SV.Siluan.Atonski.kp
          „Душата не може да има мир ако не се моли за непријателите. Душата што научи да се моли од благодатта Божја, ја љуби и ја сожалува сета твар, а особено човекот, заради кого Господ пострада на Крстот, со болка во душата заради сите нас.
Господ ме научи да ги љубам непријателите. Без благодатта Божја, ние не можеме да ги љубиме, но Светиот Дух нè учи на таа љубов.
И тогаш ги сожалуваме дури и демоните, што отпаднаа од доброто, го загубија смирението и љубовта спрема Бог.
Ве молам, проверете сами. Ако некој ве нажалува, или ве бесчести, или ви одзема нешто, или ја прогонува Црквата, тогаш молете Му се на Господ, велејќи:
          „Господи, сите ние сме Твое создание. Помилуј ги слугите Твои и обрати ги кон покајание”, и тогаш во душата ќе имаш благодат.
Најнапред принуди го своето срце да ги љуби непријателите. И Господ гледајќи ја твојата добра желба, ќе ти помага во сè, и ќе се научиш преку опит. А оној што мисли лошо за непријателите, ја нема љубовта Божја, и не Го познава Бог.
Ако се молиш за непријателите, тогаш ќе имаш мир. А ако ги љубиш непријателите, тогаш знај дека голема благодат Божја живее во тебе.
           Уште не може да се зборува за совршената љубов, но тоа е доволно за спасение.
Ако ги напаѓаш своите непријатели, тоа значи дека лошиот дух живее во тебе, и ги вметнува лошите помисли во твоето срце, оти, како што рече Господ, од срцето излегуваат лоши или добри помисли.
           Добриот човек вака размислува:
          секој кој отпаднал од вистината, загинува, и затоа го сожалувам. А оној што не е научен на љубовта преку Светиот Дух, конечно    нема да се моли за непријателите.
Оној што е научен на љубовта од Светиот Дух, цел живот тагува заради луѓето што не се спасуваат.
И пролева многу солзи за народот, и благодатта Божја му дава сила да ги љуби непријателите.
Ако немаш љубов, тогаш барем не ги напаѓај и не ги проколнувај. И тоа е веќе добро. Во оној кој проколнува и се кара, живее лошиот дух. И ако не се покае, тогаш по смртта ќе отиде таму каде што пребиваат лошите духови. Господ нека ја избави секоја душа од таквата беда.
            Разберете! Тоа е толку едноставно. Ги сожалувам луѓето што не Го знаат Бог, или Му се противат.
Срцето ме боли за нив. И од очите се леат солзи. Ние знаеме и што е рај, и што е пекол: тоа го познавме преку Светиот Дух. Ете и Господ има кажано: „Царството Божјо е внатре во вас” (Лука 17, 21).
Така, уште тука почнува вечниот живот. И вечната мака исто така.
Заради гордоста се губи Божјата благодат, а заедно со неа и љубовта спрема Бог и смелоста во молитвата. И тогаш душата се мачи од лошите помисли, и не разбира дека треба да се смири и да ги љуби непријателите, бидејќи поинаку не е можно да Му се угоди на Бог.
          Ти велиш: „Непријателот ја прогонува нашата Света Црква.
          Па како да го љубам?”
          А јас на тоа ќе ти одговорам:
         „Твојата бедна душа не Го познала Бог.
Не познала колку многу Он нè љуби, и колку желно чека да се покајат сите луѓе и да се спасат.
Господ е љубов, и го даде Светиот Дух на земјата, Кој ја учи душата да ги љуби непријателите и да се моли за нив и тие да се спасат.
Ете, тоа е љубов.
           А ако ги судиш според делата, тогаш тие заслужуваат казна”.
Слава Му на Господа што Он нè љуби толку многу и ни ги простува гревовите, и што ни ги открива Своите тајни преку Светиот Дух.“

Свети Силуан Атонски

 

 Избор од фб профил на Ana Janeva