БЛАГОСЛОВОТ БОЖЈИ ВО ЦРКВАТА


Презвитер Игор Калпаковски


 


 
Животот на Црквата и животот на секоја поединечна личност во Црквата е незамислив без благословот. Секоја активност, секое дејствување на Црквата започнува и завршува со благослов. Благословено е царството на Отецот и Синот и Светиот Дух се почетните зборови на главната служба на Црквата –Литургијата, а со благослов и завршува секоја служба. Со него започнува личниот живот – бременоста на жената е наречена благословена состојба – тој е во основата на сите поважни мигови во животот на секоја личност. Се благословуваат храната и пиењето, домот во кој ‘ивееме, просториите каде што работиме, се благословува и осветува секоја твар. Благословот го повикува осветувачкото дејство на Божјата благодат врз тој, тие или тоа што се благословува, сведочи за оригиналната добрина и убавина на благословуваното, укажува на свештената смисла и цел, дава благодатна сила да се реализира таа свештена смисла и да се постигне целта, го избавува и штити созданието од секое демонско дејство, го утврдува битието во рамките на неговиот оригинален добар начин, во рамките на неговата оригинална добра состојба на постоење. Благословот го среќаваме во неколку значења:
– се појавува како синоним за пофалба и славење на Бога; на пример – Ќе Го благословувам Господа во секое време; похвала за Него секогаш има во мојата уста(Псал. 33, 1) или познатиот псалм 102. – Благословувај Го, душо моја, Господа, и целата моја внатрешност да го благословува Неговото свето име.– благословувањето се користи за да се изрази желбата сите добри дарови од Бога да му бидат дадени некому или да бидат поврзани со некоја твар; на пример

 – Ќе јадеш од плодовите на рацете свои: блазе тебе и добро ќе живееш. Жената твоја во домот твој ќе биде како лоза плодовита, синовите твои – како новонасадени маслини околу трпезата твоја. Ете, така ќе биде благословен оној човек, кој се бои од Господа (Псал. 127, 2-4).
– благословот означува осветување и посветување на личност или твар за некоја свештена цел; на пример – Исус зеде леб и го благослови (Мат. 26, 26). Така и свети Василиј Велики, во неговото 27. правило, вели дека „благословот е предавање на осветување“.

Благословот прв пат го среќаваме во расказот на Мојсеј за создавањето. Во петтиот ден од создавањето, кога биле создадени животните, го слушаме следниов благослов: И ги благослови Бог, велејќи: плодете се и множете се, и наполнете ја водата во морињата, и птиците небески да се множат на земјата (1. Мој. 1, 22). А еве како го толкува ова свети Јован Златоуст: „Благословот се состои во тоа животните да се размножуваат. По создавањето на созданијата кои во себе имаат душа, Му било угодно на Творецот тие да постојат постојано... И тој збор, тоа слово Божјо досега ги пази; поминало толку време, и ниту еден нивни пород не ослабнал.

Благословот Божји и тоа слово: плодете се и множете се, им дале способност без прекин да го продолжуваат своето постоење.“ Понатаму, кога се зборува за создавањето на човекот во шестиот ден, ги слушаме следниве зборови: И ги благослови Бог (мажот и жената), и им рече: Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата, и господарете над неа, и овладајте ги рибите морски, и ѕверовите, и птиците, и сиот добиток, и со целата земја, и со сите животни
што лазат по земјата (1. Мој. 1, 28), во врска со што истиот автор вели дека спецификата на благословот даден на човекот е власта над сè што постои. А кога се заврши создавањето: го благослови Бог седмиот ден, и го освети (1.Мој. 2, 3). „А што? – вели Златоуст – Зар претходните денови не биле благословени? Се разбира дека биле. Но за нив, наместо благослов, доволно било што во секој од нив биле создадени созданијата. Затоа и не е кажано за нив: го благослови, туку тоа е кажано само за седмиот ден, и уште е додадено: и го освети. Што значи: и го освети? – Го издвоил.“ И потоа продожува Златоуст со тоа дека е одредено еден ден во седмицата да им посветуваме на духовните нешта.

Структурата на зборот, исто така, служи како показател на смислата: „благо“ е црковнословенски збор за „добро“, а „слов, слово“ значи „збор, исказ, говор“ (и „буква“, но не во даденава употреба). Грчкиот пандан „евлогиа“ ја има сосема истата структура („ев“ и „логиа“). Значи – „добар збор“, „добро искажување“, „добро зборување“. Се разбира, „добро зборување“ не (само) како барање на моралот, не (само) како административна дозвола или барање на дисциплината (за сè што е поважно во Црквата се бара благослов).

