SV.Isak.Sirski1


                Има и еден друг вид искушенија. Тоа се искушенијата поради малодушност и недостиг на трпеливост. Секоја тешка положба и секоја жалост, ако немаме трпеливост, водат кон двојно измачување, бидејќи трпеливоста во човекот ги одбива страдањата, а малодушноста е мајка на измачувањето. Трпеливоста е мајка на утехата и сила која му дава широчина на срцето. Тешко може да најде човек ваква сила во своите страдања, без Божјата дарбина, која се придобива со постојана молитва и проливање на солзи.
           Кога на Бога Му е угодно да го стави човекот во големи страдања, тогаш тој допушта човекот да падне во рацете на малодушноста. И тоа ја раѓа силата на очајанието, кое ја победува неговата сила. Тој тогаш чувствува дека неговата душа бива задушувана; ова е вкусување на пеколот, зашто од него потекнуваат илјада искушенија: збрканост, раздразнетост, хула, жалење на својата сопствена судба, лоши мисли, преселување од една земја во друга и друго слично на ова.
Причина за сето ова е твојата мрзливост. Ти самиот не си се погрижил да се излекуваш од ова. Лекарството од сето ова е смиреното срце.
            Без него никој не може да ја урне преградата на овие зла. Сообразно со смиреноста се дава трпеливоста во страданијата; сообразно со трпеливоста се олеснува тежината на жалоста и се дава утеха; сообразно со утехата се зголемува љубовта спрема Бога; а сообразно со љубовта, се зголемува радоста во Светиот Дух.

Бог не ги одзема искушенијата од своите слуги, туку им дава трпеливост во искушенијата, заради нивната вера и преданоста на Божјата волја.


Свети Исак Сирски


Православен Источник ·

 

 

Друго:

,,Казната за лажгото не се состои во тоа што другите не му веруваат, туку во тоа што тој самиот не може никому да верува..'
Старец Паисије Светогорец