„Kаква одбрана или изговор ќе имаме, кога, поради нас, Тој доаѓа од небото, а ние дури и не ги напуштаме своите домови да дојдеме кај Него? Мудреците беа странци и туѓинци од Персија. Сепак, тие дојдоа да Го видат кога Тој лежеше во јаслите. Можеш ли ти, христијанин, да не оддвоиш малку време и да уживаш во оваа благословена глетка? Ако се претставиме себеси во духот на верата, тогаш нема двоумење дека ние навистина ќе Го видиме додека Тој лежи во јаслите. Зашто, Престолот на  жртвеникот го зазема местото на јаслите. И сигурно, Господовото Тело ќе лежи на тој жртвеник, не повиено во пелени, како што беше по Неговото раѓање, но целосно завиткано во Светиот Дух. Оние што се ревносни, сфаќаат што велам. Мудреците Му се поклонија, но тоа беше се`. Ако твојата совест е без дамка кога ќе пријдеш, ќе ти дозволиме дури и да го примиш тоа Тело, а потоа да си отидеш во домот свој. Затоа, пријди и донеси ги даровите свои, не дарови како оние што донесоа мудреците, но дарови, кои се многу посвети и многу повеличествени. Мудреците донесоа злато; ти донеси дух смирен и праведен. Тие донесоа темјан (смирна); ти мораш да понудиш чисти молитви, кои се темјан за душата. Тие донесоа миро; ти мораш да донесеш понизно и покајно срце, заедно со твојата милостиња.“

 

Свети Јован Златоуст

 

превел од англиски: протореј-ставрофор Бранко Постоловски