Зашто, гледаме дека врз основа на благословот и тоа слово, тој збор, живите созданија „без прекин го продолжуваат своето постоење“. Бог ја создава вселената  Силата на зборот, словото, е она што му ја дава најдлабоката содржина на благословот. Зашто Словото, всушност, е второто лице на Света Троица, нашиот Бог, и за Него светиот евангелист Јован вели: Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога и Бог беше Словото... сè стана преку Него(Јован 1, 1 и 3). Се разбира, не треба да сфатиме дека Бог е безличен збор – што е и само по себе апсурд, зашто зборот мора да биде искажан од некое лице, од некоја личност– туку дека името Слово е едно од највисоките имиња на Неименливиот, на Бога. Грчкиот пандан на зборот „Слово“ на ова место е „Логос“, а овој термин грчките философи го користеа за да го означат самиот подмет и динамиката на постоењето, Нешто (во христијанството –Некој) што проникнува низ сè што постои, што одржува сè што постои, што му ја дава и смислата на постојното.Евангелистот Јован вели: сè стана преку (низ) Него, зашто Словото е Творецот или Сотворецот (Кокреатор).
Затоа и додава: без Него ништо не стана, што стана .

Така, ако Црквата зборува за благословот, пред себе ја има оваа длабочина. Кога Бог ги благословува животните и човекот, со благословот им дава, пред сè, цврста и сигурна основа на нивното постоење. Рече Бог... и стана, се вели многупати во расказот за создавањето, и тоа Слово, Темелот на сè што постои и низ Кое сè е создадено, е основа на верата на Црквата дека постоењето никогаш нема да престане. Зашто Бог не се премислува. Искажаниот збор од Бога значи сигурна и непроменлива намера, трајност, вечност, зашто е израз на Неговата непроменлива волја. Вечниот Бог искажува зборови чија сила е вечна. Истото важи за благословот, даден преку збор – ги благослови Бог, велејќи – кој исто така значи и давање на смисла, задача, упатство.
Светото Писмо зборува за благословот и на многу други места. Кога Ное излегува од Арката, прима благослов од Бога (1. Мој. 9, 1) и тој благослов го наследува неговото потомство преку синовите Сим и Јафет.


Постојат многубројни сведоштва дека праксата на благословување во времето на патријарсите била мошне важна.Поглаварот на секое племе или главата насемејството бил оној кој го дава благословот. Подоцна, гледаме дека давањето благослов им е оставено на свештениците: Кажи му на Арона (првосвештеникот) и на синовите негови (свештениците): така да ги благословувате синовите Израилеви и говорете им: ‘да те благослови Господ и да те чува! да погледне милозливо кон тебе Господ со светлото Свое лице и да те помилува; да го сврти Господ кон тебе лицето Свое и да ти даде мир!.. и Јас, Господ, ќе ги благословам (4. Мој. 6, 22-27).Воопштено зборувајќи, благословот и тогаш се сметал за знак на Бо‘ја милост, заштита и мир. Благословувањето во Новиот Завет е усвоено од Исуса Христа, Кого свети Павле Го нарекува вечен (прво)свештеник по чинот на Мелхиседека (Евр. 7, 17; или целата 7. глава во врска со Христовото свештенство), па така Го гледаме како ги благословува децата (Мат. 19,13-15; Марко 10, 16) и апостолите при Неговото вознесение на небесата (Лука 24, 50-51). Исто така, Тој не еднаш ги благословува апостолите со мир (на пр. Јован 20, 19.21.26 и на многу други места). На тој начин, благословот уште во најраното време влегува во црковната историја, создавајќи ја атмосферата во која се одвива сиот живот на Црквата.

Благословот има и една очистувачка функција. Иако секое творение Божјо е добро и ништо не е за отфрлување (1.Тим. 4, 4), последиците од падот на човекот во грев се проширени на сите живи битија, а и на неживите, кои во рацете на злите духови стануваат инструменти за заблудување на луѓето. Оваа трагедија на еодушевената, неживата природа ја опишува блажениот Павле во Посланието до Римјаните: И тварите со нетрпение го очекуваат прославувањето на синовите Божји, зашто и тие не и’ се покорија на суетата доброволно, туку по волјата на Оној, Кој ги покори, а со надеж дека и тие самите ќе се ослободат од робството на распаѓањето при славното ослободување на синовите Божи. Оти знаеме дека сите созданија заедно со нас воздивнуваат и тажат досега (8, 19-22). Оној, Кој ги покори е Бог, Кој, како што видовме на почетокот, преку благословот му ги покори сите созданија на човекот, ставајќи ги во зависност од неговата судбина. Злото за човекот е зло и за созданијата – заедно со нас воздивнуваат и тажат – и доброто за човекот е добро и за созданијата – со нетрпение го очекуваат прославувањето на синовите Божји. Ако го имаме предвид ова, лесно ќе разбереме зошто Црквата настојува сè да вклучи во сферата на благословот Божји: сите луѓе и сите аспекти на човековиот живот, останатите живи битија, но и неживата природа, и тоа преку словото Божјо и со молитва, зашто на тој начин сè се осветува(сп.1Тим.4,5).


ПРАВОСЛАВЕН ПАТ


Благословот е во основата на сите поважни мигови во животот на секоја личност. Се благословуваат храната и пиењето, домот во кој живееме,просториите каде што работиме, се благословува и осветува секоја твар.