sv.Efrem.Sirin4

             И сега, после многу години на самоисправање, кај мене има уште многу нечисти помисли: завист, лоши желби, самоугодување, угодување на стомакот, гневливост, славољубие, среброљубие.
             Јас сум ништо во себе, а се сметам за нешто; припаѓам во бројот на лошите луѓе, а се трудам да си придобијам слава на свет човек; живеам во гревови, а за свет сакам да ме сметаат.
              Јас самиот сум лажливец, а против лажливците зборувам; со помисли се осквернувам, а против прељубодејците станувам; ги осудувам крадците, а на сиромасите навреди им нанесувам; чист се покажувам, а душата цела ми е нечиста; во црквата стојам на почесно место, а и за последното не сум достоен; чест барам да ми се оддава, а за бесчестие сум достоен; пред жените љубезен се правам, а пред богатите – побожен.
                Кога сум навредуван се одмаздувам; кога ме изобличуваат – се лутам; се гневам – кога ме мамат; ги презирам повисоките од мене, а лицемерам, кога пред нив стојам; на достојниот чест не сакам да му дадам, а јас, иако недостоен, за себе почести барам.
Нема да ги опишувам мислите што секој ден ги имам, грижите за земната суета, мрзливоста во молитвата и страста да озборувам. Нема да говорам ни за моето одење во црква на свој сопствен начин, за задоцнувањата што намерно ги правам, за бараните среќавања, за лицемерните разговори со жени побожни, за ненаситноста во примањето на дарови, ласкањето – за да добијам повеќе.
Ете, ваков е мојот живот и вакви се моите недостатоци.


Св.Ефрем Сирин


Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ – Том II

 

Православие.Мк †