Старците нè учеа дека мораме да ги одбегнуваме малите грешки, ако сакаме да се сочуваме од поголеми и потешки. Зашто најчесто од тие незначајни попуштања во душата се ствара лоша навика и незабележливо се паѓа во сè поголеми престапи.

Колку само, на пример, тешка работа е осудувањето на другите, нашите ближни. Од тоа нема ништо полошо, тоа и Отците го зборувале. А во тој огромен грев паѓа човекот токму од невнимание на тие наизглед мали и ништовни работи.


Бидејќи штом ние почнеме макар и најмалку да му забележуваме на другиот, и да обраќаме внимание што тој прави, нашиот ум повеќе не внимава на своите грешки. А после тоа веќе доаѓа оговарањето, осудувањето и презирањето на другите, и на крајот неминовно паѓањето во оној исти грев, кој што го осудуваме кај другиот. Токму затоа што човекот не се грижи за своите слабости и „не го оплакува својот мртовец“, како што зборуваат Отците, туку обраќа внимание на делата на ближните, не може да напредува во доброто. Гревот на осудувањето е толку потежок од останатите гревови, што Христос вели: „Зошто ја гледаш раската во окото на брата си, а гредата во своето око не ја осеќаш?“(Лука 6,41). Оној фарисеј, кога зборувал за своите доблести и Го славел Бога поради нив, не зборувал невистина – и ние сме должни да Го славиме Бога ако ни појде од рака да направиме некое добро – и не бил осуден поради тоа, како ни за тоа што рекол „не сум како останатите луѓе“, туку кога се свртел кон цариникот и рекол: „или како овој цариник“. Тогаш се подложил на осуда, зашто осудил човек, го осудил расположението на неговата душа, целиот негов живот. Затоа и цариникот излегол оправдан а не оној фарисеј (Лука 18,11).

Всушност, зошто ние осудуваме, и што сакаме од Божјите твари? И без тоа ние имаме за што да се грижиме. Секој нека внимава на себе. Единствено на Бога Му припаѓа правото да суди и да оправдува. Единствено Он ја знае моќта, надареноста и домостројот на телата и душите и околностите на секој од нас.

Се сеќавам, сум слушал дека некогаш се случил ваков случај:

Во едно пристаниште пристигнал брод полн со робови. Кога слушнала за тоа една света девојка од тоа место, многу се израдувала зашто сакала да купи едно девојче, и да го воспита така што тоа да не ги дознае пороците на овој свет. Од сопственикот на бродот таа дознала дека има на располагање две девојчиња, токму онакви какви што таа сакала. Веднаш го откупила едното од нив и го зела кај себе. На следното пристаниште една развратна жена го откупила другото девојче.

И така, оваа света девојка го зеде девојчето и го воспита во стравот Божји, упатувајќи го во секое добро. А онаа жена блудница, земајќи го она кутро девојче, од него направи орудие на ѓаволот. На што таа несреќница и можеше да го научи кутрото дете, освен на пропаста на душата?

3.angeli.so.truba

Кажете ми сега, што можеме да кажеме ние за нивната страшна судбина? И двете девојчиња биле мали, и двете продадени, и самите не знаејќи каде. Но, едното се нашло во рацете Божји, а другото паднало во рацете на ѓаволот.

Може ли некој да претпостави дека Бог ќе бара исто и од едното и од другото? Тоа е невозможно. Едното знаело за судот и за Царството Божјо, деноноќно се учело на зборовите Божји, а другото никогаш ниту видело ниту слушнало нешто добро. Како тогаш и двете би биле судени со еден исти суд? Може ли сега тоа некој да го објасни?

Никој не може ништо да знае за судбините Божји, зашто единствено Он знае сè, и единствено Он може да суди.

Се случува, на пример, некој да греши од простота, но има одредена доблест која што Му е угодна на Бога многу повеќе отколку целиот твој живот, а ти го судиш и осудуваш, и така само ја оптоваруваш својата душа. Ако му се случило и да погреши, знаеш ли колку пред тоа се борел и колку труд вложил да го одбегне гревот, и, што знаеш, можеби неговото грешно дело пред Бога е дело на правдата. Зашто Бог го видел неговиот труд и неговата жалост и го помилувал. А ти го знаеш само неговиот грев. И додека Бог го милува, ти го осудуваш и ја губиш својата душа. Ти си го видел неговиот грев, но неговото покајание не си. Знаеш ли колку солзи тој пролеал пред Бога за тој грев?


