sv.filaret.moskovski3.jpgНе би имал храброст на ближниот да му  кажам: Сакам да ме сакаш; но ми се чини, дека не би му рекол ни: Не сакам да ме сакаш. Во тоа има нешто што одбива, нешто што отуѓува и што на срцето на другиот човек може да му нанесе тежок удар. 

Многу е корисно да знаеш како да критикуваш, зашто тоа е лек против гордоста, како и поука секогаш да бидеме внимателни.

Речиси и да нема потреба да го критикуваме човекот своеволно, освен ако тој самиот не даде повод  да му се каже вистината. Тешко е да се осудува, зашто во тоа многу лесно може да се замеша и самооправдувањето. Освен тоа, осудата може да му направи непријатност на оној кој ја пренел таа осуда, и затоа најдобро би било да Му се молиме на Бога, за Он сите нас да нè научи на постапките на ближниот да гледаме со чисти очи, без осуда и сомневање.

Ако другиот човек не покажува желба за помирување, вие од своја страна покажете мирољубивост и не судете строго. Не треба самите себе да се подложувате на стрелите и нема ништо лошо во тоа да се употреби штит, тогаш кога другиот ве напаѓа.

Никогаш не треба да се влегува во препирки, а особено тогаш, кога непријателот може да го надзборува оној кој е во право и кога тој не се плаши дека ќе биде прекинат, туку се надева дека во случај на неопходност, ако веќе не може да му докаже дека не е во право, својот противник може да го победи со грубост и потсмев.
Праведно е и полезно меричката на трпението да ја полниме со водата на кротоста и да ја излеваме врз огнот на љубомората, за овој да може полека да гори, та да не се распламтува и претвора во пожар, кој е во состојба да излезе од контрола и да ги уништи ѕидовите на љубовта, снисходливоста и смирението.
Мене ми изгледа дека непријатели има малку, но многумина се оние кои, поради недоразбирање, погрешно ги сфаќаат другите луѓе и нивните постапки, па заради тоа стануваат недобронамерни.

Покорисно е на навредите да се одговори со кротост, отколку со навреди. Да се потсетиме на вистината дека нечистотијата не се отстранува со нечистотија, туку со вода.

Не треба да се плашиме од клеветите, туку да бидеме претпазливи во врска со нив. Тие нè учат на претпазливост, а претпазливоста прави клеветите да станат немоќни.
Зошто човекот сам себе се вознемирува со тегобни размислувања за некоја ништожна непријатност? Зошто нашиот мир и нашето спокојство би требало да зависат од некакво размислување? Ако сме постапиле правилно, нека е слава на Бога, а човечкото мислење тоа не може да ни го одземе.

Би требало да ни е потешко да ги осудуваме луѓето, отколку мирно да ги набљудуваме, како што го набљудуваме ветрот што ги ниша гранките на дрвото, или кога гледаме како тече реката. Меѓутоа, очигледно е дека на човекот му е тешко да гледа без да осудува. Што да се прави? Треба постепено да се учиме на тоа најпрвин себеси да се осудиме поради тоа што ги осудуваме ближните, потоа да се воздржуваме од осудување со збор, тогаш кога ќе се појави таква помисла, а потоа да ја запреме и самата помисла за осудување на другиот. Оној кој доволно се познава и осудува себеси, тој нема време да ги осудува другите.

Немојте упорно да ги избегнувате луѓето, зашто меѓу нив има и Божји луѓе. Би требало да се трудиме дури и добрите дела да ги извршуваме со доза на претпазливост, за да не се случи да им претходи некое наше мудрување и своеволност. Кога сме во контакт со луѓе со различна вероисповед, треба слободно и смело да ја изразуваме својата убеденост и исправноста на православната вера. Но, кога ги критикуваме заблудите и заблудените, би требало да покажуваме кротост, мир, снисходливост и претпазливост: ова се особини кои се исто толку  потребни колку и ревноста.

Не го претворај во бура ветрето на човечките лекомислени зборови. Има клевети кои го водат човекот во прогонство, кои фрлаат во беда, затвор, и тоа не е лесно. А зарем не е полесно клеветата, како ветер, само да помине покрај вашите уши? Влези во својот дом и не го слушај бучењето на ветрот.

Во контакт со неспокојните луѓе, полезно е кон нив да се однесуваме што поедноставно, што помирно и што поспокојно, без каква и да било извештачена присност, но и без намерна оладеност. Ваквото однесување нема да им наштети ни на оние што се спокојни.

Кога ќе ја положиме својата надеж во Бога, можеме да ги поднесеме неволјите и да го сочуваме својот мир, па макар и да не среќаваме мир кај оние кои нè опкружуваат. Зашто, речено е: бев мирен со оној кој го мрази мирот. Бог да даде и тие да го засакаат мирот.

Оној кој гледа со сомнеж, тој лесно може да стекне омраза кон човекот. Оној кој сака да има љубов кон ближниот, би требало да гледа чисто и едноставно. Треба да се избегнува гневот. Гневот не го приближува човекот до правдата Божја. Со него може само да се разбуди и зголеми раздразнетоста на другиот човек. Само со трпение и мир може да се одоброволи човекот. Духовниот закон вели дека треба да му се помогне на ближниот, а притоа да не се навредува и повредува другиот.

Добро е да се зборува вистината, тогаш кога обврската или љубовта кон ближниот го бара тоа од вас. Но, тоа треба да се прави така што да не се осудува ближниот, да не се гордееме и вознесуваме како некој кој можеби подобро ја познава вистината од другите. Освен тоа, потребно е да ги знаеме луѓето и настаните, за да не се случи наместо вистина да дадеме укор,  и наместо мир и кротост, да причиниме непријателство и штета. Човечкиот збор може да биде остар како меч и тогаш тој ранува и убива, а може да биде и благ како елеј и тогаш тој е како мелем што исцелува.

Не судете, за да не ви се суди, па дури ни тогаш кога ви се чини дека има причина за осуда, зашто оној кој Му е близок на Бога, може да стои или да паѓа. Уште пострашно е ако судите како злонамерен судија. Вие си мислите дека луѓето зборуваат бесмислици, но тие зборуваат за она што е полезно за душата и за тоа како да се прават добрини.
Кога ги осудуваме своите ближни, ние самите на себе си нанесуваме голема рана. Од ова треба да се чуваме и да се искупуваме така што ќе се осудуваме и укоруваме себеси, и ќе се молиме Бог да биде милостив кон оние што сме ги осудиле и кон нас кои сме осудиле.

Трудете се срцето и намерите на ближниот да ги прифаќате позитивно. Во тој случај поретко ќе имате прилика да згрешите, а на вашиот ближен ќе му биде полесно да се поправи.

Како што рече древниот философ, не треба да се возбудувате ако ве клоцне магаре.

Подготви: Б.Ѓ.