SV.Kiril.Erusalimski


НЕДЕЛА НА РАСЛАБЕНИОТ

1. Потоа беше празник јудејски, и се искачи Исус во Ерусалим.
2. А во Ерусалим, при Овчата порта, има бања, по еврејски наречена Витезда, со пет тремови.
3. Во нив лежеа мнозина болни, слепи, хроми, суви, кои очекуваа да се раздвижи водата,
4. зашто одвреме навреме во бањата слегуваше ангел Господов и ја раздвижуваше водата; и кој прв ќе влезеше по раздвижувањето на водата, оздравуваше од
каква и да било болест да боледуваше.
5. Имаше таму и еден човек, кој боледувал триесет и осум години.
6. Исус, кога го виде како лежи и штом узна дека од многу години боледува, му рече: „Сакаш ли да оздравиш?”
7. Болниот Му одговори: „Да, Господи! Само немам човек што ќе ме спушти во бањата кога ќе се замати водата; додека, пак, јас дојдам, друг слегува пред мене.”
8. Исус му рече: „Стани, земи ја постелката своја и оди си!”
9. И веднаш оздраве човекот, ја зеде постелката своја и одеше. А тој ден беше сабота.
10. Заради тоа Јудејците Му рекоа на исцелениот: „Сабота е и не треба да ја земаш својата постелка!”
11. Но тој им одговори: „Оној, што ме излекува, ми рече: »Земи ја постелката своја и оди!«“
12. А тие го прашаа: „Кој е човекот што ти рече: »Земи ја постелката своја и оди?«“
13. Но исцелениот не знаеше кој е, зашто Исус се беше отстранил, оти на тоа место имаше многу народ.
14. А потоа Исус го сретна во храмот и му рече: „Ете, сега си здрав и не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо!”
15. А човекот отиде и им кажа на Јудејците дека Исус е Оној, што го излекувал. (Јован 5, 1-15)
                                        ☦️☦️☦️

Сакаш ли да оздравиш? Христос го прашал болниот. Каква сила и милосрдие? Лекарот дава помош на желбата! Зашто спасението е од верата, затоа на раслабениот му било речено "сакаш ли" та по неговата желба да следи и дејство. Тоа може да го изрече само Христос, а телесните лекари не се во сила тоа да го кажат.
Раслабениот вели: "Сакам да оздравам но си немам човек". Гледаш ли Христос се јавува таму каде што недостасувало спасението? Многумина од болните си имале домови, исто и познати, блиски - раслабениот, вистински угнетен од секаква беда немајќи можност да добие помош однадвор, оставен во целосна самотија, добил помош од Единородениот Божји Син. Кого чекаш при бањата? Пред тебе е Оној, Кој оди по водата, ги запира ветровите, го скротува  морето.


Нему му вели раслабениот: "Немам човек што ќе ме спушти во бањата" а Спасителот му вели: "Зошто го чекаш раздвижувањето на водата? Исцели се без нејзино раздвижување! Зошто чекаш видливо раздвижување?" И заповедта со збор се исполнува побрзо од еден замав! Загледај се во чудотворството на изворот и познај Го во плот видливиот Бог - не го гледај видливото, туку тоа, што се извршува од видливиот!


"Немам човек што ќе ме спушти во бањата, кога ќе се замати водата" - вели страдалникот. Исус пак, му говори: "Зошто го очекуваш ништожното- зошто бараш исцелување во вода? Стани! - ти вели Воскресителот. Спасителот насекаде и за сите и за сѐ: за гладните - леб, за жедните - вода, за болните - лекар, за грешниците - искупување, за мртвите воскресение!

Свети Кирил Ерусалимски



Христос воскресе!

 

Избор од

фб профил на

Јасмина Паноска

 

 23ти мај 2021 лето Господово

 

Друго:

 

Од Верскиот календар:

 

Свети Кирил, архиепископ Ерусалимски   

Роден е во Ерусалим во времето на Константин Велики, а умре во времето на Теодосиј Велики (315 г. – 386 г.). Во 346 година го посветија за свештеник, а во 350 г. го наследи на престолот блажениот ерусалимски патријарх Максим. Трипати го симнуваа од престолот и го испраќаа во прогонство, додека најпосле во времето на Теодосиј не го вратија, па проживеа мирно уште осум години и Му ја предаде душата на Господ.

Тој имаше две тешки борби: од една страна со аријанците кои се засилија во времето на Константиновиот син Констанциј, а од друга во времето на Јулијан Отстапник, со самиот цар отпадник од верата и со Евреите. Во времето на силата на аријанците на денот на Педесетница се јави знакот на Крстот, посветол од сонце, се простираше над Ерусалим и над Елеонската Гора. Ова траеше неколку часа, а почна во девет наутро. За оваа појава што ја видоа сите жители на Ерусалим му пишаа и на царот Констанциј и тоа на мнозина им послужи за утврдување во Православието, а против ереста.

Во времето на Отстапник се случи друг знак. За да го понижи христијанството Јулијан ги наговори Евреите да го обноват Соломоновиот храм. Св. Кирил Му се молеше на Бога тоа да не стане. И имаше страшен земјотрес којшто урна сѐ што беше обновено на храмот. Тогаш Евреите почнаа одново да градат. Но повторно фати земјотрес и го урна не само новоизграденото туку и старите камења кои уште се држеа под земјата. Така се обвистини зборот Господов: „ни камен на камен овде нема да остане“.

Од многубројните списи на овој Свет отец зачувана е само неговата „Катихетика“, првокласно дело што ја потврдува верата и праксата на Православието до денешен ден. Овој светител беше необичен архипастир и голем подвижник. Се одликуваше со смирение и кротост, а сиот беше испостен и блед во ликот. После многуплодниот живот во подвиг и витештво за верата во Христа, мирно се упокои во Господ.