Bogorodica.ER

 

              Господ во Своето Свето евангелие не учи, дека сатаната кога ќе го најде човекот изметен и празен, кога ќе го најде срцето неплодно, тогаш зема со себеси уште седум други духови, полоши од себеси, и влегува и се вгнездува во него, правејќи ја на тој начин последната состојба на тој човек полоша од првата (сп. Лука 11, 25).

Од ова треба да сфатиме дека се додека Светиот Дух живее во нас, се дотогаш, сатаната не може да влезе во длабочината на душата и да живее таму. Но, и божествениот Павле учи вака за разбирање на оваа вистина. Сознавајќи го ова од искуството во животот, тој вели: „Со својот внатрешен човек наоѓам наслада во законот Божји, но во органите свои гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме прави заробеник на гревовниот закон, кој е во моите органи“(Рим. 7, 22-23).

А за оние што преуспеваат во духовниот живот, апостолот понатаму вели: „Сега нема никакво осудување за оние кои се во Исуса Христа и кои живеат не по телото, а по Духот, бидејќи законот на духот, кој дава живот во Христа Исуса, не ослободи од законот на гревот и на смртта“(Рим. 8, 1-2). И на друго место пак, за да покаже дека сатаната војува против душата, која станува учесник во Светиот Дух, вели: „И така, стојте откако ќе се опашете со вистина и се облечете во оклопот на правдата, и нозете да ви бидат обуени во приправност, за да благовестите мир, а над се земете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги угасите сите стрели на лукавиот; земете го и шлемот на спасението и духовниот меч, кој е словото Божјо“(Ефес. 6, 14-17).

Но, заробувањето е едно, а борбата нешто сосема друго; заробувањето значи некакво насилно грабнување и потчинување под своја власт, а борбата е укажување на рамноправно противставување во взаемната борба. Затоа апостолот и вели оти ѓаволот ја напаѓа душата со огнени стрели кај оние души што Го носат во себеси Господа Исуса Христа. Зашто и обично бива така: ако нашиот противник не можеме да го дофатиме со нашите раце, тогаш против него употребуваме стрели, оддалеку да го раниме со стрелата што лета.Така и сатаната, бидејќи не може да се вгнезди во умот на подвижниците, затоа што во нив е присутна Божјата благодат, тој го напаѓа земното тело, така што и умот, подложен на телесните похоти може да го фати во стапиците на сладострасноста и да го собори.

Од самите зборови на апостолот лесно можеме да се увериме, дека умот на подвижниците е под дејство на божествената светлина, поради што му робува на Божјиот закон и се насладува со него. Телото, пак, поради својата паднатост, е подложно на злото, им cе потчинува на лошите духови; затоа и им робува на лошите внушенија. Од ова јасно се гледа дека умот не е заедничко живеалиште и за Бога и за ѓаволот.

Инаку, како јас со својот ум би робувал на Божјиот закон, а со телото на законот гревовен, ако умот мој со сета своја слобода не би им се противставувал на демоните, покорувајќи му се на доброто дејство на Божјата благодат врз него, а тогаш телото бива привлекувано со миризба на неразумните страсти поради тоа, како што реков, што дозволило во него да се вгнездуваат лошите духови . Затоа, апостолот вели: „Јас знам дека во мене, односно во моето тело, не живее доброто“(Рим. 7,14) . На тој начин, оние кои преку своите подвизи му се противставуваат на гревот, зашто апостолот не го говори ова за себеси, демоните се борат со умот, а се трудат телото да го разнежнат и да го вовлечат во похоти.

Според праведниот Божји суд, на демонот му се дозволува да се крие во длабочината на телото и кај оние, коишто силно се борат против гревот, затоа што слободата на човечкото мудрување непрестајно е изложена на искушенија.

Ако некој уште во овој живот, преку своите подвижнички трудови може да умре, тој најпосле целиот станува дом на Светиот Дух, зашто таквиот ќе воскресне уште пред смртта, каков што бил и самиот апостол Павле и какви што биле и какви што се сите оние што се подвизувале и што се подвизуваат против гревот.


Блажени Диадох

 


https://pravoslavenistocnik.mk/
(ДОБРОТОЉУБИЕ)

fbpravoslaven istochnik