3.angeli.so.truba
И кога барем само би осудувале… Но ние имаме обичај и да го презираме грешникот и да ја свртуваме главата од него, како од некаква гадост. Тоа е уште полошо и многу пострашно. Но, не застануваме тука, на таа своја сопствена штета, туку веднаш одиме понатаму, и штом сретнеме некого говориме: „Знаеш ли што сторил тој и тој“, та така и во неговото срце внесуваме смут и грев. И не се плашиме од Оној Кој рекол: „Тешко на оној кој ближниот свој го пои со пијалок измешан со злобата своја, за да ја види голотијата негова“ (Авакум 2,15).

Сето тоа ние го правиме затоа што немаме љубов. Кога би имале љубов, на недостатоците на ближниот би гледале со болка и сочувство, како што е напишано: „Љубовта покрива многу гревови“ (1 Петар 4, 8); и „Љубовта не мисли зло, не се гордее, не завидува, не бара свое, сè поднесува, сè покрива“ (1Кор. 13, 5).

Значи, кога би имале љубов, љубовта би го покрила секој грев. А светителите така и постапуваат кога ги гледаат човечките недостатоци. Мислите ли дека Светите се слепи и не гледаат? Зарем постои некој кој повеќе го мрази гревот од нив? Па сепак, тие не го мразат човекот и не го осудуваат, не свртуваат глава од него, туку страдаат со него, тагуваат заради него, го вразумуваат, го лекуваат и прават сè за некако да го спасат. Со долготрпеливоста и љубовта тие го привлекуваат и придобиваат, постапуваат како мајката со развратниот син, за со текот на времето да го поправат.

Значи, ако сакаме да се сочуваме од оговарање, осудување и презирање, мораме да ја умножиме љубовта и да си помагаме еден со друг. Кој од нас, ако на раката или ногата има рана, се грози самиот од себе и си ја отсекува раката, макар и да е целата во гној? Напротив, целото внимание го свртува токму на таа рака: ја мие, ја премачкува со лековита маст, ја превива со чисто платно и моли да се исцели. Така треба да се постапува и со грешникот. Зашто ние сме, вели Апостолот, едно тело во Христа (Рим. 12, 5). Секој треба да му помага на другиот според својата моќ, или со поука или со утеха или со пружање на помош. Секој треба да се грижи да има мир и единство со сите. Зашто колку човекот се соединува со луѓето, толку повеќе се соединува со Бога.

За подобро да ви објаснам, ќе ви го претставам тоа со една слика, која нам ни ја предале светите Отци:

    Замислете еден круг, неговиот центар, и прави линии кои тргнуваат од центарот. Претпоставете дека сега тој круг е светот, центарот на кругот е Бог, а правите линии кои тргнуваат од периферијата и одат кон центарот се патиштата на човечките животи. И колку што светителите, сакајќи да се приближат до Бога, влегуваат во внатрешноста на кругот, толку стануваат блиски до Бога и еден со друг. И колку се приближуваат до Бога, толку се приближуваат и еден до друг. И колку што ќе се приближат еден до друг толку се приближуваат до Бога. Така треба да го сфатиме и оддалечувањето: кога се оддалечуваат од Бога и се свртуваат кон надворешноста, кон периферијата на кругот, јасно е дека колку се одалечуваат од Бога, толку се оддалечуваат и еден од друг. И колку што се оддалечуваат еден од друг, толку се оддалечуваат и од Бога. Таква е природата на љубовта: доколку сме надвор и не Го љубиме Бога, ние сме оддалечени и од ближниот. А ако Го љубиме Бога, тогаш колку што се приближуваме до Бога преку љубовта спрема Него, толку со љубовта се соединуваме и со ближните. И колку повеќе се соединуваме со ближните, толку повеќе се соединуваме и со Бога.

Нека нè удостои Бог да го слушаме тоа што е корисно, и тоа да го твориме, зашто ако се трудиме да го исполнуваме тоа што го слушнавме, Бог ќе нè просветува и упатува да ја разбереме Неговата света волја. Нему слава во вековите. Амин.

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/pouka-na-avva-dorotej-za-neosuduvanjeto-na-blizhniot-i-za-ljubovta/

 

 



Извадок од: Житија на светиите: јуни; Струмица, 2010; стр: 126-129