- Старче, верувам многу во соништа и кога ноќе ќе сонам некој сон, за кого верувам дека е некаква порака, целиот нареден ден сум вознемирена, бидејќи се плашам дека нешто лошо ќе ми се случи, како вчера, на пример, кога видов во сон риби.

- Да не им придаваш никакво значење на соништата. Оди сега во рибарница, купи си риби, испржи ги и да ги изедете. Тоа да го правиш секогаш со соништата.

(Старец Порфириј, Клитос Јоанидис, стр. 299 од грчкото издание)

Превод од грчки јазик:

Свештеник Јани Мулев

Извор: Ортодоксија и ортопраксија

 Друго:

  •  „Гледате, ако во душата постои макар сенка на помисла дека вашите сонови биле нешто посебно, тогаш ќе има неволји. Не се сеќавам кои отци зборуваат за соновите. Тие не им биле наклонети. Погледнете кај Варсануфиј и Јован, и кај Лествичник. Ми се чини дека има и кај Исак Сирин.
  • За соновите немам што да ви кажам. Историски е потврдено дека постојат сонови од Бога, потоа сопствени сонови, како и сонови од ѓаволот. Како да се распознаваат – просто не знам што да кажам, дури ни отприлика. Одлучно може да се каже само тоа, дека соновите спротивни на православното христијанство треба да се отфрлаат. И уште: не е никаков грев да не се поверува на соновите кога недостасува увереност. Соновите од Бога, кои треба да се исполнуваат, биле испраќани повторно...

Совладувањето на сонот е дар Божји. Кога за вас би било неопходно да бидете избавени од оваа слабост, Господ одамна би ви го одзел сонот. Но сепак не го одзема? Сигурно тоа не би било корисно за вас. Но, тоа во секој случај не е затоа да би спиеле, туку за да имате со што би сте се бореле. Тоа ви е вежба за духовна сила.“-  Соновите- св. Теофан Затворник